Каде би завршил Гадафи?

03.03.2011 15:07
Каде би завршил Гадафи

Моамар ел Гадафи не покажува дека е спремен да ја напушти положбата на либиски властодржец. Меѓутоа, зад кулисите веќе се претпоставува каде би можел да пребегне диктаторот откако ќе биде поразен во народното востание. Тој нема многу пријатели во светот.

Германската агенција DPA анализира каде би можеч да заврши Гадафи откако ќе стане „поранешен државен шеф“. Агенцијата заклучува дека тој нема многу искрени пријатели во светот, но дека сепак постојат неколку земји кои би можеле да станат нов дом за либискиот диктатор.

Венецуела

Замислива, реалистична опција. Гадафи и левичарот на чело на оваа јужноамериканска земја Хуго Чавез ги поврзува долгогодишно пријателство. Чавез во неколку наврати го посети Триполи, а Гадафи во 2009 г. престојуваше на карипскиот остров Isla Margarita. Во меѓувреме Чавез малку се дистанцираше од Гадафи, но во случај на нужда не би го оставил својот пријател на цедило, заклучува DPA.

Белорусија

Малку изненадувачки, но шведскиот институт Sipri како можно засолниште за Гадафи го наведе и Минск, главниот град на Белорусија. Изминативе денови најмалку во два наврати либиски авиони (од приватната флота на Гадафи) од Триполи летаа до еден белоруски аеродром и назад. Министерството за надворешни работи во Минск овие тврдења ги означи како „лаги“. Инаку, претседателот на Белорусија, Лукашенко, важи за „последниот диктатор во Европа“. Минатата година тој му понуди азил на симнатиот диктатор од Киргистан, Бакиев.

Зимбабве

Со пари, оружје и развојна помош Гадафи долго време ги „купуваше“ симпатиите на африканските државници. Владетелот во Зимбабве, Роберт Мугабе, се најде во потесниот круг на можните домаќини на либискиот колега поради својата наклонетост кон диктаторите. Пред дваесет години тој му понуди азил на симнатиот египетски диктатор Менгисту Хаиле Мариаме. Уште една сличност со Гадафи – и обајцата не трпат опозициски активности.

Чад

Многу срдечните односи на Гадафи со водството на Чад се наоѓаат на сериозен испит на зрелоста. За претседателот Идриз Деби можната молба од страна на Гадафи за пружање засолниште би дошла во многу незгодно време. Наскоро во Чад ќе се одржат претседателски избори. Гостопримеството на либискиот владетел би можеле да нанесе голема штета на угледот на Деби во претседателската трка.

Куба

Куба можеби не е најверојатната земја во која Гадафи ќе ги помине своите старечки денови. Револуционерот Кастро и револуционерот Гадафи никогаш не биле посебно добри другари. Заминувањето на Гадафи во Хавана веројатно не го симпатизира ни сегашното челништво во оваа земја, зашто тоа би било преголемо оптоварување за режимот кој со Куба владее половина век. Патем, за да спречи избивање на протести слични на оние од северот на Африка, кубанската влада „превентивно“ уапси стотина опозиционери.

Италија

Не. Речиси невозможно. Иако Гадафи и премиерот Берлускони ги поврзува вистинско „машко“ пријателство, Рим му го сврте грбот на некогашниот пријател и ги поддржа санкциите на западните земји против Либија. „Гадафи никогаш нема да дојде во Италија“, медиумите ја пренесуваат изјавата на шефот на дипломатијата Франко Фратини. Едноставно, Берлускони има премногу грижи од своите скандали и не може да си дозволи уште една афера.

Србија

Уште од времето на поранешна Југославија, односите на Србија и Либија се доста блиски, пишува DPA. Сепак, германската агенција ја релативизира можноста Гадафи да најде засолниште токму во оваа балканска земја која сака да стане членка на ЕУ. „Со оглед на посакуваното членство во ЕУ, Белград сигурно нема да се осмели да му понуди засолниште на Гадафи“, заклучува DPA.

Извор: deutsche welle

ОкоБоли главаВицФото