
Нашите три основни поими – раса, нација и религија – својата модерна валенција (ако ми дозволите од хемијата да го позајмам овој убав егзактен израз) – своја специфична тежина, густина и детерминираност на поредокот – ја црпат, најверојатно, од два кратки мига, две кратки тематски констелации, во кои сите три пронаоѓаат нова појавност и нова деклараторна сила.
Првиот миг трае од 5 октомври 1894 година до 19 септември 1899 година. Секако, сите ги препознавте овие два датуми: тие го одбележуваат апсењето и формалното помилување на капетанот Драјфус. Тоа е првиот момент во кој нацијата, расата и религијата добија голем дел од денешниот динамички виталитет. Вториот момент (подоцна детално ќе го обработам) рамковно се движи од мај 1933 година до, на пример, септември 1939 година: мигот во кој прашањата за расата, црквата и нацијата повторно се предмет на расправа, овој пат во контекст на Хитлер.
Два кардинални моменти. Првиот, како што знаеме, моментално и непосредно ќе води кон ционизмот, бидејќи Херцл, присуствувајќи на јавното посрамотување и кршење на Драјфус, ќе ја конципира програмската можност за повторното раѓање на Израел. Вториот, со своето ужаснувачко продолжено траење, ќе доведе до израелската државата, чие создавање и судбина длабоко се поврзани со кризата на националсоцијализмот.
Овие две тематски констелации се проникнати со новите дефиниции на религијата, етничката припадност или расата, со националноста и национализмот. Овие дефиниции беа испитувани, анализирани и станаа програмски.

Случајот Драјфус
Разгледувањето на случајот Драјфус се одликува со посебна и поучна сложеност, во чии рамки секој проблем од наш интерес веќе е расправан. Посветете внимание на нијансите на можните позиции.
Има католички национализам против Драјфус, католички национализам кој упатува на ренесансната Франција од времето на Јованка Орлеанска и св. Луј – идентификувајќи ја partie, не со револуционерната визија, туку наспроти неа. Потеклото на ројалистичката лојалност е дамнешно: најстарата ќерка на црквата, како што Франција се нарекува според официјалната канонска дефиниција на римокатоличката доктрина, се свртува против туѓинецот, предавникот, против вирусот за предавството, и тоа не само еврејското предавство туку, како што наскоро ќе видиме, против вирусот на агностицизмот и секуларизмот. Среде страсната свирепост на оваа афера, нацијата повторно станува нешто многу поголемо од себеси: станува стадо. Таа повторно воспоставува однос кон традиционалната и територијална присутност на Бог.
За Драјфус постои католички национализам. Подеднакво силен. Неговата клучна фигура, со која ќе се позанимаваме и во која секој предмет на нашата расправа го наоѓа својот најсилен израз е, секако, Шарл Пеги. Пеги кој целиот свој живот ќе го посвети на расправата и размислувањето за нацијата, расата и религијата, за кого католицизмот претставува Божји град, Град на правдата, La Cité Divine, августиновска визија според која невиноста на Драјфус надминува каков било милитаристички или националистички интерес, а во име на концепцијата која нацијата ја поистоветува со трансцендентната цел. Нацијата не е секуларна случајност; нацијата е forma divina, отелотворен облик на Божјата волја на земјата, и токму невиноста на жртвата е првата, најзначајна и фетишистичка должност која нацијата мора да ја зачува.
Постои и агностички национализам против Драјфус, група секуларисти кои не бараат негова осуда во име на трансцендентната теологија или религиозната практика, туку исклучиво од попрагматични причини. Тие потсетуваат дека должност на модерната политичка држава е да брани од предавство, дека нејзино врвно задолжение е да бара лојалност. Токму овој агностички национализам ќе развие најмоќен аргумент, аргументот кој е средиште на многу расправи – дека осудата на индивидуата, иако трагична, иако, во овој случај, веројатно неправедна, мора да биде толерирана бидејќи, во спротивно, самата нација ќе биде доведена во опасност. На крајот, ниеден индивидуален човечки живот не може да биде противтежа на зачувувањето на националната држава во современиот конфликтен свет.
Постои агностички национализам за Драјфус. Овој став е особено суптилен и фасцинантен. Конечно ги доаѓаа под рака изданијата на сите релевантни документи до тие години, не само на Пеги туку, што е многу позначајно, од Марсел Пруст – документи кои, до неодамна, не и’ беа познати на пошироката јавност. Наклонетоста на Пруст кон Драјфус не е во никаква врска со полуеврејството на Пруст. Исто така, оваа сложена положба не е во врска со каква било мистерија или трансцендентно верување, туку, напротив, е израз на огромниот патриотизам според кој Франција е пример за неограничена правда за сите други нации. Франција не може да ја изневери својата мисија, за чие остварување само таа е доволно силна и голема да ја разликува сопствената судбина. Pereat mundi е мотото на Пруст како млад човек. „Францускиот дух“, таа најблескава одлика на partie – која Пруст, како млад полутуѓинец, толку силно ја чувствува – обврзува на отфрлање на каков било компромис со неправдата.
Конечно, тука е и многу малата, сократска, антинационалистичка група на страната на Драјфус. Тоа е група подготвена да ги отфрли барањата на националистичката држава, група која во овој судир гледа само осуда на националистичкиот принцип, која согледува дека национализмот, во мигот кога станува заслепен и немилосрден кон невината жртва, се разоткрива како потенцијално садистичка и инфантилна сила. Оваа група во аферата Драјфус пронаоѓа суштински аргумент за некој вид апстрактен универзализам. Непресушно фасцинантен претставник на овој став е Жилиен Бенда кој, на славната вечера по повод амнестијата на Драјфус во Revue Blanche, одби да ја испие здравицата, здравицата на олеснување кои сите ја испија во надеж дека Драјфус по враќањето од Ѓаволскиот остров ќе биде поштеден од понатамошната агонија и тортура. Бенда веднаш истакна дека амнестијата не реши ништо, зашто не беше последица на соодветната легална процедура туку еден ad hoc, условен изум на милост, и дека вистинскиот проблем не е капетанот Драјфус, туку видот сократски, можеби платонски принцип на процедурата, правилната процедура. Загрозена е праведната процедура, владеењето на законот на врвот на сите национални меки и, доколку луѓето не почнат да го согледуваат врвното значење на владеењето на законот, ќе следи пропаст.
Секоја од овие позиции има своја потенцијална мистика, своја стратешка гама или спектар, во чии рамки се изградија прашања што сè уште интензивно нè преокупираат.
Продолжува...
Ова е текстот на говорот одржан 1988 година на симпозиумот „Раса, религија и национализам“ на колеџот Скидмор.
Извор: Pismo број 28, 1992.
Слики: Макс Бекман
Одличен и вечно актуелен, но
Испратено на 19 ноември 2011 од Леви БенинОдличен и вечно актуелен, но нажалост премногу тешко сварлив текст за регрутите лојалисти.