Анатомија на едно злосторство

01.08.2011 14:34
Анатомија на едно злосторство

Во своите текстови на сајтот document.no, еден од безбројните десничарски сајтови, Андерс Беринг Брејвик ги напаѓа норвешките заговорници за мултикултурно општество, а масовните убиства ги изврши токму целејќи на оваа група. Во својот манифест повеќе се нафрли на муслиманите и самото муслиманско општество. Се јавувал и на други сајтови, на пример на претежно неонацистичкиот nordisk.nu.

Оваа флора на крајно десничарските сајтови ги одликува мешавина од разновидни прилози, главно анонимни, преполни со претстави за завеси, за идната „Еурабија“ ако не се запре исламизацијата на Европа, на националниот дух, на христијанската Европа и на што уште не што некому ќе му падне на ум, не баш ретко и со целосно противречна содржина. Без разлика дали самите себеси се нарекуваат националисти, контраџихадисти, антимарксисти, антимултикултуралисти или со какви било други називи, на сите им е заедничко тоа дека се антидемократски и дека ги имаат сите основни одлики на фашизмот. Се разликуваат само во тоа дали повикуваат или не повикуваат на насилство. Брејвик е и дел и производ на таквата средина, меѓу другото и со чести контакти со групата English Defence League.

Во Норвешка такви како него има неколку илјади, но бројот на оние кои не се согласуваат со нивните ставови е многу поголем. И колку во овој миг да изгледа депласирано, првиот и најголем виновник се големите популистички и десничарски партии, кои веќе две децении ја градат својата политика врз антиисламски и антидоселенички пароли обвинувајќи ја левицата, државата на благосостојбата и идеите за мултикултурализмот за сите несреќи кои главно тие самите ги произведоа. Кога данскиот министер Срен Пинд на својот блог по злосторството на Брејвик ќе ја изедначи граѓанската непослушност со тероризмот, тогаш тој придонесува за тероризмот. Тоа го прави шведскиот десничарски политичар Ерик Хелсборн кога на својот блог пишува: „Доколку не постојат исламизацијата или масовното доселување, не би постоело ништо што Беринг Брејвик би го навело да го направи она што го направи“. (Звучи како тврдењето: Доколку не носеше мини здолниште, никој немаше да ја силува.)

Вториот виновник е западната политичка обземеност од антиисламската хистерија заради која речиси воопшто не е можно да се води никаква нормална расправа за исламот, за христијанството и за мултикултурната држава. Всушност, речиси воопшто не е можно да се води разумна расправа за што било. Во Европа едвај да имаше некои исламски терористички акции, но бројни западни медиуми речиси веднаш рефлексно по објавувањето на веста за експлозијата во Осло (The Sun, Washington Post…) веднаш по сознанието кој навистина го изврши ова злосторство прво пишува за исламот. Конзервативниот и контроверзен американски коментатор Глен Бек Сојузот на работничката младина на Норвешка ја спореди со Хитлерјугенд.

Третиот виновник се западните безбедносни служби. Во овогодишната јавна проекција на безбедносната ситуација во Норвешка, на прво место и на најголем простор се опишува опасноста од исламскиот тероризам, на второ место се левиот и десниот екстремизам, потоа доаѓаат странските сили, индустриската шпионажа и заканите упатени кон политичарите. Во Норвешка не е забележан ниеден случај на исламски тероризам ако не се смета обидот за убиството на издавачот на „Сатанските стихови“ пред многу години, а не е забележан ниеден случај на лев тероризам, но забележани се десничарски испади и политички мотивирани убиства. Па иако се констатира дека активноста на десничарските групи е засилена во 2010 година, иако се знае дека сè подобро се поврзуваат со слични групи во Европа, од Англија до Русија, иако се знае дека се наоружани (често со воено оружје), вниманието речиси во целост е посветено кон муслиманите и кон левичарите. На конференцијата за медиумите, директорката на норвешката служба за безбедност (инаку најдобро платен државен службеник) не одговори ни на едно новинарско прашање кое се однесуваше на оваа проблематика.

Во норвешките медиуми полека се пробиваат таквите прашања, но и понатаму доминантниот тон е таблоиден. Вистинскиот проблем не е Брејвик, таа сосема обична мешавина на десничарски екстремизам, параноидни идеи, месијански претстави и мегаломанија. Такви има десетина илјади низ Европа, само што многу помалку се подготвени да одат толку далеку па да испоубијат десетици свои сограѓани од исто потекло (но, има многу од нив кои се подготвени тоа да го направат на непожелните странци, особено муслиманите). Вистинскиот проблем е општествената атмосфера која ги создава таквите како него, пред сè политичарите кои ги поттикнуваат, државните институции кои не ја работат својата работа зашто останаа длабоко вкоренети во идеологијата на студената војна и интелектуалците кои повеќе би сакале тоа да не се однесува на нив. Европа е преполна со такви.

Авторот е професор на Филолошкиот факултет во Белград.

Извор: vreme.com

Слични статии

Општество

ОкоБоли главаВицФото