Хендекалог на интелектуалецот

22.07.09 10:50
Лешек Колаковски

Дојдов до шокантно откритие – полските интелектуалци постојат!

Постои слој образовани луѓе кои не само што негувањето на своите професионални вештини, туку и прашањата од општ интерес, прашања важни за нивната земја, за Европа, за светот – живо ги интересираат.

Не мораат да бидат политички активни, ниту нужно усмено или писмено да им даваат до знаење на сите каков е нивниот однос кон светот; не мораат, се разбира, ни активно да учествуваат во животот на која било политичка партија или организација.

Меѓутоа, битно им е да учествуваат во кревањето на општото ниво на заедницата, би сакале нивните професионални вештини да придонесат за токму тоа, а не само да бидат потврда на нивниот личен дострел и поединечен успех.

Интелектуалецот навистина сака да биде учесник во колективниот живот, како на народот така и на човештвото, а тоа учество сака да го потврди со она што најдобро го знае и умее.

Не знам колку е бројно населението во Полска што ги исполнува овие услови, но тоа постои и е свесно за себе. Кога во Полска би постоеле образовани луѓе кои благодарение на тоа образование само стекнуваат средства за елементарно преживување а истовремено не мислат на ништо друго, тогаш би можеле да кажеме дека во Полска воопшто не постои интелегенција. Тогаш и политичкото делување на образованите луѓе би било само уште една од многубројните професионални вештини кои можат да се практикуваат каде било, а притоа да не се води грижа за ништо друго освен сопствените интереси, заработка и кариера. Политичките партии често се предводени од интелегенција која, всушност, ја мрази вистинската интелегенција.

1.

И така, еве ја првата заповед од хендекалогот на интелектуалецот: вежбај размислување за прашања кои се важни за животот на заедницата, а сопствениот труд и работа третирај ги како придонес на таквиот живот, и тоа во насока во која мислиш дека светот би можел да биде подобрен.

2.

Втора заповед: доколку сметаш дека и’ припаѓаш на десницата или левицата, биди секогаш подготвен, ако бидеш прашан, да објасниш што значи тоа.

3.

Трета заповед: доколку сметаш дека поделбата на левица и десница во наше време изгуби секаква смисла, секогаш биди подготвен да го образложиш таквото мислење.

4.

Четврта заповед: ако веќе мораш да лажеш јавно, имај на ум кои од твоите лаги можат лесно да се откријат.

5.

Петта заповед: не компромитирај се со тоа што на другите луѓе ќе им припишуваш изјави кои не можеш да ги поткрепиш со директни цитати.

6.

Шеста заповед: доколку сметаш дека сите, освен тебе, се кретени, не го кажувај тоа јавно, бидејќи нема да ти донесе ништо добро.

7.

Седма заповед: читај им што е можно повеќе книги на твоите деца додека се мали.

8.

Осма заповед: сакај ги различните мисли и идеи кои си ги научил од писателите и филозофите.

9.

Деветта заповед: читај поезија, случај класична музика.

10.

Десетта заповед: не заборавај колку и како можеш да се посрамотиш.

11.

Единаесетта заповед: Можеш да бидеш католик или будист или од која било друга вера; можеш да бидеш и, како што денес се нарекува, атеист, па сепак, ниту една од тие вери нема да ти ја одземе припадноста кон светот на интелегенцијата. Меѓутоа, не можеш да тврдиш дека твојата вера или неверба е добро втемелена како што се тврдењата на хемиските или геолошките науки.

Мораш да се придржуваш кон сите овие заповеди доколку сакаш да бидеш интелектуалец. Меѓутоа, кога подобро ќе се размисли, воопшто не е неопходно да сакаш да бидеш интелектуалец.

Испрати нов коментар

Содржината на ова поле е доверлива и нема да се објавува.
  • Адресите за веб-локации и електронска пошта автоматски се претвораат во веб-врски.
  • Дозволени HTML ознаки: <a> <em> <strong> <cite> <code> <ul> <ol> <li> <dl> <dt> <dd>
  • Редовите и пасусите се разделуваат автоматски.

Повеќе информации за опциите за форматирање

CAPTCHA
Ова прашање е да се види дали сте човек и со тоа да се спречат автоматизирани спам пораки. Најавете се доколку сакате да пишувате коментари без оваа проверка.

Препорачуваме

Така овде и сега провинцијалци лажат дека градат; во суштина тие крадат град. Едните крадеа без да градат, овие градат ли, крадат.

Некогаш различностите многу помалку ги вознемирувале нашите предци. Денес никој никого не сака да трпи. Токму од таму и сè позасилената сегрегација, географска, во училиштата, па дури и во бизнисот...

Белградските шестмина не отворија никаква Пандорина кутија. Напротив, тие потсетија дека таа кутија на злото и на насилството е запечатена – заедно со нас во неа. Наивен е секој кој верува дека од неа може да излезе, а притоа таа да не се скрши.

Пред точно сто години, по иницијатива на Клара Цеткин, Социјалистичката интернационала почна да го одбележува Денот на жената. Меѓутоа, тоа не е првиот и единствениот „женски“ празник. Многу земји во светот имаат повод за славење на жените и во други денови.