Нови решенија за старите конфликти

21.03.2011 15:39
Нови решенија за старите конфликти

Државите од Средоземјето се соочуваат со потреси кои не се паметат уште од ерата на деколонизацијата и стекнувањето на независноста. Народните револуции во Тунис и Египет ги избришаа длабоко вкоренетите автократски режими, либискиот водач Гадафи со сите сили се бори да се задржи на власт, а политичките лидери во Алжир и Мароко стравуваат од губење на авторитетот. Останува прашањето дали турбулентните настани претставуваат увертира за воспоставување демократски вредности на просторот на Медитеранот.

Медитеранските држави претставуваат дом за 475 милиони луѓе, од кои 272 милиони се Европјани, вклучувајќи 20 милиони муслимани, додека 200 милиони се Арапи и Евреи. Постои можност дека благодарение на Медитеранската унија, механизам кој францускиот претседател Никола Саркози го започна во 2008 г. за унапредување на регионалната соработка, ќе бидат зачувани наследствата од минатото, благодарение на кои Средоземјето се доживува како колевка на разумот, толеранцијата и хуманизмот. Медитеранската унија може да понуди модел за заеднички живот на граѓаните во земји каде што порано на власт биле диктатори и каде што постои страв од исламскиот фундаментализам.

Поради сè поизразените тензии во Европа предизвикани од она што злокобно се нарекува муслиманско прашање, лесно е да се заборави дека постоело време кога исламот, кој во суштина претставува потолерантна и посложена цивилизација одошто му се чини на Западот во изминативе десет години, навистина претставувал дел од европскиот начин на живот. Жителите на Медитеранот – муслимани, христијани и Евреи – и понатаму ја делат геополитичката, демократската и економската реалност од која не можат да побегнат. Затоа, не би требало да заборават дека демонизацијата, општествената исклученост и поделбите не се единствените опции, ниту смеат да станат судбина на регионот.

Меѓу главните соговорници на Саркози за време на заживувањето на Медитеранската унија во 2008 г. беа и претседателите на Тунис и Египет, Зин ел Абидин Бен Али и Хосни Мубарак. Сега, кога тие ја изгубија власта, се отвора патот за унапредување на меѓународниот дијалог, што ќе подразбира и значајно учество на претставниците на граѓанското општество. Европските водачи понекогаш имаат обичај да покажуваат тесни видици за да одговорат на долгорочните барања на гласачите наместо да размислуваат долгорочно, а и Саркози западна во замката на таквиот тренд. Тој во февруари изјави дека мултикултурализмот доживеал крах, додавајќи дека на муслиманските доселеници треба да им се овозможи да живеат и да ја проповедаат својата вера, но дека сака да види „француски ислам“, а не „ислам во Франција“.

Се разбира, Саркози не дефинираше што подразбира под француски ислам, но неговите коментари главни се протолкувани како ехо на реториката на Жан-Мари ле Пен, поранешниот лидер на ултрадесничарската партија Национален фронт. Наместо таквиот пристап, требаше да се сети на муслиманска Шпанија која блескала во Европа од 8 до 15 век, а тој период на исклучителен развој на културата претставувал увертира за препородот на Западот и инспиративна парадигма за соживот.

Интегрирањето на медитеранскиот свет во толерантното општество кое ќе им обезбеди мир и напредок на сите жители на регионот може да биде остварено и денес, токму како што тоа било случај и во минатото. Таквото достигнување би ја понудило потребната алтернатива за моделот на економската глобализација, која сè почесто се доведува во прашање.

Ако од растојание гледаме на ситуацијата во Европа, главно гледаме континент кој го губи значењето на светската сцена и кој е во конфликт со самиот себе и своето минато. Сепак, регионот на Средоземјето претставува голем потенцијал доколку механизмите како Медитеранската унија доживеат успех, поради што треба да се анализираат двете значајни обележја на револуциите во Тунис и Египет.

Прво, широката и ефикасна употреба на друштвените медиуми во обете земји открива исклучителен технолошки напредок и креативност на младите. Што е уште побитно, ја одразува силно изразената политичка свест и активизам на таа генерација. Несомнено, показател за успехот на реформираната Медитеранска унија ќе претставува степенот на задоволство на младите во регионот. Токму од таа причина потребно е да се создадат рамки за почитување на универзалните вредности кои ги поттикнаа народите во Тунис, Египет и пошироко да се побунат, вредности како слободата, личната одговорност, отвореноста, толеранцијата, солидарноста со послабите, правдата, родовата рамноправност, како и другите основни човечки и демократски права.

Имајќи ги предвид позитивните показатели во арапскиот свет, потребно е да се постави прашањето колку долго Европејците ќе бидат опседнати од исламскиот фундаментализам, и дали т.н. муслиманско прашање треба да биде користено како средство за борба против политичките противници. Многу млади гласачи во Европа не гледаат благонаклонето на таквите опортунистички тактики.

Најпосле, да се надеваме дека концептот на припадност на истото медитеранско семејство ќе донесе нови решенија за старите конфликти, така што, на пример, ќе им го понуди и на Палестинците и на Израелците исцелувањето кое обата народи го посакуваат.

Извор: Human Rights Watch

Илустрација: Никола Верлато

ОкоБоли главаВицФото