Обама во Вардарското мочуриште

20.06.2009 11:03


За да види како живее народот во бантустаните, еден ден Барак Обама се симнал од престолот и се преселил на периферијата на славното мочуриште Вардарска бановина. Среде една од барите, Барак се вселил во една барака на гуми, останата од далечниот земјотрес. Не барал многу; „барем барабан, за ширење политички пораки, а и за да не станам бараба или варварин, во вакви услови“.

Стравот му бил оправдан зашто лесно се станувало бараба, барабар крај меш(т)аните што живееле скраја од светот, во барата, по бараки и сламени куќички, барабар до Барак Обама кого нагалено го нарекле Барак Карабатак, човекот од бакар (а не од слама или блато, како што мештаните самите се чувствувале). Во Вардарска бановина, инаку, мештаните биле мешани: Власи, Хунзи, Славо-Грци, Грко-Македонци, Албанци, Срби, Бугари, Бошњаци, Роми... - со еден збор, најстарите народи на светот соодветно сместени во сламените куќички издигнати на мотки, среде вардарското мочуриште.

Целата таа човечка менажерија се собирала во најпознатиот локален бар со име „Баруга“. Таму мештаните вртеле барбут, а специјалитети на куќата биле, како што може да се претпостави, бакрдан и баклава.

„Барак дошол при нас да барка човек, ко краба!“, испеале мештаните еден мошне интелигентен стих кој ја објаснувал пипавата диогеновска мисија на Барак-крабата, човекот од бакар, нагалено нарачен Карабатак.

„Барџав си ко Арап! Што може да ти биде бариера за кариера, до степен на барикада!“, му зборел на Барак локалниот бакал што ноќе работел ко бармен.

„Да имаш акало на бакалин не е баш за фалење... Многу сум се акал за да ми претставува барикада умот на еден бакал“, возвраќал Барак.

„Освен тоа, Барак, личиш на краба!“

„Подобро краба отколку крава. Подобро краба отколку крап или сом“, возвраќал Барак.

„Ама ти изглеа не си од првобитните, ко ние што сме, овде?!“, ги халуцинирале мештаните своите локални митови пред Барак.

„Бајрам си правите на умот, варвари! Арам да ви е и срам, арамии!“, достојно се бранел славниот Барак Обама пред барабите што во тогашното вардарско мочуриште пред милиони години биле дојдени од праточките на прачовекот: Арабија, Барбадос и Бангладеш.

„Друг бар-код имаш, Барак, ко да си од бакелит, т.е. бар имаш код некаков, во однос на нас калливите...“, процмиздрувале мештаните пред славниот човек од бакар (не од бакелит, не од слама и кал), Барак Обама.

„Сите сме од кал направени“, поучувал Барак. „А Кораб има и среде потоп.“

***

Еден ден пред Барак се појавил Никола Груевски, арамбашата на локалните арамии, со еден ара-папагал на рамото. „Арач собирам, Барак, барем арак, т.е. табак хартија, или од тоа оризовата ракија, арак, за арач?! Имам многу пропагандни активности овде, базирани на хартија и ракија...“

„Арам да ти е и аракот, арамбашо! Како не ти е срам!“, рекол Барак.

„Полека, Барак! Бакар не ти барам, макар овде се’ ни фали: од макарони до бакалар, од барут до бархет и паркет. Скромен бардак арак, Барак, ти барам, а не барел, ебате! Барелјеф да не треба да ти нацртам, во однос на барањето?!“, се налутил и арамбашата.

„Ма, Обама сум јас за тебе, арамбашо! Баракуда Обама, човекот од бакар!“, страсно извикал Барак.

„Ама, Обама, аман со нервози! Аманет имам да не се нервирам“, рекол арамбашата. „Рак, ракун или баракуда, не ми игра улога. Имам и јас ара-папагал, ко прав Арап“, помирливо рекол арамбашата, во еден интеркултурен тон, како што прилега на времето и на политичките стремежи на Барак Обама познат и како Баракуда или Карабатак, човекот од бакар.

„Тоа се’ живее и во вашава бара: ракови, ракуни, баракуди, краби... Моеш да ги сфатиш и ко метафора на глобалниот свет, не?“, помирливо рекол и Барак Обама, кој веќе почнувал да гради транскултурни мостови кон своите презрени браќа од перифериските сламови, крај баруштините и напуштените бараки.

„Барак, ти моеш да бидеш бард наш, но само ако се вардиш од пираните во Вардар!“, рекол арамбашата Никола Груевски.

„Бард од Бардовци“, се пошегувал Обама (може мислел на својот творец, Пандалф Вулкански?!:).

***

Друг пат пред Обама се појавиле локалните арамбаши, Бранко Црвенковски и Никола Груевски, барабар!

„Ти, Барак, во нашата Вардарска бановина би можел да бидеш ни више ни мање него бан!“, рекол Бранко Црвенковски.

„А ти си, Бранко, во нашиот бантустан банален до чмарот мој анален!“, рекол доста фајтерски познатиот боксер (бантам категорија), Никола Груевски.

Барак Обама зачудено ги погледнал, ама му се виделе забавни двајцава арамбаши. „Вие сте од иста банда?“, прашал Барак.

„Не“, рекол Бранко Црвенковски: „Јас сум бандаш, а боксеров е више бандаж, се прикрпуе, нешто ко контрабандаш, да речеме“.

И тогаш светнал аперкатот на боксерот: бам! Обама се припотресол, ама Бранко Црвенковски стамено го издржал ударот кој сепак доаѓал од бантам категорија. „Можам да те скантам, Грујо, бамја да те напраам ако бам! ја ти приуштам, ама дојдени сме ради Барак Карабатак звани Баракуда, да ни се смилува и да ја прифати нашата кандидатура да биде бан на Вардарска бановина, не?! Ил грешам“, дипломатски рекол Бранко Црвенковски.

„Многу бамбориш, Бранко, ко да си го мавнал сите бамбуси, пак ме предизвикуваш да те бапнам, т.е. со боксов да те апнам, ама со оглед на тоа дека мочуриштево не е банана држава, да престанеме да бидеме банални. Значи, Барак, дали прифаќаш да бидеш бандера, т.е. електрификациски столб, да се изразам така метафорично, сред нашето мочуриште?“, поетично рекол Никола Груевски.

„Пантер на бандера“, рекол Барак Обама. „Да ве маам одозгора со бандерили, ко во корида, и да ви лепам бандероли на аракот со кој се труете?“

„Баш тоа! Да не’ чуваш од морален банкрот, од претерана употреба на барут, и да организираш банкети повремено, за тактички потсмируења на локалните арамбаши од наш тип“, искрено одговорил Бранко Црвенковски.

„Не сакам“, одговорил Барак Обама и си заминал.

***

Прва комшика на Барак Обама му била мама Тереза, која живеела сама. „Ама, Обама, мама не е сама во светот, оти таа просто е амал на бога, толку мала, како лама“, велела Тереза, а Барак многу се разнежнувал. „Ко Барбика си, Тереза, само баретка ти фали“, ја зафркавал Барак славната скопска маченица додека заедно правеле барбикју во дворот на бараката на Барак.

Во друга пригода мама Тереза заѕвонила кај Обама и му рекла: „На твојата Барби и’ требаат барбитурати“. А Барак само шеретски се насмевнал и рекол со својот славен баритон: „Барем барбитурат можам да и’ турам на мојата Барби, зарем не?“ А благодарната Тереза после тоа постојано го фалела Барак пред комшиите: „Бар он се однесува како барон, среде циганаријава!“

 

слики: Раул Гуереро

Слични статии

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Крст [к:3]
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото