Во револуционерниот Бенгази

03.03.2011 09:45
gaddafi.jpg

Ако се вози со самоубиствена брзина, либискиот град Бенгази е оддалечен шеснаесет часови од египетската престолнина Каиро. Овие два града се поврзани со пат, но исто така и затоа што неодамна беа ослободени од антивладини демонстранти. На мојот пат кон Либија, во саботата, од египетската страна на границата сè беше во ред. Поточно кажано, таму сретнав погранична полиција и емиграциски службеници кои, во ходниците во кои се туткаа стотина бегалци кои бегаат од Либија – во најголем број од Виетнам и Бангладеш – ми удрија печат во пасошот и ми мавнаа мене и на моите сопатници да продолжиме понатаму. Тука завршија „вообичаените“ работи, зашто преминување во Либија подразбираше да се оди пеш низ неколку километри ничија земја до граничната станица која, кога еднаш ќе ја поминете, ја наоѓате препуштена самата на себе во „новата Либија“.

Нè дочека група ентузијастички расположени млади луѓе кои ја имаа улогата да бидат чувари и кои ни понуди топол, сладок чај. Ни го покажаа новото знаме – старото црвено-зелено-црно кралско знаме на Либија, а не знамето од ерата на Гадафи (едноставно парче зелена ткаенина) – кое го истакнаа на највисокото место. Сакаа да ги сликаме пред знамето, како на тој начин да ќе ја потврдиме промената во нивната земја, која сè уште изгледа толку кршлива. Зградите што ги опкружуваа беа напуштени, со графити исцртани по ѕидовите, а зад нив се простираше пустината.

Либиската имагинарна слобода изгледаше како фатаморгана додека шест часа се возевме низ речиси ненаселени предели, низ пејзажи во кои се менуваа пустината и плодните зелени пасишта, и додека не стигнавме во стариот феничански град Бенгази, со неговите запуштени згради од италијанскиот колонијален период. Токму тука, мината недела, во трошната зграда на судот покрај брегот на морето, после неколку дена жестоки судири, го доведе „народот“ на чело на источна Либија.

Два часа откако стигнавме, се најдов пред зградата на судот, која сега е седиште на револуционерниот Бенгази, додека надвор имаше маса од повеќе стотина луѓе. Три карикатури на Гадафи висеа на еден столб, додека од другата страна на улицата се слушаше моќното завивање на морето. Толпата почна да скандира – нивните гласови одекнува моќно, ритмички, како некоја музика. Стоев на катот, гледајќи ја оваа глетка заедно со една доброволка, Иман Бугаигис, жена од четириесет години, професорка на стоматолошкиот факултет на локалниот универзитет.

Ја прашав што скандираат овие луѓе. Додека ми објаснуваше, ја опфатија неочекувани емоции, и почна да плаче: бараат смрт за Гадафи, ми рече. Кога сфати дека не може да ми ја објасни играта на зборови меѓу мажите и жените собрани пред судницата, кои стоеја во одвоени групи, меѓусебно разменувајќи зборови во форма на прашања и одговори, ми рече: „Она што се обидуваат да го кажат е сето она што не смееја да го кажат во текот на четириесет и две години. Она што го кажуваат е дека веќе не се подготвени да живеат со срам.“ Што за нив е срамот?“, ја прашав. „Гадафи“, ми рече таа. „Гадафи е нашиот срам.“

Извор: Њујоркер

ОкоБоли главаВицФото