Непопустливост

05.05.2011 11:39
Непопустливост

Непопустливоста е добра. Непопустливоста има филозофски призвук, кој сите интуитивно го разбираат. Војната меѓу Ал Каеда и САД од почетокот беше обележана се недоразбирањето околу значењето на историјата.

Ал Каеда отсекогаш верувала дека Бог сака обновување на древниот исламски калифат. И Ал Каеда отсекогаш ја доживувала Америка како производ на христијанската цивилизација и најголема пречка за враќање на калифатот. Нејзините екстремисти отсекогаш веруваа дека, како претставници на божјата волја, на крајот ќе победат. Значи, Ал Каеда водеше долгорочна, речиси вечна битка – која многу одлучни идеалисти ги наведе да извршат самоубиство во нејзино име.

Споредено со оваа вечност, десет години се ништо. Меѓутоа, во однос на животниот век на обичниот човек, десет години не се малку. Добро е што САД десет години не пропуштаа и што по десет години обиди постигнаа успех.

САД имаат своја теорија за историјата, иако поголемиот дел од нас не сакаат да го признаат тоа. Според нашата либерална и демократска теорија на историјата, доктрините како онаа на Ал Каеда се осудени на пораз. Тоа е така зашто, според нашата проценка, тие се лудачки и бесмислени, како оние кои ги среќававме последниве сто години – на пример, доктрината за обновување на Римскиот рајх во ариевска верзија, или доктрината за обновување на старите руски селански заедници во облик на пролетерски советски цивилизации. Ние, либералите и демократите, веруваме дека таквите доктрини се само реакционерни протести против автентичниот напредок – реакционерни протести кои, ако се бориме решително против нив, никогаш нема да успеат.

Ние не сакаме да се служиме со јазикот на историјата и напредокот. Добро знаеме дека таквиот речник може лесно да се извитопери во јазик на самозадоволство и суеверие. Меѓутоа, ваквиот речник понекогаш ја опишува реалноста. И понекогаш, во мигови на криза и занес, нашите искрени убедувања излегуваат на површина, и ние почнуваме да зборуваме со овој јазик. Така и претседателот Обама, објавувајќи дека Осама бин Ладен е убиен, го заклучи својот говор цитирајќи ја Заклетвата на знамето (I pledge allegiance to the Flag, of the United States of America, and to the Republic for which it stands: one Nation under God, indivisible, With Liberty and Justice for all – Се колнам на верност на знамето на САД, и Републиката која тие ја претставуваат: една нација под Бог, неделива, со Слобода и Правда за сите) која претставува израз на вербата во силата и иднината на слободата и еднаквоста, т.е. вербата во силата и иднината на демократската цивилизација.

Тие заклучни зборови на говорот на Обама, кога се повика на Заклетвата, претставуваат момент на елоквентна вистина. Со тие зборови објасни дека нашите воени и разузнавачки агенти не го уловија Бин Ладен само затоа што тој беше бандит туку и зашто ние веруваме во својата доктрина, а тоа е доктрината на демократијата. Најпосле, Бин Ладен и Американците секогаш се согласуваа околу едно нешто, а тоа е одговорот на прашањето – зошто се водеше војната. Војната се водеше поради принцип. Тоа беше битка меѓу исламистичкиот сон за теократија и демократскиот принцип за одбрана на реалната слобода.

Уште сега сите сфаќаат дека смртта на Осама не претставува, во воена смисла, огромно постигнување. Нашите разузнавачи имаа среќа; нашата војска успешно ја изврши задачата, иако можеше да потфрли, како што се случуваше и претходно. Нашите вистински сојузници во Пакистан успеаја да ги измамат нашите лажни сојузници во Пакистан, кои всушност беа сојузници на Бин Ладен. Сешто можеше да тргне наопаку – како, на пример, кога несреќниот Џими Картер во 1979 г. ѝ нареди на војската да ги спаси американските заложници од Техеран, па нашите хеликоптери се судрија еден со друг. Значи, ајде да ги поздравиме способните војници и разузнавачи кои ја изведоа оваа последна акција, и ајде да ја поздравиме Белата куќа која ја организираше – да ги поздравиме и организаторите и луѓето на теренот, иако знаеме дека сево ова, со само неколку погрешни чекори, можеше да заврши лошо.

Но ајде и да признаеме дека, оставајќи ги настрана сите детали на оваа ефикасна операција, не може да се занемари и нејзинаат симболична тежина. И бидејќи во суштина оваа војна е војна меѓу идеи, треба да признаеме дека симболичната тежина на оваа акција е пресудна. Нејзината симболичност ни вели: непопустливоста е израз на историјата. Историјата не е на страната на Бин Ладен. Историјата е на страната на демократијата и слободата. Секако, треба да се прашаме: има ли смисла да се зборува за апстракции како што е „историјата“? Дали непопустливоста во ловот на еден човек има некаква подлабока смисла? Овие прашања имаат одговори. Апстракциите изразуваат смисла доколку решиме да им дадеме смисла. Десетгодишниот лов на еден човек сведочи дека тоа и сме го направиле.

Говорот на Обама беше величествен, но во одредена мера ми се чини дека беше прекраток и партиски обоен. Не кажа ни збор за војната во Ирак. Можеби тој смета, како и многу други, дека нашата војна во Ирак беше само свртување од суштинската задача, а тоа е ловот на Бин Ладен. Но овие две нешта, борбата во Ирак и борбата во авганистанско-пакистанскиот регион, во суштина не се одвоени. Кога го сметнавме Садам, војната во Ирак главно се водеше против Ал Каеда. Ајман Ал Завахири јасно ни даде до знаење дека Ирак во тој миг стана главната борбена линија во пошироката војна меѓу визија на исламизмот на Ал Каеда и американската визија на либералната демократија. И во Ирак успеавме да ги скршиме силите на Ал Каеда. Исламската Држава Ирак никогаш не стана држава. Ирак беше втората можност за Ал Каеда, по Авганистан, и таа, како и првата, доживеа пораз. Жал ми е што Обама не кажа ништо за победата над Ал Каеда во Ирак.

Ама нема врска. Претседателот доволно елоквентно зборуваше за американската победа над самиот Бин Ладен. Симболиката е јасна. Непопустливоста е елоквентна. Замислениот калифат нема да биде создаден. Силата на демократската република е непореклива. Тоа беше пораката. Ние победуваме. Ал Каеда губи. Не се работи само за сплет на околности и среќа. Имаме причини за удирање в гради, а луѓето во светот, посебно во муслиманскиот свет, имаат причина за надеж, за себе и за сите останати. Подобро кажано, имаме причина да веруваме во тоа, но и другите имаат причина за такво нешто, додека продолжуваме за бидеме непопустливи.

Извор: The New Republic

ОкоБоли главаВицФото