Егзодус од библиски размери

11.03.2011 13:16
Егзодус од библиски размери

Беа потребни повеќе од три недели крвопролевање во Либија и стотици мртви за италијанската влада конечно да почувствува потреба да го осуди угнетувањето на Моамер Гадафи.

Министерот за надворешни работи на Италија, Франко Фратини, конечно се огласи на 26 февруари: „Време е Гадафи да се повлече“, изјави, окончувајќи го двонеделното срамно однесување на владата на Италија која досега беше најголемиот европски сојузник на либискиот диктатор.

Но изјавата на Фратини дојде предоцна за да ги поништи зборовите кои претходно ги изговори премиерот Силвио Берлускони. Во првата недела од побуната во Либија Берлускони на новинарите им рече дека не му се јавил на Гадафи – неговиот „близок пријател“ – зашто не сакал да го вознемирува. Овој ужасен избор на зборови предизвика загриженост низ Италија и ЕУ. Во своите рани изјави Фратини само ја изразуваше загриженоста поради можноста од „егзодус од библиски размери“ од брегот на северна Африка во малиот остров Лампедуза, најјужното парче италијанска земја во Средоземното море, неколку километри оддалечено од Либија и Тунис.

Вонредна состојба

Фратини и министерот за внатрешни работи, Роберто Марони, на медиумите им дадоа непроверени бројки: речиси 1.5 милиони луѓе наводно се подготвувале да ги напуштат Тунис и Либија и да пребегнат во Италија. Бројот подоцна беше намален на разумни 50 000. Досега нешто повеќе од 5000 се појавија на бреговите на Лампедуза. И тоа беше доволно италијанската влада да прогласи вонредна состојба на Сицилија. Деновиве се прави план за отворање на напуштените воени бази на Сицилија кои би требало да се пренаменат за засолништа за бегалците. Во официјалната изјава на владата, овие бегалци беа означени како „мигранти“ што претставува само шминка за можната хуманитарна криза на јужните делови од Италија да се дистанцира од неуспехот на политката на додворување на Гадафи која Берлускони тврдоглаво ја водеше последниве три години.

Центарот на Лампедуза за сместување на мигрантите, кои ќе успеат да го преживеат патувањето низ Средоземното море, е затворен откако Берлускони и Гадафи ја потпишаа Спогодбата за пријателство на 30 август 2008 г. Оваа спогодба на италијанската морнарица и полиција им дозволува да ги враќаат мигрантите во Либија, без оглед на нивната националност. Хуманитарните организации како Amnesty International и високиот комесар на ОН за бегалци остро го критикуваа овој договор, велејќи дека човековите права во Либија систематски се кршат и дека нема никакви гаранции дека луѓето кои имаат право на статус на бегалци ќе го добијат тој статус ако останат во пустинските затвори на Гадафи. Стотина луѓе од потсахарска Африка доживееја ваква судбина и постојат извештаи за лица кои либиската полиција ги оставила во пустината да умрат.

Истата таа либиска полиција беше обучена и опремена од Италија. Уште полошо, Гадафи отворено ги користеше мигрантите како средство за добивање политички и економски отстапки од слабата влада на Берлускони. Тој кога пристигна во Италија беше дочекан со сите почести, а Берлускони дури му бакна рака, што беше протолкувано како знак на политичко понижување оправдано од потребата да му се удоволи на Гадафи за од Либија да се добијат концесии за нафта и други економски погодности.

Каква ќе биде судбината на овие договори вредни милијарди долари засега е нејасно, иако новите власти кои се формираат во Бенгази велат дека ќе го почитуваат секој претходен договор. После силниот, иако во јавноста незабележан притисок на ЕУ и Америка, италијанската влада конечно беше принудена на 26 февруари да ги замрзне договорите меѓу Италија и Либија кои ги спречуваат италијанските сили да учествуваат во евентуална меѓународна, макар и хуманитарна, интервенција во Либија или во какви било санкции.

Политиката на Берлускони спрема Либија е последната етапа во долгогодишната политика која ја негуваат различни италијански влади. Дури и за реме на владеењето на коалицијата на центарот и левицата (2006-2008), удоволувањето на Гадафи беше една од насоките на италијанската надворешна политика, иако никогаш немаше толку неумерен тон како за време на Берлускони. „Предавањето“ на Гадафи за демократијата пред 800 луѓе во театарот во Рим минатата година веројатно беше најниската точка која Италија некогаш ја допрела на медитеранската политичка сцена.

Економски интереси

Причината за сево ова лежи во песокот на либиската пустина и во фондовите на либискиот суверен. Италија увезува над 20% нафта и 10% природен гас од Либија, Плус, либиските пари впливаа во некои од главните стопански и финансиски гранки на Италија, како Уникредит банката, некои градежни компании, па дури и фудбалскиот клуб Јувентус, каде што либискиот капитал изнесува 7.5%.

Вкупната надворешно-трговска размена на Италија со Либија изнесува 40 милијарди евра и вклучува продажба на оружје на режимот на кланот на Гадафи. Компанијата Augusta Westland на Гадафи му продаде 10 хеликоптери (секој вреди по осум милиону евра), додека италијанските фирми обезбедија радарска опрема која би го засилила надзорот над другите либиски пустински граници. Според независната организација Rete Disarmo (Мрежа на разоружувањето), Италија преку Малта во Либија извезла лесно вооружување во вредност од 79 милиони евра, а тоа се пушките, пиштолите и куршумите кои можеби се употребени за задушување на востанието овие денови.

Постои и второстепено ниво на интересите кое води до личниот имот на Силвио Берлускони и неговите врски со француско-либискиот бизнисмен Тарек Бен Амар, кој играше улога на посредник меѓу Рим и Триполи. Бен Амар е телевизиски и филмски продуцент кој во 1990 г. ја основаше компанијата Quinta Communications. 10% од комапнијата е во сопственост на либиската фирма Lafitrade, која е една од многуте ограноци на семејниот октопод на семејството на Гадафи, а од 2009 г. е сопственик на 22% од акциите на компаниите Quinta и Fininvest, кои се ’рбет на финансиите на семејството Берлускони.

Наспроти ова современо економски пријателство, во своето, веројатно последно, обраќање до јавноста, Гадафи се присетуваше на борбата која либискиот народ ја водеше против колонизацијата од страна на фашистичка Италија во 1930-те години. Тоа е јасен показател дека реториката на помирување и изјавите на пријателство беа само параван за економските интереси и заедничките матни зделки.

Извор: vreme.com

Слики: Анџелика Ј. Тројнарски