Давење во толпата

01.03.2012 11:16
Удавување во толпата

Владејачката коалиција во Словенија најавува промена на Уставот со кој би се забранило јавното величање на сите тоталитарни режими. Слични предлози неодамна имаше и во Хрватска. Со таквите осуди на тоталитаризмот се создава привид на посветеност кон демократијата, а предлагачите го прават тоа зашто не ѝ се посветени на демократијата туку на привидите.

Се разбира, станува збор за обидот за релативизирање на фашизмот. Меѓутоа, тие предлози се оптоварени и со некои други интересни, но и незгодни противречности.

Што е, всушност, тоталитаризмот? Дали е доволно да е согласиме дека режимите на Мусолини, Хитлер, Сталин и Мао биле тоталитарни или меритумот се крие некаде другаде?

Имено, тоталитаризмот не почива само на владеењето на една и единствена партија, на сеприсутната тајна полиција, на концентрационите логори, потчинетите медиуми, беззаконието, стравот и насилството. Напротив. Тоталитаризмот почива на љубовта.

Тоталитаризмот е несомено историска, но и интимна драма. Тој се раѓа во мигот кога човек се откажува од самиот себеси, од својата судбина, своето тело и здравје, од својата совест и нагони, од својот разум и соништа, и кога доброволно се согласува сопствениот живот да му го подреди на нешто што однекаде, од семејната трпеза, политичката говорница или проповедницата, училиштето или медиумите, му е наметнато како виша цел и виша смисла. Но тоа сè уште е само беден кукавичлук на послушноста или само инфантилен страв од отфрленоста и исклученоста. Тоа е сè уште само глупост неспособна да ја препознае залудноста и измамата кои се кријат зад вишите или столетните историски цели. Сето тоа е сè уште само наивност на неукиот очајник.

Тоталитаризмот е роден кога послушноста и подреденоста кон расата, татковината, нацијата, партијата, пролетаријатот или, пак, кон некое Вишо Битие, ќе се доживее како љубов, како занес, како подготвеност на жртва, откажување и страдање. Токму таа љубов – а тоталитарна е секоја љубов кон кој било привид кој се претставува поважен од човекот – е големо и непростливо злосторство над самиот себеси. Злосторствата како концентрационите логори, геноцидот, омразата, измачувањето, војните и масовната сиромаштија се само понатамошни, но неизбежни последици на тоа првобитно злосторство и голема љубов.

Преобразба на политичките цели

Одвратноста на тоталитаризмот не се исцрпува во неговото брутално навлегување во животот на непријателот, туку во тоа што од поданикот не се очекува само покорност туку и среќа поради таа покорност. Тој се стреми кон преобразба на своите политички цели во интимни и емотивни цели на своите поданици. Идеологиите и светогледите кои во тоа не успеваат остануваат на ниво на улична врева или колку-толку поднослив авторитаризам. Успехот на тоталитаризмот се мери со квалитетот и количината емоции кои ја замениле рационалната демократска процедура. Тогаш, баналната работа како што е управувањето со една јавна установа – државата – станува „историска мисија“, флоскулите стануваат свети работи кои не смеат да се доведат во прашање, понижувањето станува достоинство, а презирот кон себеси е преобразува во гордост поради подготвеноста на жртва, додека случаите на тешка интелектуална и морална несвестица се слават и поттикнуваат како „национална освестеност“ или „класна свест“. Поданикот кој се согласува на тоа и во тоа согласување доживува емотивно исполнување извршил злосторство над себе и прашањето кога ќе изврши злосторство над некој друг станува само техничко и оперативно.

Омразата кон Евреите би била невозможна без љубовта кон Германија. Невозможна би била и омразата кон украинските кулаци без љубовта кон Земјата на советите. Без љубовта кон српството не би било можно разорувањето на Вуковар и геноцидот во Сребреница. Ни ужасите во Лора не би биле возможни без хрватското домољубие. Сите извршители, стражарите во нацистичките коцентрациони логори, тројките на НКВД, убијците од Вуковар и Сребреница и садистите од Лора, сите тие во еден миг од животот се откажале од себе си и се согласиле на Виша Цел бидејќи мислеле дека тоа е правилно, бидејќи секојдневно слушале дека таа Виша Цел е величествена, бидејќи постојано им се заканувале дека животот ќе им остане празен и безнадежен ако не ѝ се придружат на таа цел, бидејќи од нив се барало да ја сакаат таа цел и да се жртвуваат за неа. Најпосле и престанале да се сакаат себеси и им се придружиле на лагите опеани во патриотските и сличните борбени песнички. Идиотите кои грабнаа авион за да се урнат во Светскиот трговски центар во Њујорк се само пример за крајната консеквенца од таквата љубов.

За волја на вистината, имаше и такви кои во големите историски неволји и преврати мислеа и на себе, па некој зеде златен заб, некој видеорекордер, некој фабрика, но таквите се малцинство и не се битни за оваа расправа. Користољубието е премногу рационално, премногу себељубиво и човечко за тоталитаризмот да се потпре на него. Тоталитаризмот е посесивен љубовник во вечна потрага по искрена и безусловна љубов. Затоа и ги презира корумпираните спонзоруши меѓу своите редови.

Тоталитаризмот не е само говорот на Хитлер, статијата на Сталин или излив во мозокот на нацијата туку, пред сè, неспособност на поединецот да се доживее себе си како посебен и самодоволен идентите кој не одредува ништо освен неговото Јас, а најмалку потеклото, јазикот или местото на раѓање. Таа неспособност по правило расте до толкав презир кон себеси што несреќникот се чувствува навреден ако не ѝ припаѓа на некоја поголема целина, некоја заедница која ќе ја сака, за која ќе навива, за која ќе убива или ќе се согласи да биде убиен.

Морална и интелектуална бездна

Каде тие луѓе го изгубија својот живот? Каде ја изгубија самопочитта? Зарем е толку тешко во ова изобилство слободи кои им се нудат на нациите и класите да се препознае суровата измама? Зарем луѓето навистина живеат во такви егзистецијални, морални и интелектуали бездни што не им е жал за своето време, своите емоции, своето надевање, па и самиот живот да им го подарат на очигледните илузии кои сигурно не можат да донесат ништо друго освен сиромаштија и смрт? Зарем се толку бедни што не сакаат да бидат слободни граѓани туку подобро се чувствуваат удавени во толпата или, политички коректно кажано, во „народот“?

Во таа празнина и во тој јад лежат корените на тоталитаризмот. Без тоа масово и воодушевено соучесништво не би постоел ни Хитлер, ни Сталин, ни Ал Каеда, русокосите атлетичари, веселите колхозници и среќните работници, полициските подруми и забранетите книги, а знамињата, химните и грбовите би биле само здодевни брендови меѓу здодевните брендови. Успехот на тоталитарната пропаганда не почива на некоја недофатлива вештина туку врз желбата да се верува во неа, како што ни моќта на политичката полиција не почива на нејзината ефикасност туку на малите гадови од соседството кои заради задоволство поднесуваат анонимни пријави. Во тоталитарните режими медиумите не се неслободни само за да не ѝ се подбиваат на власта туку и за припадниците на „народот“ да не ја препознаат својата морална беда во некоја вистина.

Залудно е да се расправа за тоа дека расизмот и антисемитизмот се злосторнички идеологии и дека диктатурата на пролетаријатот е сигурен пат кон несреќата и неслободата, а не, пак, за тоа дека источноевропските национализми, нивните суверености, територии, колепки, огништа и домови се еден непрегледен куп несварливи глупости. Проблемот е во тоа што луѓето веруваат во тоа и, притоа, уште се и среќни, горди и подготвени да ја обожаваат секоја досетка која е доволно дрска да се прикаже како поважна од нивната судбина.

Дотолку повеќе уставните измени кои се обидуваат да ги осудат сите тоталитаризми се правно и политички промашување. Тоталитаризмот е само еден, независно од тоа чие знаме се вее и чија фикција нуди среќа и слобода, и тој си останува тоталитаризам токму затоа што таа среќа и слобода ѝ ги нуди на фикцијата, а не на живиот човек. Тој не е ништо друго освен подготвеност на откажување од себеси заради некои од многуте измами кои понекогаш со поголем а понекогаш со помал интензитет се нудат на пазарот за идеологии и светогледи.

Извор: T-portal

ОкоБоли главаВицФото