
Жената од моите сништа се викаше Ана – име кое, во зависност од расположението, може да потсетува или на муза, или на измеќарка. Реков жената од моите сништа, но поточно е тоа дека Ана своевремено беше жената од моето јаве.
Имавме врска полна со нежности, но траеше само една година, а тоа е кратко време за оние љубови кои расжестено успеваат да ги надминат првите петнаесетина дена живот. Живеевме во ист град, а се гледавме по неколку часа дневно, кога наеднаш – се вмеша една од оние случајности во животот кои им се чинат неповторливи и колосални на оние на кои им се случуваат, но не ги раскажуваат на други затоа што се многу чести: набрзо Ана мораше да се раздели од мене за два месеци. Помислата дека треба шеесет дена да бидеме разделени ни беше многу горчлива.
И еве нè на последниот ден пред заминувањето, на последните часови. Бевме во еден голем град во Европа.
Ана мораше да тргне со возот од десет навечер, кон запад.
Следното утре требаше да тргнам и јас, кон север.
Ручавме заедно во една биртија која се наоѓаше на среде еден огромен забавен парк, полн со тезги, свирачи, оркестри, вртелешки, игри, и други наивни разоноди. Во тој парк требаше да се сретне со некои си нејзини роднини, кои требаше да патуваат со неа.
* * *
Додека да дојде девет, се маткавме наваму-натаму низ паркот, еден крај друг, повторувајќи си некои нешта кои дотогаш многупати си ги имавме кажано, и таа вечер, и со денови и месеци наназад, цела една година.
Навабени од толпата, или од судбината, или од којзнае кој ѓавол, се затекнавме во еден широк ходник кој водеше не знам дали до една „Мистериозна куќа“, или до некоја си „Соба со восочни луѓе“, или до „Магичното вовче“. Во еден момент, Ана чекореше пред мене: до ненасита ѝ се восхитував на нејзината висока и исправена става, на беспрекорно белиот врат, на црната коса која се губеше под една малечка црна шапка која ги собираше. Се сврте за да ме гледа, и срцето ми се стегна кога ја видов како ми се насмевнува со тие нејзини очи од блескав јаглен, чудна мрачна и вжарена нота во нежните и бледи црти на нејзиното лице.
Ѝ реков:
- Ана, да се поздравиме сега – за некоја минута ќе поминат да те земат, најдобро веднаш да си одам. Сакам да бидеме сами во последните мигови кои ги поминувам со тебе. Последната слика која ќе ја задржам од тебе не сакам да биде поматена со други ликови.
- Во право си: штом ќе дојдат, си одиш. Вети ми.
- Ти ветувам. И ти вети ми дека нема да ме задржуваш. Да бидеме силни.
- Ти ветувам – рече Ана.
Една група минувачи нè поттурна. Се гледавме полни меланхолија.
- Да не е доцна?
- Уште некоја минута.
Чувствувавме дека нè притиска некаков напорен, нетрпелив гнев. И јас и таа бевме нестрпливи конечно да сврши бескрајот на овие последни минути. Веќе бевме нетрпеливи да се разделиме, дури до таму стасуваше нашата болка. И јас и таа почувствувавме дека очајнички ни треба некако да се извлечеме. Ана, кога беше среќна, беше луда по вртелешки, рингишпили и слични детски игри. Пробав да ја насмеам. Ѝ предложив:
- Сакаш уште еднаш за крај на „Магичното вовче“?
Бледо се насмевна:
- Нема веќе време.
Така, се најдовме пред едно од двете големи огледала кои се наоѓаат од едната и од другата страна на влезот.
* * *
Ова не беше обично огледало. Кога гледаш во него, не знам кои благи закривувања на неговата површина го покажуваа сето негово поле небаре исполнето со некаква ретка пепеласта магла; а таму внатре нашите две слики, една крај друга, се чинеа изобличени од страните, и заедно тие две слики беа и тоа како далеку од нас, додека ги гледавме: две треперливи ларви во еден тажен изгубен свет.
- Гледај – ѝ реков, - прилепена си до мене, еве сега, а наскоро ќе бидеш далечна како онаму: ќе бидеме оддалечени, еден од друг, исто вака.
- Ајде до другото огледало – рече Ана; - смешно е.
Се нацртавме пред другото огледало.
Во ова огледало изобличувањето беше попрецизно, погрубо, и одвратно.
Ваквите огледала не биле измислени единствено користејќи се со простата техника на некој стаклар. Создавањето на овие огледала сигурно било поттикнато од свирепоста на некој лош дух, а работникот кој ги прави сигурно умира од болна смрт, а потоа е осуден на вечни маки. Не постои ни цинизам, ни меѓучовечки презир кој може да биде толку злобен како чувството кое ни се јавува кога гледаме како нашето тело се изопачува на толку безмилосен начин.
Само што се видов, почувствував како ми се искривува лицето. Но уште полошо се искривувше другото мое лице, онаму, во ужасниот простор од другата страна на онаа сјајна закривена површина: таму, моето битие ми наликуваше на очајно и смешно чудовиште, а сепак се препознавав: чкулав, подвиткан и преплашен, тоа бев јас: нешто налик стара усна хармоника, исклоцана и фрлена на земја – тоа беше моето тело, со моите очи, единственото живо нешто од сиот тој гнасен створ сплескан кон подот. Мојот мозок знаеше дека сево ова е само шега, па затоа ми заповеда да се насмевнам, и јас се насмевнав со некаква недоквакана насмевка која ми ги измачуваше мускулите на лицето; потоа во еден миг скоро се смрзнав од страв кога одеднаш помислив дека во тој миг Ана ме гледа така; сè уште смешкајќи се по малку лицемерно, пробав да се завртам кон неа.
Само што тргнав да го направам движењето, веднаш в очи ми падна и таа, со нејзината фигура, и таа, покрај чудовиштето кое бев јас: фигурата на Ана беше саката, растегната, понижена, навредливо изгнасена, одвратна и брчкосана небаре стар фетус, смешно искривена; - а сепак ја гледав, закован и скаменет, дури и се трудев да ја анализирам, студено ја набљудував: се чинеше како некоја огромна, непобедлива рака да ја сплескала одозгора, со што ја распрснала од сите страни, а челото и се губеше помеѓу косата и веѓите; лицето ѝ личеше на тапо купче разорани брчки на кое црните ноздри ѝ се отвораа како ужасни дупки, а устата беше целосно смачкана и исклештена; немаше повеќе врат, туку нејзината глупава глава беше насила набиена во трупот на таа злокобна гадотија со удвоени рамена и подуени и нерамни гради – колку повеќе одев надолу со погледот, толку тоа грубо ширење растеше, грдееше нејзиното тело, телото на Ана, сè до половината која испреплеткана речиси се влечеше по земјата, а нозете ѝ беа страшно куси и раширени во лак над стапалата кои наликуваа на две гадни, размачкани дамки. На нив притискаше и бесрамно се тетеравееше одвратната маса на сè она што беше таа, Ана, па се чинеше дека како осакатена гуска ќе зачекори нанапред, ќе излезе од огледалото и ќе ми се приближи, за најпосле со една малоумна насмевка напечатена врз устата да ми рече:
- Еве ме, јас сум, Ана твоја.
Како вкочанет стоев и ја гледав премрен. Можеби сета онаа распорна болка не траеше повеќе од миг, но во тој миг се почувствував проголтан од најстрашното премрежје, и само што не вреснав; кога глас од жив човек проговори зад моите рамена:
- Еве стигнаа, добравечер.
* * *
Се свртев како избезумен, а новодојдените веќе нè поздравуваа и мене е неа:
- Ајде – велеа – доцна е.
Се прибрав, но останав изгубен и занесен: ги поздравив отсутно, се сетив на ветувањето, а сепак нешто ме тераше да избегам што беше можно побрзо.
- Морам да одам, пријатна вечер, среќен пат, догледање.
Веднаш избегав, и не можам да се сетам дали го видов лицето на Ана измешано со лицата на останатите, не знам како се најдов дома, а и само што стигнав, веднаш повторно излегов, но откако малку се проврткав, одново се вратив. Во мозокот немав ни слики ни мисли. Си легнав и заспав, без да мислам на Ана. Спиев како заклан, како хипнотизиран, во полн, тежок сон, без да сонувам што и да е. Следното утро се разбудив наеднаш, одморен ми се чини, а можеби и празен, и некако вџашен. Додека дневната светлина влегуваше во собата низ затворените кепенците, јас помислив:
- Ана...
Ја замислив така, како име. Потоа со болка се сетив на тоа дека долго време нема да ја видам. Зрак светлина допре до работ на креветот.
Одеднаш се сетив дека понекогаш Ана знаеше да влезе во мојата соба ова време, па да се наведне над мене штом се разбудам.
* * *
При оваа помисла за миг видов како, небаре некое вистинско суштество, ми се приближува онаа слика, последната слика на Ана која ја видов, ужасната личност искривоколчена од огледалото, и како, лулајќи се небаре патка на кусите расчепатени нозе, се приближува до мојот кревет и го подава кон мене она сплескано и растегнато лице без чело. Вреснав, скокнав од креветот и на врат-на глава се облеков, се сетив дека треба да тргнам, си ги собрав куферите, го фатив возот, најдов место, и сето тоа некако на бегање, додека Ана сè уште ја замислував само како име, категорично забранувајќи си да си ја претставам како слика. По сите напори и очајнички преметкувања од место на место, се смирив.
Спокојството и итањето на возот ме натераа да помислам дека одново ми се вратиле во нормала чувствата, болката и утехата на сеќавањата, но штом желно си реков себе си: - Ех, камо и Ана да беше тука, со мене во возов! – ете уште еднаш, наместо лицето кое го барав, се појави злокобната фигура и седна спроти мене, па ме загледа со својата изопачена малоумна насмевка. Тоа се случуваше сè и сè почесто, и тој ден и следните денови – сто начини испробав, се губев од град во град, сакав некако да се ослободам со тоа пеколно бегство, но сè беше попусто. Ѝ бев ветил да ѝ пишам за ден два и да ѝ ја оставам мојата адреса, а не можев. „Ана моја мила“, почнував да пишувам, и веднаш си го замислував монструмот од огледалото како го прима листот и одвратно го бакнува, и така оставав сè за следниот ден. Илјада пати седев склопчен со главата меѓу колена и сакав да мислам на Ана, на онаа мојата, вистинската Ана, пак да ја видам убава, каква што беше, но не успевав, никогаш повеќе не успеав, и никогаш не ѝ пишав, и многу години минаа, и ја изгубив, и таа ме изгуби, и сигурно илјада пати ме има проколнато, но сепак – онаа мила фигура која на почеток ја опишав ја замислувам само со мозокот, но како некоја друга, како нешто измислено, како слика: не ја гледам како Ана, ништо не гледам како Ана, ништо друго освен последната нејзина слика која ми остана в очи, сликата од ѓаволското огледало, чиј што творец е или мртов, или ќе умре од болна смрт, ако веќе не се црвосува во маките на најдлабокиот пекол.
„Жената од моите сништа“ на Масимо Бонтемпели е збирка кратки раскази издадена во 1925 година од издавачот Алфонсо Мондадори од Милано. Во поголемиот дел од расказите во оваа книга главна улога има вишата сила, или ако повеќе милуваме - судбината, која на главниот лик му налага определени заплети а со тоа и душевни расположенија. Ваквата позиција на „трпител“ на дејствието многу често многу лесно му поаѓа од рака на Бонтемпели, со тоа што тој пред сè си игра до книжевен правец наречен „магичен реализам“. Така, Бонтемпели со навидум преголема леснотија претставува определени полубиографски моменти кои подоцна се закривуваат во случки со неверојатен тек. Поради ваквата леснотија и отсуството на општествена критика во неговите дела, Бонтемпели (слично како и Дино Буцати, другиот поголем претставник на магичниот реализам во Италија) долго време не бил многу сериозно сфатен од критиката, и покрај неговиот активизам во полето на италијанската книжевност и култура вооошто (на почетокот од дваесетиот век Бонтемпели го основал списанието „Новеченто“, во кое се залагал за осовременување на италијанската литература, која ја сметал за „смртно досадна“).
После повеќе од половина век, критиката го преоткива Дино Буцати, со што тој се афирмира како еден од најголемите модерни прозаисти на италијанскиот дваесетти век. Бонтемпели, кој живее помеѓу деветнаесетиот и дваесетиот век, дејствува во атмосфера многу поразгорена од културна гледна точка – тоа е времето на авангардиите, на различните книжевни струи и дискусии околу правецот во кој треба да се движи италијанската литература. А ако ја земеме во предвид силната приврзаност на италијанската критика кон традиционалните вредности (пред сè на класицизмот), и негостопримливоста кон туѓите влијанија (магичниот реализам е руски бренд чија што (често мрачна) фантастичност во никој случај не одговарала на соларниот темперамент на италијанците) сосем е разбирливо тоа што Масимо Бонтемпели останал речиси непознат на современите читатели.
Превод од италијански: Живко Грозданоски
Слика: Џорџо де Кирико