Нешто е гнило во Универзитетот

22.06.2009 10:38
gnil-univerzitet-udarna.jpg

Нема систематски прегледи за студентите. Веќе три години на студентите во Македонија не им е овозможена превентивна здравствена заштита, односно систематски преглед кој постоел повеќе од шеесет години во нашата држава. На жалбите од Здружението на лекари-специјалисти по училишна и универзитетска медицина, Министерството за здравство одговара: „Проблемите ќе се решаваат во од.“ Колку преродбенички! Од од сто чекори кои никако да ги изодиме! Реформаторски марш во место. И додека некои чекорат без никаква визија, студентите се оставени повторно сами на себе.

Во неколку наврати пишував за студентските проблеми. Го поддржав студентскиот протест. Мислев дека некои работи веќе се на пат да се решат. Ама види која заблуда. Сега сум уште посигурна дека на студентите им треба нашата поддршка, особено на оние храбри студенти и студентки кои се решени да се борат за своите права. Време е да покажеме солидарност, секој на својот фронт, и да ги отвориме студентските прашања не од 12.00 до 14.00 часот како на шалтерите на Факултетите - туку жестоко и јавно и постојано.

Кога студентите собрани во една неформална група наречена „Слободен индекс“ го спремаа својот протест направија една трибина во „Точка“ на која ги изнесоа своите проблеми и разговараа за можноста од изнаоѓање решенија. Отидов на таа трибина иако длабоко во себе верував дека не можат да ми кажат нешто што веќе не го знам. Е тука се излажав. Се јави една девојка која живее во еден од македонските студентски домови. Зборуваше како изгледа животот во нив. И’ се придружија уште неколкумина станари на студентски домови. Кога зборуваше за труењето со храна од студентските мензи кое постојано се случува, ние, неколкумина поранешни студенти од Скопје, се шокиравме. Останатите почнаа да ни се смеат на зачуденоста. Еден од нив ми рече: Ако не си се отрула од храна од студентската менза значи дека воопшто не си живеела во студентски дом. И точно. Што знаевме ние, студентите од Скопје, за животот по студентските домови? Секогаш ја замислував боемската и хедонистичката атмосфера во зданијата кои ги гледав само однадвор. Ми изгледаа како огромни објекти во кои се пее и пие постојано. Ама да не ти било баш така. Труењето со храна е она низ што поминуваат со насмевка.

Следуваат силните агитирања од страна на партиските мегафони напикани во студентските сојузи. Без нималку воздржување истите ќе ги наречам рекетари кои продаваат легла за гласови. Студентските избори, барем јас како студентка од Скопје, не ги забележував воопшто. Знаев дека ССУКМ постои како параван на политичката партија на власт за држење под контрола на студентската маса и никогаш не се трудев да одам и да гласам. Мислев дека сите го прават истото. Чудно, ама изборите секогаш беа успешни. Е па беа. Студентите кои живеат во домовите се уценуваат со следнава реченица: Ако не гласаш за нас следната година нема да добиеш место. Тоа значи дека или си со нив, или на улица. Ветеното обично е исполнето, ама тоа не е поентата.

Токму за да се манипулира со студентските гласови не се отвораат нови студентски домови за кои има најава со години наназад. Наместо тоа се затвораат делови од постојните. Математиката е проста. Ако нема доволно места значи дека има многу заинтересирани. Многу заинтересирани е еднакво на многу манипулирани. Многу манипулирани е еднакво на многу уценувани и конечно на победа на една бараба над друга. Алал вера на смислениов систем. Не е многу креативен ама делува. Абе како космодиск демократијава.

Систематските прегледи беа дел од моето студирање. Една од најголемите дискриминации на која бев очевидец се одвиваше токму во тие клиники. Печатот ни беше потребен за да завериме семестар. Примаа ограничен број студенти дневно (што е сосема разбирливо имајќи го на ум капацитетот на клиниката) и моравме да одиме уште од 5 часот наутро за да фатиме ред. Бев таму со една моја пријателка од Охрид. Кога конечно не` примија излезе една докторка или сестра, не се сеќавам, и ни рече: „Студентите од Скопје да дојдат веднаш во собата за печат. Оние од провинција да одат на сите прегледи.“ Се разделивме со другарка ми и таа ми рече: Е јеби га попрљави и позаразни сме од вас скопјаните“. Мислев дека е ова изолиран случај ама кога деновиве се распрашав кај други студенти од различни факултети и генерации ја добив истата информација. Го пишувам ова за да потврдам дека и кога постоеше бесплатниот систематски преглед за студенти работите беа далеку од добри. Но тоа не е причина сосема да се укине превентивната здравствена заштита за студентите. Напротив. Тоа требаше да биде реформаторски предизвик и еден голем чекор во преродбеничката прошетка.

Каде е сега оној муфљуз Самоил Малчевски да гукне нешто? Нешто посебно не ги слушам ниту луѓето од Македонската студентска унија. Поважно им е да изиграваат портпароли на Македонската православна црква и со петни сили да се трудат да најдат објаснување зошто е добро што студентите на плоштадот беа истепани. Нешто е гнило во Универзитетот. Нешто гние со децении и сега веќе колабира во жабокречина и мувла. Останаа само студентите како последна надеж за некакви промени во терцијарниот образовен систем. Додека Министерството за образование решава проблеми во од, додека одговорните лица си прават летна прошетка, студентите треба да грабаат напред. Бескомпромисно и храбро. Ниеден изговор веќе не држи вода.

Слики: Рој Лихтенштајн

Слични статии

Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ

ОкоБоли главаВицФото