Камп за атеисти

29.06.2009 15:43
256px-Atheism_symbol_syreeni.svg_.png

Доколку сакате да го одгледате своето дете во атеистички дух, тогаш можете да го пратите во летен камп кај Ричард Докинс, вели лондонски Times, кој пишува за најновата активност на најпознатиот светски атеист и бескомпромисен бранител на Дарвиновата теорија за еволуцијата.

Имено, славниот еволуциски биолог Докинс, автор на бестселерите „Себичен ген“ и „Илузија за Бог“, од 27 до 31 јули во Сомерсет, југозападна Британија, ќе организира прв атеистички камп за деца и момчиња на возраст до 17 години.

„Сакам да ги охрабрам децата да мислат со своја глава, за да бидат рационални и скептични. Мојата намера е да ги обезбедам со орудие за размислување, а не со готови мисли“, изјави Докинс кој веќе неколку месеци е професор во пензија на Оксфорд, каде со години предаваше на катедрата за јавно разбирање на науката.

Пензионирањето за Докинс не значи и повлекување од јавноста, па од почетокот на годината привлече внимание како еден од организаторите на атеистичката кампања во европските градови. Во склоп на таа кампања на јавните градски автобуси во неколку градови, вклучувајќи ги и Лондон, Барселона и Џенова, се појавија натписи со пораката: „Лошата вест е дека не постои господ. Добрата вест е дека не ти е потребен“.

Првиот британски атеистички камп за деца се организира во соработка со американската иницијатива Cam Quest. Станува збор за иницијатива која во 1996 година ја основале американскиот адвокат Едвин Кагин за децата кои се „атеисти, агностици, слободоумни, токму како и сите оние кои го поддржуваат рационалниот, а не ирационалниот поглед на светот“. Тие летни кампови се одржуваат во пет американски држави, како и во Онтарио, Канада.

Во склоп на првиот атеистички камп во Британија децата претпладне ќе имаат увид во еволуциската биологија и моралната филозофија, и ќе расправаат за феномените како телепатијата и круговите во житата. Попладнињата се резервирани за слободни активности кои се вообичаени за сите детски летни кампови, како што е возење велосипед и пливање.

ОкоБоли главаВицФото