
Дали знаете што е тоа глобализам? Тоа е кога човек од длабоката американска провинција, од некоја си низина или висина (да речеме, од гратчето Гејнсвил од Флорида) ќе смисли некаква бесмислена будалаштина (на пример, да го запали Коранот), а на другиот крај од светот (да речеме од Авганистан) таа иста будалаштина ќе предизвика верско цунами во кое од раката на споулавената толпа загинуваат 12 лица, меѓу кои седум службеници на мисијата на ОН.
На оваа, навидум необична причинско-последична врска, без размислување може да и’ се додаде уште еден, помалку учтив назив – идиотизам.
Тоа што 59-годишниот Тери Џонс, човек кој себе си се нарекува пастор на црквата со возвишено име (Dove World Outreach Center), е клинички идиот без исклучок, на сите им е јасно уште од прв поглед. Бидејќи помина доста време откако тој се јави со оваа идиотска идеја. Уште минатата година го видов на телевизија како громогласно го најавува остварувањето на својата замисла на „Денот 9.11“ свечено да го запали Коранот. Да не издишуваше неговиот збор со таква апсолутна и безочна дрскост, црното одело, мустаќите како на морж и пријатниот бас на гласот би биле поединости кои тешко би можеле да привлечат нечие внимание. Идиотот кој тропаше монструозно агресивни глупости, надмено се доживуваше себе си како пророк кој носи благовест.
И сите по ред почнаа да го уважуваат. Сите го мазеа и пазеа. Министерот за одбрана Роберт Гејст му се јави телефонски и долго му објаснуваше дека неговата акција може да има погубни последици, посебно по оние негови сограѓани кои во униформи денес престојуваат во странство. Дури и претседателот Обама, во еден свој настап на радио, изрази надеж дека во душата на пасторот на крајот сепак ангелите ќе ја однесат победата.
Не знам дали тогаш помогнале ангелите или се вмешал некој друг, но пасторот тогаш се откажа од своите најавувани намери. Самиот се јави и рече дека засега нема да прави ништо од она што го наумил бидејќи така се договорил со „иманот“. Да, токму така, „иман“ беше титулата која тој повеќе пати ја спомена во својата изјава. Со кој „иман“? Околу што? Кој би знаел. Но опасноста мина и тоа беше најважно.
Излезе дека не било за долго. Веројатно, за да не ги вознемирува ангелите, пасторот овојпат се реши за акција без најава. Тој и уште еден нему сличен интелектуалец сами го подготвија својот мал и тивок празник, го запалија Коранот и тоа го прогласија за праведен суд над исламот. И така се остварија заветните соништа на еден идиот.
Дали го читал Коранот? „Не до крај“, беше неговиот одговор. Се кае ли поради стореното, барем сега, кога стана јасно дека поради неговиот идиотизам загинаа невини луѓе? Не. Фактот дека загинаа лица од мисијата на ОН во Мазар Шариф само претставува уште еден доказ за тоа дека тој е во право.

Ако помисливте дека последиците од кошмарот на еден американски идиот, со помалку или повеќе одобрување, ќе ги преземат останатите идиоти од неговото поблиско и подалечно опкружување, сте се излажале. Фикс идејата на пасторот Тери Џонс не стекна никаква популарност. Напротив. Веќе по првата најава на неговата „благородна“ намера грб му свртија речиси сите од и онака малубројното пасторство. Црквата му банкротираше, а соседите, без да се срамат, му предложија да ја напушти територијата на Флорида.
И да не постоеше претедателот Карзаи, голема е веројатноста дека Тери Џонс никогаш немаше да ги доживее своите мигови на слава. Карзаи остана на власт во Кабул заради милоста на Американците, но тоа воопшто не му пречи секогаш, кога за тоа ќе му се укаже соодветна можност, подмолно да ги клоцне под маса во потколеницата. Така и овојпат не ја пропушти примамливата прилика на испадот на американскиот идиот да му даде широк публицитет и да го прикаже како да е официјална политика на администрација на претседателот Обама. А кога наредниот петок идиотската постапка на пасторот зазеде централно место во молитвите на сите имами во Мазар Шариф, иницијативата на Карзаи веќе стекна статус на обвинение против целиот Запад и светската заедница која отсекогаш била непријателски настроена кон исламот. И што друго им останува на правоверните муслимани од уништување на првата најблиска мисија на Обединетите нации?
Мора да се признае дека меѓу разните идиотизми има и одредени разлики. Да речеме, овој последниов, авганистанскиот, претходно беше добро зачинет со сплеткарења, цинично лицемерие и политички „ум“. Сепак, и покрај сите разновидности, секој идиотизам во себе содржи некои општи, би се рекло, вродени заеднички црти. Тој е глув на обете уши и не е во состојба да слушне никакви човечки аргументи или аргументи наменети за човекот. Достапни му се само постулатите од типот „национални интереси“, геополитика и сл. Секогаш, сосем неосновано, тој оперира со небесните поими како патриотизамот, идеалите, светоста... И тој секогаш е апсолутно категоричен.
И се сетив: па, не сме дошле до степенот кога некој треба да ни го објаснува тоа?

Колку само самопрогласени пророци секојдневно гледаме и слушаме на нашата телевизија или од главното „место кое не е предвидено за дискусии“ (Думата на Руската федерација) во нашава земја! Само една Либија од тие места испровоцира повеќе идиотизми од сета радијација од сите пет блокови на оној несреќен реактор во Фукушима.
Одвратната, злосторничка, карикатурално смешна и злокобна личност, поради заштита на диктаторскиот режим на чие чело се наоѓа над четириесет години и која се стреми да владее неограничено, на своите поданици (кои, меѓу другото, ги нарекува и „инсекти“) годинава им приреди вистински крвав бал. И би се рекло, каков може да биде уште изборот тука? Ама не. Не би можеле да се изначудиме колку сојузници наеднаш стекна тој во нашата благоразумна земја!
Се случи руската дипломатија ненадејно да му одолее на искушението и да не стави вето на неопходните и оправдани дејствија на светската заедница насочени кон навлекување лудачка кошула на овој белосветски изрод. Се воздржа од гласањето во Советот за безбедност во ОН. Само тоа и ништо повеќе... О, како само мешовитиот хор веднаш потоа моќно загрме! А, пак, соло изведбите! Како само оригинални соло настапи можевме да слушнеме!
Првин еден дипломат многу дипломатски ни објасни што е тоа предавство на националните интереси. Потоа хорот думски писари, со неколку a cappella настапи сложно ни ја отпеа аријата на темата како либискиот народ живее фантастично под Гадафи. Просто да им завидуваш! Потоа еден генерал-полковник, стар борец и херој од студените битки, првин чесно го „расшлапа“ својот (и нашиот) врховен командант поради лекомислениот избор на „вистинските пријатели“, а потоа со леснотија ни црташе шеми на воените итрости со чија помош би можеле (ама нема кој да го слуша) да го освоиме овој современ, многуполарен свет. А нашиот „единствен Европеец“ со својот соло настап добро ја исплука Америка, а потоа на столбот на срамот го закова целиот гнил Запад. И сето тоа поради „наметнувањето на своите стандарди“ и „неумереното користење сила“. Па, се разбира. Понежно треба да се однесуваме кон суверените диктатори! Со поголеми уважувања и почит!
Затоа не фрлајте камен на пасторот Тери Џонс! Бидејќи ако малку повнимателно го погледнеме и слушнеме, речиси сигурно е дека потоа восхитено ќе извикнеме: „Еј, луѓе, па тоа е наш човек!“.
Извор: Новая Газета
Слики: Али Кавана