
Една од најважните работи кои што се случија изминатиов период беа изборите за пратеници на Европскиот парламент. Резултатите беа прилично разочарувачки во поглед на излезноста, но и изненадувачки во поглед на дистрибуцијата: во Франција, Зелените забележаа огромен успех, а во Шведска Партијата на Пиратите дури успеа да се избори за место во Парламентот. Сепак, она што останува како главна карактеристка за освоените места, е успехот на радикалните десничари во повеќе земји од Европа. Затоа во продолжение следат неколку точки на дискусија на таа тема.
1. Радикалните партии успешно трансцедираат социјални разлики. Во корпусот на нивните поддржувачи дел се луѓе кои успеваат во капитализмот, кои понесени од моќта која им ја овозможува капиталот чувствуваат потреба или одговорност да преземат нешто во врска со зачувување на “традиционалните вредности”. Значителен дел се и луѓе од пониската класа кои - до одреден степен ирационално - фрустрацијата од сопствената неповолна положба ја припишуваат на различните од нив во општеството (криви се Евреите, имигрантите, хомосексуалците, итн.). Успехот на првите сепак зависи од тоа колку ќе успеат да ја мобилизираат вторава група. Додека елитата е прилично ограничена, како бројно, така и во поглед на политичката дистрибуција и активности, секогаш клучот за успехот на една политичка платформа е во тоа дали ќе успее да ги мобилизира “широките народни маси”. Успехот на радикалните партии на овие избори се темели токму на успех на тоа поле – оние шака богати лидери полни со предрасуди успеаја да убедат голем дел од економски депресираното население дека главен виновник за нивниот намален животен стандард не се пазарот, кризата, финансиските (не)политики, туку дека главни виновници се “различните”. Во таа смисла, радикалните партии ја враќаат назад онаа сурова улога на идеологијата, пропагандата и харизмата во свет кој тежнее да се децентрализира.
2. Радикалноста на овие општествени слоеви не се сведува исклучиво на ставовите кои ги застапуваат. Радикалноста се рефлектира и во начините на делување. Голем дел од поддршката за овие политички партии доаѓа од неформални движења. На пример, во Унгарија, радикалниот Јобик е поврзан со Националната гарда, “невладина организација”, чие главно делување се сведува на маршевите на нејзините претставници, облечени во униформи и истакнувајќи симболи кои ги евоцираат од про-нациститичките години под Хорти и подоцна Арпад, пеејќи “патриотски” песни против Ромите, Евреите и Словените. Маршевите на оваа НВО се одржуваат исклучиво во места населени со малцинства. Јобик и останатите европски радикални партии се поврзуваат и со низа други “грасрутс” организации. Поентата овде е: значаен дел од нивната поддршка доаѓа од политички активни групации, од луѓе кои протестираат, маршираат, се судираат со полиција, печатат материјали и ним тие работи, без оглед дали се “добри” или “лоши” во својата суштина, им значат. Таквите луѓе нормално е дека на ден на избори најмалку што ќе направат ќе излезат да гласаат. Во исто време, поддржувачите на останатите партии се незаинтересирани или негативно настроени кон изборите. Сето тоа е една од причините за непропорционалноста помеѓу реалната и изборната поддршка за радикалите.
3. Легитимноста и воопшто смислата на изборите секако треба да се дебатираат, особено после последното искуство. Конкретно, со растечката поддршка и успехот на радикалите, се отвораат многу (привидно затворени) прашања. Прво, самата можност на учество на изборите на партии кои експлицитно или имплицитно негуваат предрасуди и оправдуваат насилство се должи на толерантните и инклузивните тенденции на Брисел. Тоа ја отвара дилемата дали и до кој степен треба да се толерираат нетолерантните. Се чини дека Европа се надева дека преку позитивен пример за толеранција ќе ги апсорбира радикалите; а тоа е повеќе или помалку неизвесно. Дополнително, отворена е и дилемата дали демократијата е само форма или во неа има и супстанцијална вредност. Радикалната десница во основа е во колизија со супстанцијалното толкување на демократијата (дека демократијата не е само постоењето фер избори, туку и негувањето на вредностите на рамноправност и сл. - радикалите се за кратење на правата). Од друга страна, Европската унија, барем од аспект на политичка организација, почива исклучиво на определен сет на вредности, меѓу кои значајно место зазема супстанцијално сфатената демократија. Апологетите на европската визија можат слободно да речат дека успехот на радикалите сведочи за тоа колку “демократска” е Унијата, отварајќи ги вратите и за контроверзната група од ксенофоби и сл. Меѓутоа, тоа “гостопримство” во пракса значи и огромна финансиска поддршка од Унијата за истото “лошо друштво”, што најмалку ќе ги оддржи радикалите во форма, ако и не им помогне за на следните избори да забележат уште поголем успех.
Тоа, во крајна инстанца, не само што отвара прашања за самите избори, толеранцијата или демократијата, туку отвара и дебата за смислата на постоењето на ЕУ. Дали е тоа инклузивен ентитет, кој на пример финансира и програми за еманципација на Ромите и партии кои поддржуваат насилство врз Ромите; дали е тоа инклузивна Унија која стимулира и социјална мобилност, но во исто време финансира партии кои шират одбојност кон емигрантите; дали е тоа инклузивна Унија која финансира програми за ненасилство, но и легитимизира партии со сопствени паравојски. Или е можеби Унија затекната од новонастанатата ситуација.
4. Бројни концептуални сличности можат да се сретнат меѓу партиите на радикалната десница. Повеќето од нив се националистички, христијански, ориентирани кон традиционалните вредности, хомофобични, ксенофобични, исламофобични, анти-семитски и слично. Важни разлики се, на пример, односот кон нацизмот или пак економските прашања. Сепак, големиот број сличности во определбите несомнено сугерираат дека е возможно формирање на одржлива радикална десна федерација или можеби Европска партија која би почивала на овие “вредности” (различни сојузи и коалиции од ваков тип постојат и постоеле во минатото, но без позабележителен успех). Хипотетички, радикалите, ако се здружат, можат да добијат уште повеќе финансиска помош, но и места во комисиите и, следствено, поголемо влијание. Сепак, спротиставеноста на соседните национализми, како и генералната нетолеранција на западните кон “новите” европски земји, се објективни потешкотии со кои радикалите можат да се соочат. Но, сепак, ако во нивниот случај профункционира принципот “определба пред националност”, нивното обединување може брзо да стане реалност.
.jpg)
* * *
Успехот на радикалните партии, сепак е одраз на едно ново време. Предрасудите (кои се клучни во нивната платформа), никогаш не и' биле туѓи на Европа. Референдумите, досегашните пробиви на радикалната десница и слично, се само еден од показателите на тоа. Сепак, процесот на симнување на маската на една среќна хармонична заедница се чини допрва ќе земе залет.
Има два начина како сево ова ја засега Македонија. Прво, зголеменото присуство на европската радикална десница значи зголемување на сентиментот против проширување на Унијата, а веројатно и против секакви отстапки за слобода на движење. Конкретно, тоа значи продолжување на шенгенските маки и тотален дебакл на најавите за укинување на визите и сето останато што би се подразбирало под “морков” во односите со ЕУ. Второ, водејќи се од претпоставка дека процесот на “свртување кон десно” има домино-ефект, не само во земјите на Унијата, туку и во тие надвор, може да се заклучи дека во скоро време во Македонија ќе почне да се диференцира радикална десна политичка опција која би ги канализирала националистичкиот, ксенофобичниот и останатите слични сентименти. Во некое друго време би претпоставиле дека таквата опција би варирала околу, да речеме, Љубе Бошкоски, меѓутоа неговата досегашна активност изненадувачки се темели на прилично прогресивни идеи.
Како и да е, следат жестоки дебати. Очигледно е дека табуа има сè помалку, и дека некои од тешко изборените граѓански слободи ќе треба допрва да се бранат. Она што ќе биде предизвик за мнозинството е да се успее во толеранцијата на нетолерантните. Она што ќе биде предизивик за засегнатите (Роми, Евреи, ЛГБТ, мигранти и нивните поддржувачи) ќе биде, меѓу другото, и нивното активирање за да се неутрализира надоаѓачкиот бран предрасуди.
Слики: Deborah Poynton