Стрипот и музиката

18.07.2009 13:09
Дилан Дог

Зошто, по ѓаволите, детективите свират? Поради вишокот концентрација, се разбира. Кога прегреаниот мозок почнува да ги обмислува фактите со лошо преспоените невронски врски, и на тој начин ги замаглува заклучоците до кои допрва треба да се стигне, потребно е да го соочиме со нешто – како што духовито би рекле дечките од Монти Пајтон – сосем поинакво.

Шерлок Холмс свири виолина. Рип Кирби свири клавир. Клавир (но и многу други инструменти) свири и наводно најголемиот светски детектив, Бетмен/Брус Вејн. Џони Стакато е џез пијанист кој се занимава со детективска работа бидејќи не сака да го извлече носот од туѓите работи. И неговата карикатура Вик Арпеѓо не отстапува од оригиналот. Англискиот (ТВ) приватен детектив Филип Марлоу (кој не треба да го помешаме со истоимениот американски детектив, оној на Рејмон Чендлер) не го нарекуваат залудно – Распеаниот детектив...

Дилан Дог, детектив од стриповите, ловецот на чудовишта и натприродни појави, свири на кларинет. Соседите тврдат дека лошо го прави тоа. Но соседите, по правило, го мразат туѓото музицирање. За жал, неговиот помошник Гручо нема високо мислење за умешноста на Дилан. А знаеме дека вистинскиот Џулиус (Гручо Маркс), светски популарниот мајстор за филмски урнебес, бил многу образован човек, солиден мултиинструменталист, добар водвиљски пејач, многу добар познавач на нотите и музиката воопшто.

Сепак, во епизодата во која Дилан Дог се обидува да ја промени професијата се случуваат две битни нешта кои ни кажуваат за Дилан и неговото музицирање: 1) примен е на местото филмски критичар поради брилијантно положениот испит од областа на класичната музика (користена во филмовите); 2) на аудицијата во театарскиот оркестар, диригентот го прима на местото прв кларинетист, бидејќи е задоволен од Дилановото свирење на Ѓаволски трилер, музичко дело кое е исклучително тешко за изведување, но потоа и веднаш го исфрла од оркестарот, бидејќи „не ги следи и не знае да ги чита нотите“, и не е во состојба да се вклопи во оркестарското музицирање.

Освен тоа, во секоја сцена во која Дилан се фаќа за кларинетот, во некој агол ќе се најде, речиси скриен, цел еден куп партитури. Тоа би требало да значи, бидејќи одамна во Лондон не се грејат на дрва (и партитури) дека Дилан е музички писмен. И дека поминал многу време вежбајќи (барем едно) исклучително тешко музичко дело.

Впрочем, факт е дека стрип-цртачите просто ја обожаваат графичката претстава на музиката, и дека таа им овозможува да ги исполнат квадратите со „хиероглифи“ со кои се „испечатени“ долгите низи виткави и напоредни нотни линии, а кои ја заменуваат досадно бараната прецизност на исцртување на сценографијата. Оние ѕвездени моменти на Дилан Дог, кога во кадарот, или над него, се појавуваат вистински партитури, означуваат нешто совршено – да речеме, дебилен и/ли напуштен enfant terrible кој совршено го свири Бах, кој никогаш не можел ни да го слушне, а не да го научи. Значи, се работи за знакот за предупредување дека едно чудовиште прави нешто чудовишно. Нормалните луѓе, веројатно, вакви работи, едноставно, не прават.

По правило, моментите на свирењето на Дилан во стрипот се нацртани виткаво, преполни се со знаци и секакви нотни точки (најчесто погрешно нацртани или поставени), а кои цртачот можел да ги повика од својата аналфабетска меморија. Не дај боже Дилан да свири такво нешто – во најдобар случај тоа би била атонална, хорична музика, налик на онаа смртно и експериментално сериозната од 50-тите до 70-тите години, чиј естетски план било тоа да нè потсети дека „милозвучноста е невозможна после Аушвиц“.

Но ние знаеме дека манијакалните мачители (па дури и оние од Аушвиц), за време на мачењето и по него, како сите непоправливи малограѓани, секогаш ја претпочитале мелодичната и хармонична музика (од периодот од барокот до романтизмот). Затоа не можеме да претпоставиме дека Дилан Дог среде сопствениот животен хорор може да свири таква монструозност каква што стрип-цртачите со перо и туш му ја пикаат во кларинетот. Како и сите останати детективи, тој мора да се соживее (па и музички) со чудовиштето/манијакот/демонот што го лови.

Впрочем, зошто, по ѓаволите, детективите свират? Поради вишокот концентрација, се разбира. Кога прегреаниот мозок почнува да ги обмислува фактите со лошо преспоените невронски врски, и на тој начин ги замаглува заклучоците до кои допрва треба да се стигне, потребно е да го соочиме со нешто – како што духовите би рекле дечките од Монти Пајтон – сосем поинакво.

А музиката е она сосем поинаквото што никогаш претходно не сме го сретнале. Како прво, невидлива е. Нашето најкористено и најверно сетило – очите, и нашиот најверен орган за разјаснување на стварноста што нè опкружува, мозокот, ништо не можат да дознаат за неа. Дали доаѓа од Бог, Ангел, Ѓавол, Природата, Космосот, Душата на светот...? Дали ги претставува нив, или Судбината, Животот, или самите нас, нашите чувства, математичката или метафизичката или мистична процесија на мислите – исто така невидливи и нам тешко разбирливи? Или ја претставува Смртта, нејзиниот глас кој секогаш нè соочува со квалитетот на животот кој сме го живееле, на чиј крај се наоѓаме, кој претставува почеток на нешто сосем поинакво, или едноставно претставува крај на сè?

Или музиката е само боја, или облик на Вистината?

Повторно, тоа за нас се само постојано променливи и неопипливи и невидливи вредности.

Музиката е најапстрактната и најтешката рачна вештина која некогаш сме ја совладале, а притоа да не знаеме зошто служи, и во која е лесно да бидеш лош, а тешко да си добар; во која резултатот никогаш не го гледаме, а толку застрашувачки го чувствуваме. Понекогаш како еротска веселба на слободната волја, а поретко и како неземска радост, среќа, неспоредлива возвишеност.

Значи, не можеме да му замеруваме на Дилан што свири во самотија. Како прво, сеедно што свири кларинетот. Тој секогаш свири музика. А таа секогаш е излез од моменталниот безизлез.

Од друга страна, Ѓаволски трилер на Тартини, иако настанал во 18 век, и денес спаѓа меѓу најтешко изводливите виолински дела. Да го приспособите за свирење на кларинет не е едноставно, но да го изведувате, макар пристојно, е далеку потешко. Впрочем, токму и како она што Дилан Дог го нарекува петто и пол сетило, а се покажа како добра „метода“ во детективската детекција во неговиот бескраен „лов на чудовишта“. Па, доколку тоа чуло понекогаш го наведува да свири „грдо“, не заборавајте дека „од грдите музички тонови и секаква врева демоните безглавечки бегаат.“

Извор: Политика

Слични статии

Стрип
Стрип

ОкоБоли главаВицФото