Ало, Президенте!

29.06.2009 11:32
auntbettyairshow.jpg

Нашата маркетиншки сензитивна влада сфати и научи на кој начин најдобро се искористуваат медиумите во трката по гласови, моќ и симпатизери. Можеби е време и ние да научиме нешто повеќе за медиумите.

Не им верувајте на медиумите. Ниеден медиум не се занимава со апсолутната вистина. И нема потреба да се занимава. Не верувајте во апсолутната вистина. Сите медиумски приказни се врамени субјективни видувања. Првата рамка ја крои новинарот, кој како човечко суштество во медиумската приказна внесува свој светоглед или фокус. Втората рамка ја поставува уредникот. Понекогаш приказната минува и низ трета рамка, прецизно стисната од страна на сопствениците на медиуми. Последното врамување е доделено на реципиентите на пораката, односно на публиката.

Сепак, не постојат бесконачно можни читања на една приказна, односно на медиумската порака. Paul Trowler во својот текст „Комуникација и медиуми“ го објаснува структурираниот интерпретативен модел во проучувањето на односот меѓу медиумската порака и публиката. Овој модел се темели на интерпретативниот модел, односно на идејата дека публиката е активна и во состојба да ја интерпретира пораката на различен начин, но инсистира на фактот дека постои едно таканаречено преферирано читање или доминантна порака. Тоа преферирано читање се одвива во мрежата од значења, знаења и вредности диктирани од културниот контекст на публиката.

Нашата маркетиншки сензитивна влада сфати и научи на кој начин најдобро се искористуваат медиумите во трката по гласови, моќ и симпатизери. Можеби е време и ние да научиме нешто повеќе за медиумите. Тоа би било продуктивно одземање на силен инструмент од рацете на политичките моќници. Но, дека ова превртување на позициите ќе се случи во догледно време е речиси незамисливо.

Решението, во една ваква атмосфера, лежи во промената на медиумите, нивното проширување, градењето капацитети и вложувањето во новите медиуми и сфаќањето на новите начини на комуникација. Во Македонија луѓето кои се занимаваат со медиуми сè уште не се спремни да ја сфатат огромната промена низ која минуваат класичните медиуми и да почнат своето знаење и искуство да го вложуваат во ширењето на медиумите. Сè додека главните медиумски играчи се потсмеваат на новите комуникации и медиуми, сè додека ја игнорираат важноста на истите, а истовремено се ужаснуваат од сериозната криза во која запаѓа медиумската индустрија, караванот ќе си врви, а кучињата ќе лаат. Инсистирањето на интерактивноста во медиумите, напуштањето на еднонасочните комуникации и сензибилизирањето на публиката во еклектичен и истражувачки дух се неминовните чекори кои општата јавност мора да ги мине. Поминува времето на голтањето на спакувани информации направени од нашите политичари - жртви на сопствениот спектакл; поминува времето кога публиката беше нахранета, измамена и хипнотизирана од илузиите за голи вистини. Во новото време Латас и Волчица се тркаат кој ќе биде поспектакуларен, позаводлив и побезобразен.

Иако во живо ретко можете да стигнете до нашиот премиер, да поразговарате со него, да добиете решение за проблемите кои ги имате како граѓани (типичен пример се млекарите) сè пореално ни изгледа дека истиот е дел од народот, народски човек кој ни зборува и нè слуша. Повеќе од нашата влада се рекламира само T-mobile. Кога Николче ќе реши да сече лента на новоизградена чешма во Свирипичино камери и фотоапарати го преплавуваат селото. Дали знаете колку лопати има фрлено Никола? А дали знаете колку лопатарски темели останаа негибнати после свечениот спектакл?

Гледајќи ги вестите имаме чувство дека во Македонија се гради небаре градежништвото ја доживува својата ренесанса. Во реалноста во Македонија не се гради туку се удира темелник. Со тоа завршува приказната. Спектакуларните апсења не се воведоа попусто. Камерите и фото-апаратите се наместени. Големи момци во застрашувачки униформи го влечкаат „неранимајкото“ со лисици на рака и премиерот задоволно дава изјава за успесите во пресметките со организираниот криминал и мафијата. Подоцна истите уапсени се пуштаат од притвор, се покажува дека не се собрани доволно докази, се амнестираат... Сето тоа е помалку важно зашто публиката „посведочила“ на чин на пресметка со криминал каде власта во сиот свој сјај презентира сила и контрола над „мрачните сили“ на хаосот. Кој посведочил снимање на едно вакво апсење знае за што зборувам. Откако сите се наредени пристигнува полицискиот џип и паѓа првата клапа од „филмот“. Ако некој камерман не успеал да фати добар кадар џипот оди во рикверц (без приговор, секако) и одново пристигнува на местото за спектакл.

Латас и Јанко Бурек се исто така незанемарливи инструменти на медиумската манипулација. Сте ја ѕирнале ли некогаш емисијата „Ало, Президенте“? “Ало Президенте“ е ток-шоу водено од претседателот на Венецуела, Хуго Чавез, кое се емитува, во живо, секоја сабота. На тој начин Чавез оддава слика на лидер кој е близок со својот народ. Во „Ало Президенте“ се случува смена на министри на лице место. Тоа не го прави Чавез подобар претседател, Венецуела подобра земја за живеење туку медиумите се максимално искористени, народот е заблуден, караванот во чекор, а кучињата во лаеж. Владините состаноци емитувани на Македонската радио-елевизија беа токму тоа. Лошо режирана престава полна со лоши глумци. Но, ние им веруваме. Зошто една влада би имала потреба да се снима додека работи? Затоа што таа не работи, туку нè убедува во истото.

Слики: Jorge Santos

Слични статии

Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ

ОкоБоли главаВицФото