Народи под чизмата на диктатурата

08.03.2011 12:36
Народи под чизмата на диктатурата

Откако демонстрантите во Северна Африка веќе ги сметнаа од власт Зине ал-Абидини Бен Али во Тунис и Хосни Мубарак во Египет, а либискиот потполковник Моамер Гадафи ги одбројува последните денови, во светот, според анализата на „Novosti“, останаа уште 50 земји со кои управуваат диктатори, апсолутни владетели или уставни монарси со многу широки овластувања.

Најлоша е ситуацијата на африканскиот контитент, каде што диктаторите сè уште контролираат над 20 или речиси половина од државите. Добар дел од африканските авторитарни режими потекнува уште од деколонизацијата, а Зимбабве сè уште се наоѓа под чизмата на истиот водач кој се бореше за самостојност, додека во многу други земји владејат потомци на првите водачи. Иако многумина од тие водачи во раните револуционерни денови беа носители на марксистички идеи и угледни членови на Движењето на неврзаните, со текот на десетлетијата тие се претворија во безочни угнетувачи и убијци на сопствените граѓани.

Латинска Америка, пак, по ерата десничарски хунти и диктатори спонзорирани од американските тајни служби, кон крајот на 20-от век тргна кон демократскиот социјализам со изборот на цела една низа левичарски претседатели, почнувајќи од Хуго Чавез 1998 г. во Венецуела до Хозе Мухице во Уругвај 2010 г., па на крајот остана само кубанската комунистичка диктатура на браќата Кастро. Иако новите левичарски претседатели ја разбудија надежта за реафирмација на социјализмот, Чавез веќе јасно покажа диктаторски намери, овозможувајќи си себе си неограничен реизбор.

По падот на Берлинскиот ѕид и почетните турбуленции низа земји се на пат кон демократија, а за последен европски диктатор денес се смета белорускиот претседател Александар Лукашенко. Русија на Владимир Путин и Дмитриј Медведев е далеку од слободна земја, а речиси сите азиски држави кои произлегоа од поранешниот СССР се претворија во диктатури на посткомунистичките властодржци, па заедно со Кина, Северна Кореја и земјите од Индокина тие го претставуваат авторитарниот појас кој се протега од истокот до западот на континентот.

Со теократскиот Иран, уште еден автократски регион е Блискиот исток, со владеењето на апсолутните султани и емири во повеќето арапски држави богати со нафта, како и класичната диктатура во Јемен, нестабилната демократија во Либан и израелската демократија која не важи за Палестинците. Иако, на пример, саудискиот режим е еден од најлошите во светот, на Американците, кои ги сметнаа авганистанските Талибанци и ирачкиот диктатор Садам Хусеин, воопшто не им текнува и таму да извезуваат демократија.

Според редовното истражување на состојбата со политичките права и граѓанските слободи во 194 земји од светот, кое го спроведува американската организација Freedom House, во 2009 г. 47 земји, или 24%, беа означени како неслободни, 58, односно 30%, како делумно слободни, и 89, или 46%, значи, помалку од половина, како слободни земји.

Според ова истражување, држави со најлоши режими се Бурма, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Либија, Северна Кореја, Судан, Туркменистан и Узбекистан, а следат Белорусија, Чад, Гвинеја, Куба, Кина, Лаос, Саудиска Арабија и Сирија.

Novosti создадоа список од 50 автократи кои под својата чизма држат вкупно 2.15 милијарди луѓе. Просечниот денешен диктатор на власт се наоѓа 18 години, а рекордери се Фидел Кастро на Куба со 57 години, Хасан Болкиах во Брунеи со 44 и Саид ал Саид во Оман со 41 година владеење. Ова се некои од најбруталните диктатури во светот.

Латинска Америка

Фидел Кастро, Куба

Владее 57 години со над 11 милиони жители

Водачот на кубанската револуција, кој наскоро полни 85 години, толку долго е на власт што повеќе не беше во состојба да ја издржи, па задржувајќи се начелото на Комунистичката партија во 2008 г. му ја предаде претседателската функција на помладиот брат Раул, кој набрзо ќе наполни 80 години. Остарените браќа на кубанскиот народ му донесоа еднаквост во сиромаштијата, а сите неуспеси на револуцијата, која изневерија со личната диктатура, му ги препишуваат на американското ембарго.

Африка

Омар ал-Башир, Судан

Владее 21 година со над 39 милиони луѓе

Откако со воен удар ја презеде власта и сите важни политички функции, ги укина партиите и независните медиуми, и воспостави шеријатски закон. Во граѓанската војна против неарапските племиња, која ја финансираше со пари од нафтата, убиени се меѓу 200 и 400 илјади цивили, а раселени се над два милиони. По злосторствата во Дарфур, Башир стана првиот шеф на држава обвинет во Хаг за геноцид.

Роберт Мугабе, Зимбабве

Владее 31 година со над 12 милиони луѓе

Прославениот водач на антиколонијалното ослободително движење во тогашна Родезија, од Зимбабве создаде земја со просечен животен век од 38 години. Аграрните реформи, кои резултираа со пропаст на земјоделството, ја спроведе така што земјата одземена од белците им ја додели на своите јатаци, а не на оние без земја. Мугабе сурово ги спречува опозициските собири и ги прекршува човековите права, а ни по изгубените избори во 2008 г. не си заминува од власта.

Теодоро Обианг Нгуема, Екваторијална Гвинеја

Владее 32 години со над 650 000 луѓе

Диктаторот кој во крвав удар го сметна и погуби својот вујко владее со една од најмалите но и најнапредни африкански држави. Но приходите од нафта завршуваат во рацете на властодршците, додека над 70% од народот живее со два долари на ден.

Мсвати III, крал на Свазиленд

Владее 25 години со над 1.2 милиони луѓе

Свазиленд е единствената преостаната африканска апсолутистичка монархија, која со уставот дсонесен дури во 2006 г. ги забранува политичките партии, на Мсвати му дава имунитет од прогон и одлучување за законите. Додека Мсвати е познат по луксузот и полигамијата, сиромашниот Свазиленд има 40% население заразено со ХИВ вирусот и најмал животен век од 32 години, а 70% од луѓето живеат со помалку од два долари дневно.

Исајас Афеверки, Еритреја

Владее 18 години со над 5 милиони население

Претседателот на Еритреја од нејзиното отцепување од Етиопија во 1993 г. го суспрендираше Уставот, ги укина изборите и приватните медиуми, по што Репортери без граници лани го ставија на последното, 178 место според медиумските слободи.

Идриз Деби, Чад

Владее 20 години со над 1.3 милиони луѓе

Во 2005 г. Transparency International ја прогласи Чад за најкорумпирана земја во светот, а истата година Деби си дозволи неограничен реизбор. Спроведува вонсудски ликвидации, измачувања, злоставување на новинари и активисти, а жените се жртви на силување и генитално сакатење. Се одржува со помош на војската, во која вложува најмногу, па на неа ги потроши и 30-те милиони долари што Светската банка му ги даде за изградба на нафтовод.

Џозеф Кабила Кабанге, ДР Конго

Владее 10 години со над 71 милион жители

Кабила е на власт на третата по големина африканска држава, а власта ја презеде на 30 години кога татко му, кој владееше 14 години, беше убиен. За време на татковиот режим беше заповедник на детската војска. Процентот на силувања, кои во неговото општество се сметаат за нормални, е најголем во светот.

Блиски Исток

Кралот Абдула, Саудиска Арабија

Владее 6 години со над 26 милиони поданици

Апсолутната монархија е само еуфемизам за саудиската диктатура поддржана од парите од нафтата во која остарениот 87-годишен крал владее со декрети, и во која се практикува измачување, во која се спроведуваат најодвратни угнетувања против жените и во која не се дозволени никакви протести. Но бесрамно богатата династија е верен трговски и политички партнер на Западот.

Шеик Калифа бин Заед, Обединети Арапски Емирати

Владее 7 години со над 5 милиони жители

Заед е емир на Абу Даби и наследен претседател на федерацијата кој вклучува уште шест емирати богати со нафта. Иако Емиратите во модернизацискиот процес ја прифатија листата на човекови права, таа не важи за странските работници, кои се дури 80% од населението и често се наоѓаат во робовладетелски односи.

Али Абдула Салех, Јемен

Владее 33 години со над 28 милиони луѓе

Со Северен Јемен владееше од 1978 г., а по обединувањето со Јужен Јемен во 1990 г. стана претседател на целата земја. Неговиот корумпиран и репресивен режим е одговорен за измачувања и вонсудски ликвидации.

Али Хаменеи, Иран

Владее 12 години со над 77 милиони жители

Како врховен водач на иранската исламска теократија, без чие одобрување не вреди ниедна одлука на владата, ајатолахот Хаменеи моментално ја спонзорира власта на претседателот Махмуд Ахмадинеџад, па по сомнителните претседателски избори во 2009 г. неговата паравоена организација Басиџ уби десетици протестанти. Ајатолахот директно ги поставува раководителите на судовите, медиумите, полицијата и војската, а режимот ги гуши човековите права и слободи, спроведува измачувања и егзекуции.

Поранешен СССР

Илхам Алиев, Азербејџан

Владее 8 години со над 9 милиони жители

Кога го наследи татка си Хејдар, тоа беше првото династичко наследување на територијата на поранеше СССР. Илхам забранува собири на опозицијата, и ги затвора нејзините водачи.

Нурсултан Назарбаев, Казакстан

Владее 22 години со над 16 милиони жители

Во 1984 г. стана шеф на владата, во 1989 на Комунистичката партија на Казахстан, за во 1991 биде избран за претседател со 91.5% од гласовите, без противкандидат. Семејството во корумпираниот систем бесрамно му се збогати, а тој си дозволи доживотен реизбор. Бидејќи веќе наполни 70 години, на научниците им наложи да пронајдат еликсир на младоста.

Гурбангули Бердимухамедов, Туркменистан

Владее 5 години со над 5 милиони жители

Овој забар беше министер за здравство додека беше жив неговиот претходник, ексцентричниот диктатор Туркменбаши, шеф на некогашната комунистичка партија која сè уште е единствената партија во оваа земја. Продолжи некои од ексцентричните пракси на својот претходник, како забраната на операта и циркусите, но и тоталитарните пракси, како забраната за политичко организирање.

Источна Азија

Тан Шве, Бурма

Владее 19 години со над 56 милиони луѓе

Шефот на бурманската воена хунта бескрупулозно ја кршеше опозицијата, па и протестите на будистичките монаси. На осиромашениот народ му ја ускратуваше меѓународната помош по катастрофалниот циклон Наргис во 2008 г. Хунтата неодамна ја ослободи од домашен притвор нобеловката Аунг Сан Су Чи и спроведе избори, на кои претседател стана човек од нивните редови.

Ху Џинтао, Кина

Владее 9 години со над 1.34 милијарди луѓе

Претседател на НР Кина и шеф на Комунистичката партија која практикува брзорастечки капиталистички комунизам. Строго контролираната економска либерализација од почетокот на 1980-те ја следи и тоталитарната контрола на општеството со стотици илјади политички затвореници, а во земјите од Третиот свет Кина го спроведува добриот стар експлоататорски империјализам од англоамерикански тип.

Нујен Фу Тронг, Виетнам

Владее 1 месец со над 90 милиони луѓе

Новоизбран шеф на Комунистичката партија која со Виетнам владее од 1975 г. Слично како и кинеските, и витнамските капиталистички комунисти моментално спроведуваат транзиција кон пазарна економија, без опозиција, со ограничување на човековите права и слободи, контрола на медиумите и интернетот.

Ким Јонг Ил, Северна Кореја

Владее 17 години со над 24 милиони луѓе

Драгиот Водач се наоѓа на чело на можеби најтоталитарниот режим во светот, наследувајќи го од татка си Ким Ил-сунг, покојник кој формално сè уште е шеф на државата, како Вечен Претседател. Покрај култот на личноста кон Ким Јонг Ил, на опозиција не смее ни да се помисли. Додека народот му живее во крајна сиромаштија, Драгиот Водач се забавува со нуклеарни експерименти.

Хасанал Болкиах, Брунеи

Владее 44 години со над 400 000 поданици

Најдолготрајниот апсолутен монарх кој нема наполнето 65 години. Според уставот е непогрешлив и носител е на сите можни функции во државичката на островот Борнео која, во суштина, се состои од нафтени полиња, султански палати и паркиралишта за неговата колекција од 3667 спортски автомобили.

Извор: novossti.com

Цртежи: Том Литлсон

ОкоБоли главаВицФото