Пакистанскиот претседател ги забрани вицевите на негова сметка

24.07.2009 12:21
Асиф Али Зардари

Пакистанскиот претседател Асиф Зардари е обвинет дека страда од недостаток на смисла за хумор откако ги забрани вицевите за него. Пакистанците кои си разменуваат вицеви за Зардари преку смс пораки, е-пошта или блогови ризикуваат да бидат уапсени и осудени на 14 години затвор.

Министерот за внатрешни работи Рахман Малик изјави дека, со цел фаќање на „криминалците“, е задолжена Федералната истражна агенција која го следи електронскиот пренос на вицевите. Тие шеги, според него, се „болно мотивирани и го оцрнуваат политичкото раководство на земјата“. Сега полицијата ќе ги апси „шегаџиите“ според новото обвинение за cyber криминал. Оваа мерка на владата, која е осудена од страна на групите за заштита на човековите права како драконска и авторитарна, донесена е откако многу од вицевите беа пратени на службената е-адреса на владата на Пакистан.

Вицеви за Зардари:

„Терористи го киднапираа нашиот сакан Зардари и бараат 5 милиони долари или ќе го полијат со бензин и ќе го запалат. Молиме да приложите донација во склад со вашите можности. Јас донирав 5 литри бензин.“

„Во чест на прогласувањето на новиот претседател, пакистанската пошта издаде нови поштенски марки со неговиот лик. Меѓутоа, пакистанскиот народ е збунет. Не му е јасно на која страна од марката треба да плукне.“

„Ограбувачот: ’Дај ми ги сите твои пари!’

Зардари: ’Знаеш ли ти кој сум јас? Јас сум Асиф Али Зардари!’

Ограбувачот: ’Добро. Дај ми ги сите МОИ пари!’“


По овој повод опозицијата ја обвини владејачката Народна партија на Пакистан, која се изјаснува како либерална, дека со овој потег покажала дека не е подобра од претходниот воен лидер Перез Мушараф, кој имаше обичај да го прекинува телевизискиот пренос во моментите кога се соочуваше со опозицијата.

За претседателот Зардари, вдовецот на убиената пакистанска премиерка Беназир Буто, се врзуваат многу контроверзи. За време на двата мандати на неговата сопруга го заработи прекарот „господин 10%“, со што се алудираше на наводното мито кое го земал при склопувањето на владините договори. Меѓутоа, откако пред една година беше избран од страна на парламентот за претседател, овој поранешен поло играч и плејбој станува незгоден кога другите луѓе зборуваат за него.

Иако ова е само начин Пакистанците да допрат до власта и да ги критикуваат нејзините грешки, Зардари станува многу чувствителен кога ќе ги прочита вицевите за себе. Забраната стана тема на многу ТВ дебати во Пакистан, во кои поддржувачите на Зардари се обидуваат да го оправдаат, користејќи го секој можен аргумент, почнувајќи од стравот поради тероризам па до изјавите дека жените пратенички во парламентот добивале заканувачки пораки.
Владата на Зардари се обиде да го спречи препраќањето пораки и е-пошта така што воведе данок на сите текстуални пораки, но набрзо го повлече бидејќи сфати дека на тој начин ќе пропаднат петте главни мобилни оператори во земјата. Данокот беше повод за уште еден виц за владата:

„Владата наметна данок на сите пораки. Тоа значи дека досега критикувањето на Зардари било бесплатно. Отсега претседателот ќе биде платен секојпат кога некој ќе го критикува.“

Слични статии

Општество

ОкоБоли главаВицФото