Пионерите на утрешнината

30.06.2009 11:14
Фарфур

Џиновска пчела танцува низ студиото, додека девојчето-водителка нешто зборува. Изгледа како вообичаена емисија за деца, но Пионерите на утрешнината се нешто сосем друго. Тоа е програмата за деца која се прикажува на официјалната телевизија на палестинското движење Хамас, Ал-Акса ТВ, од април 2007 година.

Во емисијата се појавува личност во огромен црнобел костим сличен на Мики Маус - Фарфур. Милитантите на Хамас го изнајмиле Мики Маус за на нивната омилена публика, децата, да им ја пренесе пораката за исламската доминација и вооружен отпор. Во една епизода, глушецот Фарфур танцува со замислен митралез и истовремено ги охрабрува децата да пијат млеко, да учат повеќе и да пружаат отпор кон Израел и САД. Фарфур (откако го убиваат Израелците) го наследува пчеличката Нахул. Таа умира бидејќи не ја примиле во израелска болница кога се разболела. Потоа е заменета од зајакот Асуд.

Ликови

Асуд - зајак сличен на Душко Долгоушко. До смртта на пчеличката Нахул живеел во Либан, но сега се вратил дома за да ја ослободи татковината и да ги „изеде Евреите“.

Сара Бархум - единаесетгодишна девојка која ја води емисијата. Во едно интервју изјави дека сака да стане лекарка кога ќе порасне. Татко и’ е универзитетски професор.

Фарфур - главен лик, глушец со пискав глас, очигледна копија на Мики Маус. Негови изјави: „Вие и јас ги поставуваме темелите на светот со кој ќе управуваат исламистите“, „Ќе го вратиме сјајот на исламската заедница и ќе го ослободиме Ерусалим, по волјата на Алах, ќе го ослободиме Ирак, по волјата на Алах, ќе ги ослободиме сите муслимански земји кои се окупирани од убијци“. Фарфур покажува како се стрела од пушката АК-47 и како се фрлаат бомби. Тој е претепан до смрт од страна на Израелец кој сакал да ја купи неговата земја. Фарфур ги нарекува Израелците терористи.

Нахул - негова роднина која го заменува во емисијата откако е убиен. Ветува „одмазда кон непријателите на Алал, убијците на пророкот“ и продолжение на делото „војна на џихадот“. Нахул се разболува 2008 година и се обидува да излезе од Газа за да појде во болница. Не и’ е дозволено да замине и да побара помош во Израел, па умира.

Незаборавни моменти

26 април 2007: Сара му вели на Фарфур дека мораме да се трудиме да го запомниме целиот Коран, бидејќи „доколку сакаме да владееме со светот мораме да го знаеме Коранот наизуст.“

11 мај 2007: Фарфур полага завршни испити на училиште. Препишува на тестот и кога репортерот го прашува зошто, тој одговара: „Бидејќи Евреите ја срушија мојата куќа, и книгите и тетратките ми останаа под урнатините“. Набрзо сфаќа дека препишувањето е забрането. Паѓа на испитот и им порачува на гледачите: „Ги повикувам сите деца да учат повеќе и да се подготват за тестовите бидејќи Евреите не сакаат да учиме“.

27 јуни 2007: Фарфур е претепан до смрт. Сара вели: „Фарфур стана маченик бранејќи ја својата земја“ и додава дека Израелците се „убијци на деца“.

13 јули 2007: Нахул го презема местото на Фарфур.

Октомври 2007: Дете од две години ракува со пушката АК-47 и му покажуваат како се убива. Детето вели дека е шехид и дека сака да стане бомбаш-самоубиец.

Февруари 2008: Асуд, зајакот кој дошол во Газа со провлекување низ оградата со Египет кога беше срушена, разговара со Сара за освојување на Тел Авив (за кој велат дека оригинално се викал Тел-Рабија). Во песната на крајот од емисијата се вели: „Нема да го признаеме Израел сè додека не ја ослободиме нашата татковина од ционистичката валканица“.

***

Иако содржината на оваа програма е очигледно непримерна, таа исто така го прикажува и палестинскиот живот под окупација. Рибарите гинат додека ловат риби, граничните премини се затворени, луѓето не можат да излезат или влезат во Газа... Тоа е состојба на повеќегодишен затвор. Угнетување и систем на апартхејд кој ги полудува луѓето.

Водителката Сара, ќерка на универзитетски професор, вели дека емисијата само претставува израз на бесот кој го чувствуваат луѓето на окупираните територии. „Ние не сме терористи. Не го поддржуваме тероризмот. Ние сме само обични луѓе кои ја бранат својата татковина“, вели Сара.

Сара има седум браќа и сестри. Таа и нејзиниот брат биле ранети кога израелска граната паднала врз куќата на нивниот сосед. Кога ќе порасне, Сара сака да биде лекарка.

Ликовите кои се појавуваат во Пионерите на утрешнината ја користат секоја прилика да ги индоктринираат младите гледачи со учењето за исламската доминација, омразата кон Израел и САД, како и да го поддржат „отпорот“ - што во палестинските услови често значи „терор“.

Министерството за надворешни работи на Израел тврди дека Пионерите на утрешнината ги учи децата дека убивањето Евреи е позитивно нешто и дека децата се учат да ги мразат Евреите и „неверниците“. Јехиа Муса, еден од водачите на Хамас, го негира ова: „Нам не ни пречат Евреите. Нам ни пречи окупацијата и окупаторите.“

Басем Абу Сумаја, директор на палестинскиот јавен медиумски сервис, вели дека ваквите емисии се несоодветни за деца. „Не мислам дека е професионално или хумано да се користат децата за така сировите политички програми“.

Самир Закут, психолог од Газа, вели дека емисијата докажува дека културата на величење на насилството навлегла длабоко во палестинското општество. „Вината за тоа ја делат обете страни - и Израелците и Палестинците. Да имаше мир во Палестина децата немаше да бидат учени на насилство“. Тој вели дека децата се истрауматизирани од крвопролевањето за време на израелските напади и внатрешните меѓупалестински пресметки. „Дојде до колапс на вредностите. Ако можат да го убијат својот непријател, можат да го убијат и својот брат.“

Извор: Pionirovglasnik.com

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото