Вреди ли оваа фотографија 4,3 милиони долари?

21.11.2011 14:06
Вреди ли оваа фотографија 4,3 милиони долари?

Rhein II е официјално најскапата фотографија во светот. Станува збор за фотографија од реката Рајна на плексиглас со димензии 2 х 3,5 метри. Автор на фотографијата е славниот германски визуелен уметник Андреас Гурски, чие дело минатата недела во австриската аукциска куќа Кристи беше продадено за вртоглави 4,3 милиони долари.

Гурски е голема ѕвезда, предводник на група уметници кои ја променија положбата на фотографијата во уметноста. Неговите дела редовно постигнуваат високи цени. Неговата фотографија 99 Cent II Dyptichon од 2001 г. беше продадена во Сотби 2007 г. за 3,3 милиони долари. Но тоа не е само случај со Гурски. Имено, фотографијата Untitled #96 која Синди Шерман ја направи во 1981 г., во мај годинава во аукциската куќа Кристи беше продадена за 3,9 милиони долари.

Продажбата на фотографијата Rhein II предизвика жестоки реакции. Со што една слика од реката Рајна толку се издвојува од сите останати фотографии за да собори рекорд со својата цена? И како фотографијата која се репродуцира во неколку примероци може да постигне цена како уникатна слика?

Хрватскиот фотограф Станко Абаџиќ се согласува дека уметничката вредност на Rhein II е неоспорна, но го загрижува нешто друго. „Фотографијата која е продадена за над 4 милиони долари е знак дека нештата се извлекоа од контрола“, вели тој.

Трговците, галеристите и колекционерите со тоа ја одземаат контролата од уметниците. Речиси повеќе и да не се расправа за елементите на фотографијата, за нејзината уметничка вредност, туку само за цените и рекордите. На тој начин фотографијата ја губи уметничката аура и станува недвижнина.

Директорот на Одделот за повоена и современа европска уметност во Кристи, Франсис Отре, неколку часа по продажбата, кога на интернет се распламтеа негативните реакции, даде свое видување на случајот.

„Андреас Гурски е уметник кој ја редефинираше фотографијата“, потсети тој. „Неговите фотографии имаат големи димензии, изработени се во посебни техники, во резолуции и бои кои се ’вистински предизвик за сликарството.’“

Фотографијата Rhein II е изработена во шест примероци. Три се наоѓаат во јавни музеи, еден во приватниот музеј Гленстоун во Потомак и еден се наоѓа во приватна колекција. Примерокот кој се продаде во Кристи е единствениот кој се најде на пазарот за уметност што, како што тврди Отре, значително му ја крена цената како уникат.

Извор: 6yka.com

Слични статии

Фотографија

ОкоБоли главаВицФото