Демократијата и слободата се начин на живот

27.10.2011 11:09
Али Самади Ахади

Пред да се „запали“ Блискиот исток, искрата на бунтот против диктаторските режими беше создадена во Иран. Неколкудневните протести против Махмуд Ахмадинеџад ги предводеше незадоволната младина, организирана токму како во северноафриканските земји – преку социјалните мрежи. Протестите во Иран беа организирани пред изборите како поддршка на Мир-Хусеин Мусави, претседателски противкандидат на Ахмадинеџад, а уште пожестока рекација следеше по лажираните избори. Одмаздата на властите беше застрашувачка. Како изгледало сето тоа, во својот полудокументарен филм „The Green Wave“, ни прикажува Али Самади Ахади, ирански режисер кој неколку години живее и работи во Германија. Тој ги користеше сведочењата на протестирачите, што на филмот му дава документарна димензија, како и извештаи за социјалните мрежи пред, за време и по протестите, што на филмот му даде реконструкциски елементи, но во анимиран облик.

Со овој автор разговаравме за недовршената револуција во Иран, но и за „арапската пролет“, за која верува дека ќе ја зафати и неговата земја.

Поминаа две години од изборите и постизборните протести во Иран. Каде се изгуби енергијата од тие денови која ја прикажавте во филмот? Чека ли погоден миг, нови избори...?

Причината поради која луѓето излегоа на улица, но и на изборите, беше многу едноставна: лошата економска ситуација, ужасната состојба со човековите права, недостаток на перспектива за младите поколенија, недостаток на права на жените, ужасната инфлација... Овие проблеми и понатаму постојат. Само чистото насилство на системот ги избрка луѓето од улиците, ама тие ќе се вратат при првата прилика.

Ги прикажавте важноста и влијанието на социјалните мрежи. Што се случуваше со нив во Иран? Колку интернетот е ставен под контрола и колку утре ќе може да се користи како средство за комуникација и организирање?

Брзината на интернетот е драстично намалена, илјадници интернет страници и социјални мрежи се контролирани од владата, но луѓето и понатаму се обидуваат да комуницираат со светот.

Смртта на младата жена позната под името Неда стана еден од симболите на протестите: оние што дотогаш не знаеја за проблемите во Иран, дознаа за нив. Сепак, кога зборуваме за Иран, главно зборуваме за Ахмадинеџад, за иранската политика, а речиси никогаш за луѓето. Вие тоа го покажавте во својот филм. Што е потребно за вниманието на јавноста да се пренасочи кон луѓето кои живеат угнетено, а кои не ја претставуваат иранската политика?

Мислам дека најважното нешто за нас кои живееме во „слободниот свет“ е да разбереме како мораме да ги штитиме демократијата и слободата, ако тие се сржта на нашето општество. Ние мораме да бидеме гласот на тие недолжни луѓе од Блискиот исток. Не поради сочувство, не зашто „тие“ ни требаат, туку поради тоа што во спротивно би се лажеле самите себе си. Тогаш би се издале самите себе си. А ако на политичарите им се важни човековите права и слободи, се прашувам зошто таа важност престанува на границите од државата која ја претставуваат.

Колку помогна вашиот филм да се излезе од тие граници?

Филмот беше прикажан на над 50 фестивали и привлече доста внимание, ако тоа помогна.

Верувате ли дека протестите во Иран беа иницијатор на бранот протести кои ги нарекуваме „арапска пролет“?

Верувам. А имаше и многу сличности. На протестите во Иран луѓето сфатија колку се силни и дека имаат моќ низ новите медиуми да го рашират својот глас низ светот. Во Тунис и Египет успеаја да ги дискредитираат режимите со помош на сликите и зборовите, и на тој начин да им го одземат легитимитетот.

Во документарецот е прикажана улогата на верските водачи во задушувањето на бунтот. Зошто тие застанаа зад режимот?

Интересно е дека највисоките верски водачи во Иран демантираа дека му честитале на претседателот. Тие четворица ги поддржаа демонстрациите, но овој режим јасно даде до знаење дека не го интересира што мислат и велат за него верските водачи.

Каде ги гледате земјите од Блискиот исток по револуциите? Се плашите ли од разочарување?

Мислам дека демократијата и слободата се само пат, а никако цел. Тоа е начин на живот. Учиш, вежбаш и ги живееш секој ден. Мораме да ги исполниме овие зборови со смисла и душа. Многу сум среќен после сето она што се случуваше во регионот и верувам дека овие држави можат да бидат успешни ако ги поддржи „слободниот свет“.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Извор: novossti.com

Слични статии

Филм
Општество
Жарко Трајаноски

ОкоБоли главаВицФото