Промоција на книгата „Античка Македонија“

28.04.2011 10:46
Промоција на книгата „Античка Македонија“

Издавачката куќа Темплум организира промоцијата на книгата „Античка Македонија, критички приод кон интерпретацијата на историјата и историографијата“ од проф. д-р Елеонора Петрова и м-р Наталија Поповска.

Промоцијата ќе се одржи на 29 април (петок) во клубот ГЕМ (Менада), со почеток во 12 часот. Промотор на изданието е проф. д-р Ирена Стефоска.

Од предговорот на книгата:

Што е тоа во Античка Македонија што го привлекува вниманието на историчарите и целокупната јавност, не само кај нас туку и во светот, 24 века по постоењето на моќното балканско кралство на Филип и славната светска империја на Александар?

Што е тоа што ја прави Античка Македонија да излезе од рамките на историјата и да влезе во сферата на национал романтизмот, легендите и исполнетоста со митови и херои на одамна изминати времиња?

Со оваа сеприсутност на далечното минато не е зафатен само јужниот дел на Централниот Балкан. Преку романите за Александар, приказната од средниот век стигнала до денешни дни и го опфатила целиот свет. Сетете се само на филмуваната сторија за Александар и влегувањето на оваа историска фигура во компјутерската ера.

Античка Македонија ги окупира сите. Научно, стручно, емотивно, грандомански, освојувачки, посесивно, објективно, воодушевувачки, иритирачки или критички, но никој не останува рамнодушен.