Античка сегашност (1)

22.08.2011 17:09
Античка сегашност (1)

Античкото наследство и симболичкиот конфликт

Најзначајниот симбол и воедно непресушен извор на легитимитет за наративите на античко-македонското потекло во македонскиот и грчкиот контекст е идеализираната претстава на кралот Александар Велики. Но, модерна Грција и независна Македонија не се единствените субјекти кои црпеле од симболичкиот капитал на познатиот војсководец. Митот за Александар се развивал во повеќе различни контексти во најразлични епохи. Во овој дел ќе видиме како Александар и античко-македонското наследство биле објекти на имагинацијата и извори на политичкиот легитимитет во различни временски периоди. Денес Александар и Античка Македонија се дел од колективната меморија на повеќе народи во југоисточна Европа. Но, само кај два (македонскиот и грчкиот) тие се издигнати на ниво на интегрален и клучен дел од официјалната национална приказна и се вклучени во државните идентитетски проекти. Токму затоа овде ги разгледуваме различните фази и аспекти на симболичкиот конфликт помеѓу (и внатре во) овие две страни, во работната рамка понудена од Сајмон Херисон.

 

Симболичката моќ и Александар Велики: историски преглед

Центарот на грчко-македонскиот спор, самиот Александар, е значајна личност во светската историја. Малкумина се презиваат „Велики“. Проширувајќи го своето кралство и допирајќи до неверојатни граници, Александар ја имал судбината да ја добие титулата на величественост уште за време на својот кус животен век. Како еден од ретките „величествени” во историјата, Александар од Македон бил симбол за моќ и авторитет уште во времето на своето владеење. Тој водел преамбициозни експедиции преку тогаш познатите граници и буквално го освоил речиси целиот свет познат на тогашните медитерански народи. Без преседан, тој обединил неколку од главните владетелски почести и титули – во исто време бил Крал на Македон, Хегемон на Хеленскиот Сојуз (Коринтската Лига), Шах на Персија и Фараон на Египет. [1] Во обид да остави историски трага, тој подигал градови кои го носеле неговото име во речиси секоја провинција и, како што се тврди, дури се обидел да го хомогенизира населението во сопствената империја. Комбинацијата од различни фактори резултирала со создавање култ на личноста на Александар, култ често проследен со страсно обожување и поклонување во провинциите кои ги завладеал. Во своето време Александар Велики станал апсолутен суверен на територијата од Средоземјето до Хималаите, со што се здобил со улога не само со корисник, туку и на генератор на политичка моќ. Стравопочитта на населението кон него одела дотаму што, како што вели Робинсон, Александровата смрт била во основа зачеток на западниот концепт за божествена монархија.

Александар починал млад, без да остави легитимен наследник на тронот на огромната империја. Тоа резултирало со отворен судир помеѓу потенцијалните наследници, во прв ред неговите генерали, околу наследните права врз круната. Најубедливиот начин некој од нив да докаже дека токму тој е легитимниот наследник било да приложи доказ за блискост со починатиот император. Најубедливиот доказ за блискост доволен да се прифати империјалното право на наследство биле сопственоста над трупот на Александар и преземањето одговорност за организирање на неговиот погреб. Двајцата најсериозни противници и аспиранти за тронот, генералите Птоломеј и Пердика, токму затоа заговарале и отворено се натпреварувале за сопственоста над Александровиот леш. На крајот, по неколку воени маневри, пресретнувања на поворките, па дури и воени судири, Птоломеј излегол повешт и Александровото мртво тело завршило во Египет. Според египетските обичаи, Александровиот труп бил мумифициран и изложен во проѕирен саркофаг од стакло, изложен на јавен увид, за египетските граѓани и обичниот народ да можат да се уверат во Птолемеевата сопственост над лешот и за да се восхитуваат на големината на фараонот. Александровиот труп, како што пишува Ерскин, со тоа станал „талисман” на Птоломејската владејачка династија, односно генератор на симболички капитал од кој Птоломеидите црпеле легитимитет во годините што доаѓале. Во натамошниот тек на историјата некои од најважните светски водачи, како Гај Јулиј Цезар, Марк Антониј или Октавијан Август, биле активно заинтересирани за трупот на Александар. Посебна епизода со Александровото мртво тело имал и познатиот лудак на античкиот свет, ексцентричниот император Калигула. За време на своето владеење тој успеал да одземе значаен дел од кралскиот накит и оклопот на Александар, и потоа го носел на себе за време на јавните настапи, обидувајќи се да се претстави како инкарнација на античко-македонскиот крал и император.

Откако христијанството беило воведено како официјална религија на Римското Царство, трупот и наследството на Александар почнаа се третираат како дел од паганското неверничко минато, губејќи го политичкото значење. Сепак, претставата на Александар веќе била доволно митологизирана во најразлични региони од светот кои биле дел од неговата империја (па дури и подалеку, на пример во Источна Азија – денешна Малезија и Сингапур). Племиња и народи распространети на територијата што некогаш била под негова контрола, а особено во Југоисточна Европа од каде што Александар потекнува, го зачувале, репродуцирале и контекстуализирале митот за славниот владетел како дел од сопствената идентификација, но и го надоградиле со елементи увезени од други краишта.

Во средновековното доба се појавил славниот роман „Александрида”, познат и како „Александровата романса”, каде што Александар е претставен како херој кој доживувал најразлични авантури и бил насликан во согласност со тогашните стандарди: од „пагански владетел добива (...) христијански црти”, претставен е како „идеален и чесен витез, итар во бојот, милосрден спрема победените, а суров спрема предавниците”. Романот бил преведен на повеќе тогашни наречја, меѓу другото и на одредени словенски дијалекти. Делумно оттаму произлегува инкорпорирањето на Александар во јужнословенската митологија и атрибутирањето на Александар со прото-словенски и словенски карактеристики. Југословенската Енциклопедија од 1983 за „Александрида” го кажува следново:

        „Потеклото на јужнословенската редакција на Александридата, која е пишувана само во проза и која од хрватско-српското јазично подрачје преминала во бугарската (XIV в.) и романската, а потоа во руската книжевност (XV в.), каде што го добила називот „српска Александрида”, сè уште не е разјаснето.” [10]

По Александрида, постојат и натамошни јужнословенски наративи инспирирани или базирани на ликот на Александар Велики. Освен името на Александар, кај балканските Словени познато и користено било и името на Букефал - неговиот славен коњ, а Александровото име, како и името на неговата сопруга Роксанда биле инкорпорирани во народните песни; постоеле и усмени легенди и преданија за неговите походи кон Персија, како и авторски дела во кои античко-македонскиот крал бил нарекуван „Александар Србљанин”, и во кои се тврдело дека Александар бил еден од првите „словенски” владетели. [11]

Во подоцнежниот период, со модернизацијата на Југоисточна Европа и инкорпорирањето на западните вредности, меѓу кои и концептот на национализмот, идејата за нацијата како и идејата за културна и „крвна врска“ со антиката, митовите за антички потекла на модерните народи, вклучително и наративот за античко-македонско потекло, биле ремоделирани и усогласени со идеите за историски нации.

Па така, од легитимирањето на владетелите во средниот век и од легендите, преданијата и фантастичните приказни, во деветнаесеттиот век ликот на античкиот владетел и освојувач Александар почнал да добива улога во легитимирањето на нациите и создавањето митови за заедничко историско потекло. Парадигматски случај за тоа е оној на модерна Грција, каде што во процесот на градење на нацијата антиквитетите станале главен извор на симболички капитал за внатрешно и надворешно легимирање на нацијата. Како што впрочем е прикажано и во оваа студија, наративот за тоа дека Грците се наследници на Античка Македонија и Александар Велики по одредени дебати и процес на синтетизирање на разни историски наративи бил вклучен во официјалната грчка приказна со објавувањето на официјалната Историја на грчкиот народ и на неколку други трудови на Папаригопулос во периодот 1860-1874.

Современ и актуелен случај за сличен развој на настаните е оној на Република Македонија, каде што националната историја по одредени редефиниции е заснована пред сè на етногенетската врска помеѓу денешните и античките Македонци.

Важно е да напоменеме дека денес улогата на национален херој Александар ја има, освен во грчката и македонската национална митологија, и во некои други балкански наративи - албанскиот, српскиот, бугарскиот, египќанскиот и влашкиот. За разлика од митовите во Грција и Македонија, другите пет случаи се езотерични, „бенигни“ и претставуваат декор на јавната сфера, иако тоа не значи дека не би можеле во иднина да бидат ставени во поинаков контекст. Впрочем, македонското искуство со наративот за потеклото од Александар долго време бил сметан за маргинален и неважен.

Средновековните митови за српското потекло на Александар Велики (Александар Карановиќ) и ден денес служат како инспирација на дел од српските национализми. [12] Во бугарската национална имагинација се среќаваат различни наративи: едни дека прото-бугарските војски биле жестоки непријатели на Античка Македонија; но постои и наратив кој, спротивно на ова, тврди дека Античките Македонци биле Тракијци, а со тоа неминовно дел од бугарскиот национален наратив. [13] Исто така, некои од албанските романтичари ја промовираат идејата за Александар прото-Албанецот, базирајќи ги овие тврдења на епирското, односно илирското потекло на неговата мајка Олимпија. Од друга страна, токму еден од модерните албански национални митови е базиран на директната врска помеѓу античкото епирско кралство со модерната албанска нација. [14] Александар и Античка Македонија исто така се објект на етнонационалната имагинација на Власите и балканските Египќани, две малцински групи распрснати на територијата на Балканот. Влашките митови се базираат на хипотезата за зачувување на својата автентична култура и јазик, поради нивното повлекување во тешко достапните планински региони што им ја загарантирало безбедноста на културните специфики од евентуална асимилација. Она што тие веруваат дека го зачувале е и колективната меморија за блискоста или идентичноста со Античките Македонци. [15] Едно од објаснувањата за ова е дека влашкиот симбол (осумкрака ѕвезда или Сонце) наликува на античко-македонската ѕвезда, односно на Сонцето од Вергина. [16] Балканските Египќани, пак, веруваат дека нивното доселување на Балканот било последица на зголеменото ниво на мобилност и циркулација на населението за време на Александровото владеење. Оттаму верувањето дека самото нивно присуство од оваа страна на Средоземното Море е заслуга токму на Александар Велики. [17]

Белешки

[1] See C. A. Robinson, Jr., “The Extraordinary Ideas of Alexander the Great”, The American Historical Review, Vol. 62, No. 2 (Jan., 1957), pp. 326-344
[2] Види A.B. Bosworth, Conquest and Empire: the Reign of Alexander the Great (Cambridge: Cambridge University Press, 1993) и E. Badian, “Alexander the Great and the Unity of Mankind”, Historia: Zeitschrift für Alte Geschichte, Vol. 7, No. 4 (Oct., 1958), pp. 425-444
[3] See Allen, op. cit.
[4] See Robinson, op. cit.
[5] Andrew Erskine, “Life after Death: Alexandria and the Body of Alexander”, Greece & Rome, Second Series, Vol. 49, No. 2 (Oct., 2002), pp. 163-179
[6] Ibid., p. 174
[7] See Nicholas J. Saunders, Alexander's Tomb: The Two Thousand Year Obsession to Find the Lost Conqueror (New York, Basic Books: 2007)
[8] Понекогаш, на Александар му беа додавани карактеристики на Антихрист. George Cary, “Alexander the Great in Mediaeval Theology”, Journal of the Warburg and Courtauld Institutes, Vol. 17, No. 1/2 (1954), pp. 98-114
[9] Никица Колумбиќ, “Александрида” во Енциклопедија на Југославија - издание на македонски јазик (Загреб: Jugoslavenski Leksigrafski Zavod, 1983), pp. 164. За изворниот текст на “Александрида” со оригинален предговор, види Richard Stoneman, The Greek Alexander romance (London: Penguin Books, 1991)
[10] Колумбиќ, op. cit.
[11] Ibid.
[12] На пример види Jovan Deretic, “Aleksandar Veliki, Car Srpski”, <http://media.starasrbija.info/dr-jovan-deretic-aleksandar-veliki-car-srpski.pdf>. Види и Zorica Dergovic-Joksimovic "Serbia Between Utopia and Dystopia", Utopian Studies. 03 May, 2009.
[13] Види Денка Кацарска, “Доц. Пламен Павлов: Антична Македония не е за съвременна политическа или идеологическа употреба”, Агенция Фокус 19.06.2009. Пристапено на интернет 20.07.2009. Види и “Доц. Пламен Павлов: Същността на македонската енциклопедия е антибългарска,” Агенция Фокус 09.11.2009. Пристапено на интернет 12.11.2009.
[14] Види Antonina Zhelyazkova, “Albanian Identities”, International Centre for Minority Studies and Intercultural Relations, 2000, <http://pdc.ceu.hu/archive/00003852/01/Albanian_Identities.pdf>. Пристапено на интернет 03.05.2009. Fatos Lubonja, “Between the Glory of a Virtual World and the Misery of a Real World” во (ур) Stephanie Schwandner-Sievers, Bernd Jürgen Fischer, Albanian identities: myth and history (Hurst & Co. Publishers, 2002), pp. 91-103 . Sinisa-Jakov Marusic, “Alexander the Great was Albanian, Author Claims”, Balkan Insight 31.12.2009. Пристапено на интернет 01.01.2010
[15] Некои културни здруженија на Власите ширум светот своето потекло го бараат токму во директната поврзаност со Античките Македонци и како свој симбол го користат, на пример, портретот на Александар Велики. Nicholas S. Balamaci, “Can Vlachs write their own history?”, Journal of the Hellenic Diaspora 17 (1991), pp. 9-36
[16] Види Tom J. Winnifrith, “The Vlachs of Macedonia”, Society Farsarotul Newsletter, Vol. XI, Issue 1 (1997). <http://www.farsarotul.org/nl20_1.htm>
[17] Види Миодраг Календар Хаџи Ристиќ, “Прашањето на етногенезата на Египќаните во Македонија” во (ур) Рубин Земон, Зборник на трудови за етногенезата на Египќаните во Македонија (Скопје: Логос-Т, 1996), pp. 114-115

продолжува...

 

Ова за збогум од Македонија?

Ова за збогум од Македонија? Па-па Вангели, па-па. Еден морон помалку, сега уште Влатко Ѓорчев да го пратиме во Северна Кореја и мислам дека полесно ќе се дише.

Ма предлагам сите што не Ви

Ма предлагам сите што не Ви се допаѓаат да ги пратиме на Голи Оток за да може Вашето ценето височество мирно да дише =)

Betmen e ochigledno eden od

Betmen e ochigledno eden od pritaenite obozavateli na mladiot gospodin Vangeli. Sepak, nerealiziranosta i do odredena mera kompleksite, ne mu dozvoluvaat da svoite simpatii gi izrazi otvoreno, pa go koristi diskursot na "tretiot pat" za da ja zatskrie taa naklonost-sto vo najmala raka e kvaziintelektualno. Isto i okolu izborot na "alter egoto"-siguren su deka chovekot ima svoe sosema pristojno ime, no ednostavno ne se osmeluva, ili pak ne se chustvuva dovolno samouveren da go praktikuva vo vaka delikatni situacii. Ke dodadam i deka ne e fer kon gospodinot Batman da se zloupotrebuva negoviot lik i delo za vaka banalni raboti.
Pozdrav i do gospodinot Vangeli, toj e izvonredno momche (makedonche se razbira).

Ауууу ... као спротивно

Ауууу ... као спротивно од антиквизација би било словенизација ... На овој Атанас Вангели можеме да му налепиме етикета " СЛОВЕНИЗАТОР " ... Јбг имало Србомани , Бугараши , Гркомани ... сеа у модерно време словенизатори ...

jebote koj DEBIL. zlatna

jebote koj DEBIL. zlatna medalja. alal!

fala Bogu, da prochitame

fala Bogu, da prochitame neshto na nauchna baza

ОкоБоли главаВицФото