Светец

24.07.2009 11:31
Vuna-udarna-24-07-09.jpg

Чудата и феномените во Македонија не стивнуваат. Само неколку дена откако се појави Богородица на дрво во Чашка, во селото Црн Камен, Виничко, се појави неидентификуван светец на релјефна плоча.

Среќниот пронаоѓач на плочата е Петар Петровски, 55-годишен жител на Црн Камен. Ја нашол завчера околу пладне, додека го преуредувал дворот на својата куќа. Копајќи дупка за поставување чешма, тој видел четириаголен предмет во земјата за кој набргу станало очигледно дека е чудотворен.

“Удари го на доле сас лопатата. Не оди, си викам, еј мајката. Кога, видам нешчо тврдо. Тврдо ли е, меко ли е, кој да знае. Море мале, да не удари ув карпата? Ама знам да нема карпа. Ама па од кај да знам, може да има карпа. Е воа на карпа не личеше, не е толку големо, ама па не е ни мало. Ми заличе на плочка, каква плочка си викам, а може не е ни плочка, од кај да знам. Јас сам обичен чувек, од кај мене вакви работи ме снајдоа. Тоа е живото, ама не се ни жалам” - објаснува зачудено Петровски.

Но наскоро тој видел дека не станува збор за карпа, туку за керамичка плоча. Откако ги видел нејзините рабови, почнал внимателно да ја откопува. За неколку минути од својот двор, тој извадил керамичка плоча.

“Еј мајката, реко си на памето. Камо сега ова да е некое злато” - со смеење раскажува тој. “Ама и воа ќе го биде. Божја милостина не е мала работа, не се жалам.”

Кога ја откопал плочата, забележал чудни контури на нејзината површина, но не знаел за што станува збор. Како што ја зачистувал од прашина, така контурите почнале да се познаваат уште повеќе и почнала да излегува човечката силуета. Тој ја однел плочата кај сопругата Петранка која гледала телевизија во куќата, и таа јасно и недвосмислено го препознала ликот на светецот на површината на иконата.

“Од прво не и' верувах. Знаеш бе, жена е тоа. Не дека е жена, ама си верува ув сичко. И' се привиѓават работи. Ете преди неки ден виде го Мајкл Џексон на биено сирење и нејќеше да го здроби сирењето. А од кај до кај Мајкл Џексон кај нас не знам” - продолжува Петревски.

Но откако ја зачистиле плочата уште малку, се појавил и крст. Тоа буквално ги исплашило двајцата сопрузи кои не знаеле што да прават.

“Излезе крсто и ја онемо. Крстам се ја, крсте се и Петре. Он обично и не се крсте, ама воа беше непримена прилика” - кажува Петранка. “Он исто и не ми верува кога мене ми се привиѓават работи. Виде го еднашка Гоце Делчев на пилешки копан, вика ми кај е тоа Гоце мори. Виде го Тито на планината, вика ми кај жив човек да се привиѓавал, будала сам била јас. За Мајкл Џексон исто ми рече, мчи таму и дроби сирењето. Е шо ми е мило сега што ни се појави светец, да го видам сега да се прче како петел. Хехе, ќе се крсте, шо му е друго работа” - се радува таа.

Новото божјо чудо одекна многу подалеку од Црн Камен. Веднаш по обзнанувањето на веста, во Скопје се одржа прес конференција на владејачката конференција на која портпаролот Бициклистички изјави:

“Го поздравуваме трендот на Божји чуда кои се случуваат во Македонија. Јавленијата на Богородица и светецот по чиј идентитет Црквата сеуште трага, но и многу други случаи за кои не знаеме, се докази дека Божјата милост е на страната на Македонија. Тоа е од исклучителна важност во овој период кога се соочуваме со криза и притисоци од сите страни. Само вакви работи можат да ни бидат потпора да истраеме. Затоа, тие чуда не се само од локално значење, туку и од државен интерес и го охрабруваме Бог да продолжи со добрата работа”.

Но, немаше само позитивни коментари за веста. Попладнево соопштение до јавноста испратија и група археолози и историчари на уметноста кои велат дека не станува збор за Божјо чудо, туку дека дека Петровски во својот двор открил теракотна икона од ранохристијанскиот период.

“Теракотните икони од петтиот и шестиот век од таков тип, досега се најдени само во Виничкото Кале и околината. Затоа ургираме да се престане со манипулацијата за псевдо-религиски потреби и да се дозволи плочата да биде погледана од експерти кои би можеле да дадат прецизни наоди.”

Ваквите изјави сепак беа демантирани од врховниот археолог во Македонија, Празко Гузман.

“Еми шо, теракота биле. Како не. Ко ви велет дека е чудо, чудо е. Имаме ние доста теракотни икони, шоќенисе појќе. Нам ни требит, верба ни требит. Конесигизнајте корејната, така ви е” - изјави Гузман.

Сепак, ова не е прв пат Божјите чуда во последниов период да бидат оспорени. Минатата недела, по појавувањето на Богородица на пресеченото дрво во Чашка, група граѓани излегоа со став дека она што се појавило всушнот биле годовите на самото дрво. Друга група граѓани пак, во сликата го препознаа Мечето Ушко, ротирано за 90 степени. Бициклистички имаше одговор и за овие напади:

“Би сакале да ги известиме структурите блиски до опозицијата дека одамна помина времето на комунизмот кога религијата беше забранета. Денес секој има право на слободна вероисповест. Исто така, би сакале да ја прашаме опозицијата, дали можеби им е криво што сите Божји чуда се случуваат за време на нашето владеење. Избројте колку такви чуда се случија за времето на Бранко Црвенковски и неговата тајфа. Тоа говори нешто” - беше дециден портпаролот.

Што се однесува до плочата, се' се одвива во најдобар ред. Идентитетот на светецот ќе се открие доцна попладнево, откако ќе заседава мешана комисија на МПЦ, составена од највисоки претставници, но и од локални свештени лица. За сега се шпекулира со имињата на Свети Ѓорѓи, Свети Илија, Свети Никифор и уште неколкумина, а не е исклучена можноста на релјефот да се појавил и некој великомаченик или пак некој библиски лик, како на пример Александар Македонски или пак Тоше Проески. По откривањето на идентитетот на ликот, главатарот Господин Господин Господин Здепаст ќе одржи молебден во манастирот св. Јоаким Осоговски.

На фамилијата Петревци сега веројатно деновите ќе им бидат уште посреќни. Тие се скромни луѓе, кои како што велат самите, заслужуваат да им се случат Божји чуда. Како што ни најавија, ќе побрзаат со изградбата на чешмата во дворот на местото каде е пронајдена плочата на која се појавил светецот. Убедени се дека од чешмата ќе тече света вода која ќе им помогне и ним, и на нивните сограѓани. Како што велат, сите ќе бидат добредојдени.

фотографии: John Brill

Чекај, не ми се

Чекај, не ми се верува...
Појма неам за случкиве, пресечена сум од „реалната“ Македонија.
Ова цитативе, карикирани се или оригинално пренесени?

ZAKON! Mnogu dobar tekst

ZAKON! Mnogu dobar tekst

ТАЖНО

ништо нее чудно... реалноста во Македонија е таа...интелектуалците се многу малце (и заќуткани),а неписмените се во огромен број...така да СЕ е логично....ова е шпанско португалска реалност...менталитетот на македонецот е рамна на праисториски човек......ТАЖНО

ОкоБоли главаВицФото