
Изминатиов период се артикулираа два концепта кои се врзани со изразот на македонското национално чувство, во два засебни процеси. Првиот се случуваше во Грција и е непобитно поврзан со дејствувањето на организацијата или партијата за права на македонското малцинство “Виножито”. Другиот е поврзан со “фантомска организација” која со плакати низ Скопје промовираше “гордост”.
“Виножито” е актуелно; освен скандалозните настани околу промоцијата на грчко-македонскиот речник во Атина, партијата е активна и во кампањата за претстојните европски избори, на кои се очекува вистински крах на двоецот ПаСоК – Неа Демократија и значителен успех на Комунистите (ККЕ), како и на коалициите на крајната левица (СИРИЗА) и десница (ЛАОС). Во една таква атмосфера на редефинирање на политичката сцена, “Виножито” излегува со платформа која целосно го предизвикува постојниот режим, “јавајќи на ветрот на незадоволството” предизвикан од константното пропаѓање на грчкиот систем. После сите притисоци од меѓународни инстанци во врска со заштитата на малцинствата, се чини дека конечно ригидноста на Грција во врска со граѓанските политики има шанси да омекне и тука “Виножито” може да одигра голема улога.
На ЈуТјуб, на пример, осамнаа клипови од кампањата на “Виножито”. Навистина потресно е да се гледа како стари луѓе ракажуваат траорни животни судбини и повикуваат на самоопределување децении по Ленин и Вилсон. Една од клучните пораки на “Виножито” оди токму во тој правец; тие велат: “Не плашете се!”, во обид да ги охрабрат етничките Македонци да гласаат за партија која ќе ги застапува во Европскиот парламент.
Од друга страна, после фантомските “7000 години писменост”, “Не одете на одмор каде што не ве признаваат” и ним слични кампањи, во Скопје се случи и кампањата “Гордост”. “Александар бил Македонец, Филип бил Македонец... Ченто бил Македонец (сите до еден машки ликови, м.з.)... Биди горд (строго во машки род, м.з.) на своето минато!” Со ваквите плакати дополнително се перпетуира националистичкото поистоветување на категориите нација, етницитет или историска заедница (како може и гемиџиите и Филип Втори да се третираат под исти именител, кога ги делат милениуми и разлика во контекст од антиимперијален тероризам до империјално војсководство!?). Згора на тоа, на граѓаните им се сугерира дека треба да се гордеат со нешто за што самите тие ништо не направиле – ем да се гордеат со туѓи дела, ем да се гордеат со фактот што се родиле баш како Македонци. Организаторот е официјално непознат, но делото целосно се вклопува во дискурсот на национализирање на општеството и културализирање на политиката од 2006 па наваму: ликовите кои се набројани, на пример, се сите оние чии споменици ќе осамнат на плоштадот.
Она што ми остави впечаток, е презентирањето и восприемањето на овие две вести. Во коментарите на онлајн вестите, а и во некои од самите вести, на профилите на социјалните медиуми, па и во муабет со одредени пријатели, честопати присутно е прифаќање на овие две различни појави како лице и опачина на еден ист феномен – македонската национална идентификација. Се поставува знак еднаквост помеѓу гордоста и стравот. Затоа би сакал да продискутирам некои клучни точки околу сето тоа.
Прво, постојат фундаментални разлики помеѓу концептот на “Виножито” и концептот на “Гордоста”. Додека во голема мера платформата на “Виножито” е градена врз база на фактичките услови во Грција (на пример, немањето можност за официјална употреба на мајчин не-грчки јазик; погледнете го, на пример, клипот кога Воскопулос е избркан од ТВ студио или примерот со речникот), “Гордоста” доаѓа сосем непотребно и непредизвикано (или можеби од параноја). Додека “Виножито” артикулира анти-режимски национализам кој се залага за плурализација на идентитетите, “Гордоста” артикулира “национализирачки” национализам, кој има за цел да хомогенизира и да му вдахне на националното чувство една морална но и сакрална компонента на почит и одговорност кон мртвите предци (сите од списокот на плакатот се одамна починати луѓе).
Второ, секое нивно интерпретирање како взаемно комплементарни појави е контра-продуктивно, особено за каузата на “Виножито”. Од една страна, поврзувањето на партија која се води од начелото на само-определба со еден all-inclusive национализам (од Александар до Ченто), ќе има функција на делегитимирање. Не може да се очекува слободарски ориентираното “Виножито” да го задржи моментумот ако биде поврзано со сомнителните политики на градење споменици и терање историски правдини. “Виножито” на нормативно ниво е поставено против една хомогенизирачка реторика; поврзувањето со друга слична реторика ќе значи погазување на основните принципи. Во пракса, тоа ќе им даде оправдување на сите оние кои зборуваат за македонски иредентизам кон Грција а “Виножито” би се стекнало со етикета на продолжена рака на “надворешната татковина”.
Од друга страна, имајќи го предвид фактичкото постоење на македонски иредентизам (пример, ВМРОвската младина која на химната отпоздравува со крукче+три прсти, за трите дела кои треба да се обединат) самата поддршка која македонските националисти му ја пружаат на македонското малцинство во Грција е несоодветна. Додека таму се бие битка за самоопределување, во имагинацијата на македонскиот националист засегнатото малцинство станува симбол, објект на конфликтот, додаток во “спорот”, еден од трите прста со кои се гестикулира. Поддршката воопшто не е за правото на самоопределба или за други права (многу веројатно истиот тој националист би бил згрозен ако се формира некое грчко друштво во Македонија, на пример), туку за “каузата”. Таквата ситуација, за секој искрено засегнат за правото на самоопределба е бесмислена, зашто се работи за двојни стандарди.
Трето, ставањето на македонското етничко малцинство во Грција во ист контекст со кампањата за “Гордост”, влијае негативно на динамиката на настаните во Македонија, во смисла на запоставување на мултикултурниот прифатен модел на сметка на форсирањето на ексклузивноста на македонската етничка идентификација. Малцинствата (не само етнички) не се претставени (или се незначително претставени) преку сите тие идентитетски проекти (освен, можеби, ако не сметаме дека сексуалните малцинства се делумно претставени преку Александар Би Македонски ;) ). Занимавањето со она што се случува во туѓиот двор на сметка на запоставувањето на редот и поредокот во сопствениот, на подолг рок нужно ќе резултира со незадоволство кај етничките немакедонци и кај дел од Македонците во Македонија. Впрочем, нелогично е некој да се чувствува повикан да се бори за правата за граѓанин на друга држава, а да го пика сопствениот сограѓанин под тепих. Тоа беше дискурсот кој еднаш тивко ја раштима Македонија, а веќе има солидни симптоми дека земјата пак може да се дестабилизира.
.jpg)
* * *
“Виножито” и проблемот со самоопределувањето на македонското малцинство во Грција е проблем кој директно ја засега Република Македонија пред сè зашто се случува отаде јужната граница. Згора на тоа, многу граѓани имаат тесни врски со луѓето таму, и нивните интереси во таа проблематика се многу повеќе лични отколку политички. Во таа смисла, разбирливо е дека на проблемот треба да му биде посветенао внимание. Меѓутоа, не само поради деликатноста на спорот со Грција, туку поради можните импликации на сопствениот развој, сентиментот кон малцинското прашање во Грција треба да биде редуциран што е можно повеќе. Походот кон самоопределување е нешто што е во согласност со здравиот разум и успехот нема да изостане. Уште поважно, гледањето на малцинскиот спор со ладна глава би помогнало и при неутрализирањето на идентитетската политика на помакедончување на општеството. Затоа што интензивното гордеење со минатото неминовно еден ден во Македонија ќе создаде пандан на “Виножито” кој на избори ќе ни порачува да не се плашиме од сопствената различност.
Илустрации: Helnwein
Секако дека се два различни
Испратено на 08 јуни 2009 од Марио ШаревскиСекако дека се два различни концепти. Најпрвин тие се две општествени движења и концепти во две различни самостојни и суверени држави, во две одделни општества и што е најважно двете се во сосема различна положба и нивната цел е исто така различна. Во тоа се состои различноста во концептите на Виножито и на неименуваната организација која ги лепи плакатите Гордост.
Единствено што нив ги поврзува е тоа што и двете се составени од Македонци и дејствуваат во иста општествена сфера (во различни општества), но не гледам причина тие две организации да се споредуваат или пак да се поврзуваат, бидејќи воопшто нема основа за тоа. Тие досега меѓу себе не контактирале ниту пак се спомнале едни со други (ни Виножито ги спомнало горделивите, ни горделивите го споменале Виножито) за да се споредуваат. А згора на се немаат ниту заеднички допирни точки, за да се поврзуваат.
А инаку логично е горделивите да ги поддржуваат Виножито, бидејќи тие се наши сонародници - Македонци, дел од нашиот народ, па секако дека е логично брат на брата си да помогне и да го поддржува. И јас како Македонец и како слободен човек, ги поддржувам моите сонародници браќа Македонци од егејска Македонија кои се борат за својата слобода, која воопшто ја немаат за разлика од Албанците, Турците, Србите, Власите, Бошњаците, Ромите, Евреите, Југословените и сите останати во Република Македонија, кои потполно ја имаат и на рамниште на човекови, граѓански, малцински, културни, политички и на секаков вид на други права и слободи.
Она што е пак многу добро од страната на Виножито, е што тие знаејќи ја тежината на целиот проблем околу македонското прашање (спорот со името, негирање на националниот идентитет, култура, јазик и историја, негирањето на правото на национална држава на македонскиот народ), тие јасно се ограничија од инситуционална помош од Р.Македонија, па затоа освен со македонската јавност немаат никаква допирна точка со македонската држава, помагајќи и на нашата држава Македонија, која веднаш би се нашла на удар од Грција и меѓународната заедница, доколку има било каква поврзаност со Виножито.
Како редовен читател ме интересира една работа. Како тоа повеќето левичари, комунисти, анархисти и анархо-социјалисти, синдикалисти, герилци, феминистки, хомосексуалци во Македонија како борци за човечки права, слободи и правдини, се согласни со компромис за промена на името на нашата држава Македонија, наметнато со сила и од неразумни причини, кога тоа е најголема човечка неправда и најочигледно и безобразно кршење на човечките права и слободи?
Многу поздрави и само напред. На нашето затворено општество неопходни му се дебати, кои за жал не може да се одржат на поткупените медиуми па мора да се одвиваат тука на интернет.
Фино што има интерес за
Испратено на 10 јуни 2009 од АнонименФино што има интерес за дискусии, ама сепак може не е лошо да го лимитирате бројот на дозволени карактери. Јанлаш работа ако се дозволуваат коментари подолги од текстот кој се коментира.