
Дека симнувањето песни од интернет е казниво дело на своја кожа најдобро го почувствува Џејми Томас-Расет. Имено, Сојузниот суд од Минесота ја прогласи 32-годишната Американка за виновна за незаконско симнување музика од интернет. Збунетата Американка е казнета со дури 80 000 долари по песна, а бидејќи симнала „дури“ 24 песни, вкупната казна изнесува 1.9 милиони долари.
Ова е прв ваков случај на кршење на авторските права во Америка кој завршил на суд.
Адвокат Џо Сибли, кој за време на судењето ја застапуваше несреќната љубителка на музика, изјави дека Џејми, инаку мајка на шетири деца, ќе се жали на пресудата. исто така, тој ги пренесе зборовите на обвинетата која веднаш по пресудата изјавила дека „нема шанси некогаш да ги добијат тие пари“.
„Задоволни сме што поротата ги прифати доказите од страна на обвинителството и што ја казни госпоѓа Томас-Расет за прекршокот“, изјави Кара Дакворт, портпарол на американското здружение на дискографи.
Инаку, ова е второ судење на Џејми. првото, од 2007 година, беше поништено бидејќи судијата и’ даваше упатства на поротата. Тогаш беше казнета со 220 000 долари.
Џејми од интернет страницата за размена на музика Kazaa ги симнала песните од No Doubt, Linkin Park и Sheryl Crow, што на крајот ја чинеше многу повеќе отколку да ги купеше оригиналните албуми на изведувачите. За износот од 1.9 милиони долари таа може да купи дури 159 илјади албуми.