20-тиот век умира во Сараево

21.07.2009 11:53
Лешек Колаковски

Во петокот, на 17-ти јули, на 82-годишна возраст почина Лешек Колаковски, еден од последните европски филозофи од старата школа.

Роден е во полскиот град Радом во 1927 г., а академската кариера ја започна како шеф на катедрата за историја на филозофијата на варшавскиот универзитет. Убеден левичар, во 60-тите години остро го критикува комунизмот во Источниот блок, поради што во 1968 ќе биде прогласен за ревизионист и антидржавен елемент, и ќе биде принуден да ја напушти земјата. Бил гостин-професор на Беркли, во Чикаго и Монтреал, а во 1970 г. ја презема катедрата на оксфордскиот All Souls колеџ. Колаковски поседува извонреден стил и ерудиција, и е автор на дваесетина книги – меѓу кои се вбројува и темелната тротомна студија „Главните текови на марксизмот“- како и на стотици есеи и статии.

Ви го претставуваме интервјуто со Колаковски, водено во средината на 90-тите години, објавено во зборникот „Босна и Херцеговина – јадро на големосрпскиот проект“ (2006) на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија.

Лешек Колаковски повеќе не е во егзил во Велика Британија. Од 1989 г. тој е само полски филозоф кој живее во странство. Сега со ново интересирање ги набљудува настаните кои во Европа се забележани во почетокот на овој век бидејќи конечно се ослободи од искривената призма која отсекогаш ја наметнува припадноста на дијаспората, каква и да била таа. Колаковски е прониклив аналитичар на 20-тиот век. Во своето монументално дело ја проучува ерупцијата на марксизмот кој се претвори во тоталитарна машина и чиста идеологија. Во многуте студии од поново време тој укажува на начинот на кој христијанската вера, а особено католичката црква, успеа да го положи тешкиот испит на модерноста, а притоа да ја зачува својата привлечност и уверливост. Освен тоа, Колаковски беше протагонист на краткиот период од комунистичкиот ревизионизам, од 1956 до 1968 – години на задушување на прашкото востание.

Токму тој го воочи парадоксот на 20-ти век, „векот кој почнува во 1914 г. токму во Сараево, со истрелот кој е упатен кон австрискиот надвојвода и кој ја започна Првата Светска војна, и векот кој сега исто така завршува во Сараево, градот кој стана симбол на одбраната на големите вредности, пред сè, вредностите на цивилизираната коегзистенција во светот кој се распаѓа по исчезнувањето на големите идеолошки блокови.“

Професоре Колаковски, загрижува тоа што историјата се повторува. Како што велите вие, загрижува фактот дека еден век – обележан со трагични историски експерименти на идеологиите кои станаа владеачки идеологии – се раѓа и умира во Сараево. Загрижува и фактот дека 20-тиот век често си го поставува прашањето дали вреди да се загине за овој или оној град...

Сугестиите имаат голема моќ, но треба да ги гледаме како сугестии. Во 1914 г. Сараево бил само еден од скромните морални центри на она што во 20-тиот век се поставуваше како балканско прашање. Тоа бил нерешлив проблем за министерствата за надворешни работи на големите сили, тоа била мистериозна појава која ја подгревала народната фантазија која, пак, се воодушевувала од подвизите на терористичката организација Црна Рака која делувала во Европа и на другата страна од океанот.

Денес само булеварскиот печат за кризата во поранешна Југославија го предлага стариот балкански клуч за толкување и така избегнува да вложи напор кој е неопходен да се објасни она што веќе неколку години се случува овде со помош на неопходните инструменти за кризата на комунизмот, но комунизмот кој е краен производ – а не ерес – на современоста. Јасно ми е дека појавите како „етничко чистење“, кое е завиено во верската војна, карактеризирана од наводната исламска експанзија (како што често тврдат Србите), и како очигледната герилска војна во која учетсвуваат српските, хрватските и муслиманските милиции, емотивно наведуваат на споменување на големите сеништа од минатото. Меѓутоа, тоа нè оневозможува да сфатиме дека војната во поранешна Југославија и Босна и Херцеговина е исклучително модерна војна. Не ми се допаѓа лесното повлекување историски паралели.

Меѓутоа, големосрпската стратегија им противречи на обидите кои веќе ги остварија двата тоталитаризми на 20-тиот век – ладнокрвно и плански да се негира правото на еден народ или нација на постоење.

Не е случајно што голема Србија е плод на размислувањата на одредени интелектуалци кои до пред само неколку децении во Југославија беа сметани за авангардни. Притоа, мислам на решавачкиот придонес кој на Милошевиќ и неговите луѓе им го дадоа филозофите и социолозите собрани во Праксис, група која во 70-тите се истакна во разработката на ревизионизмот на титовистичкиот комунизам.

Секој град во наредниот милениум може да стана Сараево. Европа, после сите ужаси, сè уште површно и несериозно ја третира босанската престолнина и нејзината грчевита одбрана на вредностите на коегзистенцијата на културите, народите и религиите, бегајќи од претпоставката дека следниот милениум почнува токму во Сараево. Но да се вратиме на Сараево. Сега многумина тврдат дека експериментот со соживотот на Хрватите, Србите и муслиманите кој Тито сакал да го изведе во Босна и Херцеговина немал иднина, дека бил осуден на неуспех.

Често наидувам на таа теза, за која мислам дека не е многу уверлива. Премисите на тој соживот се поставени уште пред Тито, но не е во тоа работата. Проблемот е во нешто друго. Кон таа теза прибегнуваме за да ја избришеме нашата основна грешка, која се состои во тоа дека не сфативме дека соживотот постоел и не го прифативме како наша вредност, туку како катастрофа која и понатаму не ја сметам за неизбежна.

Сепак, не истраја сложениот титоистички проект...

До одредена мера. Да го земеме случајот со војната во Хрватска, Славонија и Краина. Таму соживотот е невозможен бидејќи обата народа зедоа оружје в раце и никој не бараше начин – можен или невозможен – за повторно воспоставување на врските. Во Босна, меѓутоа, го имаме отпорот кој го пружа Сараево, упорното опстојување на автентичното мировно движење (станува збор за пацифизам кој западната јавност не го признава бидејќи не е идеологизиран), таму постои обид да се зачува соживотот кој е доведен во опасност и тој обид поприми пошироки размери отколку што ни се чини. Токму во Сараево мултикултурализмот, за кој толку се расправа во богатите западни општества, се претвора во животна вредност. И тоа во буквална смисла на зборот. Тоа е вредност која и’ се спротивставува на смртта за да го одбрани животот.

Тука е познатиот пример со сараевскиот дневник „Ослободување“ кој опстојува само за да ја одбрани таа вредност...

Никога нема да ја истакнеме во доволна мера разликата во однос на српскиот или хрватскиот печат кој веднаш почувствува – да ги оставиме настрана ретките, навистина ретките исклучоци – дека е обврзан да ги прифати тезите на најекстремниот национализам, да ја претвори информацијата во пропагандна машина. Со сите последици кои ни се познати.

Значи, дваесеттиот век умира во Сараево?

Мислам дека е така. Умира таму каде и се роди, а не во Берлин 1989 или во Москва 1991 г. Умира во Сараево зашто отпорот кој го пружа овој град не го затвора само идеолошкиот циклус на 20-тиот век туку и ги отвора големите перспективи за наредниот век и милениум.

Како и да завршат работите, големата поука извлечена од грчевитата одбрана на споменатите вредности ќе остане неизбежен репер за сите оние кои ќе сакаат да се фатат во костец со ризикот на соживот меѓу културите, народите и религиите без прибегнување кон судир. За жал, трагичноста на примерите ни помага да сфатиме.

Извор: e-novine

Слични статии

Општество

ОкоБоли главаВицФото