
Нема веќе ништо освен движења, вибрации и прагови во една запустена материја: животните, глувците, пците, мајмуните, бубашвабите, меѓусебно се разликуваат само по овој или оној праг, по овие или оние вибрации, по некоја подземна патека во ризомот или во јамата. Тие патеки, имено, се подземни интензитети.
Животното не зборува “како” човек, туку од јазикот извлекува тоналитети без значење; самите зборови не се “како” животни, но лазат за своја сметка, лајат и се множат, бидејќи тие се пци на јазикот во вистинска смисла, негови инсекти или глувци. Да се направи следовите да вибрираат, да се отворат очите спрема невидените внатрешни интензитети, накусо, спрема неозначувачката интензивна употреба на јазикот.
Делез/Гатари, Кафка
На подземната ливада по име Еу-рупа во едно од дувлата си живееле Мафион и Амфион. Во соседното дувло живееле Зелка и Зајак. Дел од ходниците на двете дувла, длабоко под земја, сигурно се допирале со ѕидовите, а можеби дури некои ходници биле заеднички? Потаму свое засолниште имале Алиса и Исала, двете огледалски близначки. Близу до дувлото на Алиса и Исала било сместено засолништето на друг пар близнаци, Кастор и Полукс. Се разбира, најдлабоко долу, “оти светлината мора да боли”, е и гнездото на Орфеј и Евридика.
Под земјата, меѓу ходниците, сигурно имало метеж (како што велел пророкот Волкановски: “Метеш, метеш, и одеднаш шемет - метеж!”), оти ходниците биле разгранети, секој сака да се простира и во длабочина и во широчина, и од безбедносни и од социјално-еколошки причини.
Мафион бил не само главниот мафиоз на подземната ливада, туку и чувар на скапоцениот афион, “опиумот за народ”. Мафион бил и шаман, изговарач на гласови, мајстор за халуцинации - што го подразбирало господарењето над афионот и опиумот.
Негов придружник бил Амфион чие грчко име сè зборува: “жител на две земји” (и неговата мајка, Антиопа, има интересно име: “онаа што се спротиставила”, оти лицето и’ било свртено не кајшто треба, кон подземниот свет, туку кон небото).
“Жителот на две земји” (подземната и надземната), Амфион, од боговите добил лира на дар, а самиот ја пронашол китародијата или музичката уметност во целина. Познат е митот за него: при градбата на бедемите на Теба, Амфион толку заносно свирел на лирата што огромните камени блокови сами од себе се ределе.
Затоа Мафион го земал Амфион, ем со своите магични песни да помага во грижата за афионот, ем да се грижи за целокупната архитектоника на дувлото.
Впрочем, умниот Мафион на влезот од дувлото го напишал својот шамански кодекс, преземен од Деметриј, александрискиот филозоф од I век п.н.е., кој во својата расправа За стилот напишал:
“Во Египет свештениците им пеат химни на боговите изговарајќи ги седумте самогласки една по друга, а нивните звуци произведуваат толку силно музичко доживување кај слушателите како да се употребени флејта или лира...”
Овие зборови за Мафион биле потврда дека опиумот и афионот најдобро се чуваат со мрморење, произведување гласови, т.е. музика. Преку зборовите на Деметриј Мафион сфатил дека и изговарањето самогласки може да биде начин на лекување со звуци. “Во оваа Еу-рупа нашево дувло е нешто ко аполонско светилиште: сцена и болница едновремено”, му велел Мафион на Амфион.“ И затоа ти си неопходен, Амфион, како лиричар-гитарист и градител. Затоа твојата лира има три жици, во чест на Тројната божица која владее во воздух, на земја и под земја”, му велел Мафион, подземниот застапник на Тројната божица, на својот цимер, Амфион.
***
Но, велам, на подземната ливада Еу-рупа имало секакви жители. И имало многу драмски и јазични ситуации. Еднаш, на пример, во еден од ходниците, Мафион ја сретнал Зелка без придружба на Зајак. И веднаш и’ се нафрлил: “Зелка, би сакал да имам зделка со тебе: да ти ја втерам мојава елка”.
Ама, низ акустичните одаи на Еу-рупата текстот на Мафион веднаш допрел до некого, и ете ја, рушејќи една од кулисите на многубројните ходници, доаѓа Фанта-змијата и му говори на Мафион: “Не ми ги плаши жителите, Мафион, со своите настрани фалусцинации... Мојата моќ ми допушта со давење прво да те опуштам, а потоа да општам со тебе до опустошување!”
“Фанта-змиите се фантазии и фантазми и...?”, си мантрал Мафион и и’ свикал на Фанта-змија: “Врати се во твојата Еу-рупа, Фантазијо, бидејќи, ко што велиш, со Зелка не можам да општам неопуштен”.
“Треба една ода да ми испееш, за да заминам”, рекла недефинираната (аполонско-дионисиска) Фанта-змија.
“Одиум имам кон оди”, рекол Мафион.
“Можеш и одиум на радоста да испееш”, рекла Фанта-змија.
“Оди ум на радоста, аха, дур не се спржи”, рекол похотниот Мафион и ја потерал Фанта-змијата, во умот, во фантазијата, во еу-рупата...
“Во еу-шупата, со лопата, можеш да ми ископаш дупка и да ме затепаш”, му рекла Фанта-змијата на Мафион и се оддалечила од фантазијата.
***
Имало и други ситуации и други приказни во Еу-рупата. Близнаците Кастор и Полукс, на пример, за разлика од Мафион и Амфион (кои биле хедонисти и дионисиски типови), биле Спартанци и аскети. Но, и тие биле двојни воини: оти не сакале да се раздвојат, својот вечен живот морале да го ползуваат ем во златните небески двори, на Олимп, ем во подземјето. Еден ден ваму, еден ден таму.
Во една пригода Кастор и’ рекол на Алиса (додека Полукс се обидувал со Исала): “Расцепот се заборава само преку процепот”.
Алиса не била многу изненадена од чудните (набацувачки?) зборови на Кастор, така што спремно одговорила: “Кога веќе ја отвораш темава, т.е. темнава, неосветлената зона на процепот, интензитетската линија за бегство, ко што би рекол Делез, би сакала да ти го соопштам и моето опитно мислење, оти цел живот го поминав по дупки, зад огледала и со зајаци: нема бегање од расцепот.”
“Веројатно имаш право, Алисо, оти, како што вели Арто, “секоја вистинска слобода е мрачна и задолжително идентична со сексуалната слобода која исто така е мрачна, иако не знаеме точно зошто”. Ради тоа нашата мала полу-човечка полу-животинска група ги избра ходнициве на подземните интензитети, не?, оваа стравотна ливада по име Еу-рупа”, рекол Кастор.
“Се сеќавам, Кастор, на еден стрип со нашиот пријател Наци Коминтерна, каде што се цитира Итало Звево: 'Во пукнатината, во меѓупросторот на разните идентитети, се случува времето на тетеравање, бидејќи граматиката на човечката судбина чистите времиња ги има создадено за животните; а тие, кога се исплашени, задоволно живеат во кристалот на презентот.' Ние, наследниците на Грегор Самса, само сме исплашени, Кастор, зарем не?!”, тивко и цивкајќи рекла Алиса.
***
Бидејќи дувлата се распарчени, и нашите приказни не се поврзани, или барем не се експлицитно поврзани, оти, рековме, ѕидовите на безбројните подземни одаи сигурно се допираат како листови хартија испечатени (т.е. подгорени) од двете страни или, уште подобро, како треперливи кули од карти во кои се кријат оригами-прасенцата скаменети пред здивот на страшниот волк.
Дувлото на Орфеј и Евридика е едно од најстарите (можеби и најдлабоките, ако воопшто има длабочина, ако сево ова не се само линиски интензитети:) на подземната ливада. Орфеј го испушта - за неинформираните - оној чуден звук на зуење од кој смртно е преплашена кафкијанската кртовско-стаорска креатура од незаобиколното ремек-дело со нам толку добро познатиот наслов: “Дувло”.
Евридика, пак, слично на мајката на Норман Бејтс, гувее во дупката, божем-заштитена од фаталните фанта-змии, многу веројатно мртва, но под вечна заштита на својот пореметен љубовник... Она што е магацинот за храна за кафкијанскиот монструм, тоа е за Орфеј Евридика: вечно фосфоресцентно гниење, од кое, низ необјаснивиот ризомски сплет, негде растат цветови, а негде умираат ѕвезди и ползи мртва светлина низ тие ходници налик на црни дупки... Велам, токму таа дупка, под име Македонија, е една од најчудните (најдисконтинуираните?!) бушотини во подземната ливада Еу-рупа, бидејќи токму во неа живее митскиот македонски крал, Орфеј, со својата жена Евридика, довлечена (како леш?!, спржена од неочекуваниот поглед, од залутаниот зрак светлина...) директно од светот на мртвите.
Митот е општо познат: штотуку венчаната Евридика, со кошнички цвеќиња во рацете, одејќи со другарките по некоја ливада, била касната од змија и умрела.
Нејзиниот маж, Орфеј, имал репутација на најголем поет и музичар; тој ја измислил и азбуката. Со својата лира (подарена од Аполон) тој не само што со својата музика ги маѓепсувал дивите ѕверки, туку и дрвјата и карпите трепереле од звукот на неговата музика. Во Тракија и ден денес на планините постојат неколку дабови кои се во истата положба во која биле затекнати кога Орфеј престанал да свири.
Мажот на Евридика, значи, храбро се спушта во Тартар и со својата мелодија ги стаписува сите: возачот преку реката на мртвите, чамџијата Харон, песот Кербер, тројцата судии на мртвите, кои за време на песната на Орфеј издаваат наредба привремено да бидат сопрени мачењата врз проклетите; се смилувал дури и самиот Ад, кој дал одобрение Евридика да се врати на горниот свет, но под еден услов: Орфеј да не смее да се сврти кон неа сè додека не излезат на светлината на денот.
Да се вратиме на политичките аспекти на именувањето, на важноста на дувлото Македонија: Орфеј најголемиот дел од животот го поминал во Тракија и е познат - како што вели експертот за грчката митологија, Роберт Грејвс - како крал на Бистонците, Одризите или Македонците; Орфеј бил убиен во Македонија (т.е. во западниот дел од Тракија кој подоцна бил наречен Македонија), од страна на Дионисовите блудни Мајнади, кои му ги отсекле рацете и нозете, а главата (која и отсечена продолжила да пее, пливајќи сè до островот Лезбос!) ја фрлиле во реката Хербо. (Велат дека Орфеј ги осудувал ритуалните оргии на Мајнадите и дека проповедал хомосексуална љубов, со што ги налутил и Афродита и Дионис. Дионис ги сочувал Мајнадите со тоа што ги претворил во дабови со длабоки корени во земјата.)
Да речеме најконкретно: дувлото Македонија, низ приказната за Орфеј, може да биде спојот меѓу трите света, подземниот, земниот и надземниот: Орфеј е континуитетот на забранетиот и декадентен Египет во стара Грција (меѓу другото и затоа тој е ритуално распарчан, за сосема да се сотре египетското сончево влијание). Необичното обожување на Сонцето како татко на сите нешта веројатно потекнало од северен Ајгеј, од избеганото свештенство на еднобожачкиот Акхетон од 14 век п.н.е. Потврда на ова се наоѓа кај Софокле, каде што Сонцето се спомнува како “најстар пламен омилен на тракиските коњаници” и како “господар на боговите, и татко на сите нешта”. Се чини дека конзервативните Тракијци му се спротиставиле на култов и го сосекле во корен во некои краишта. Подоцнежните орфички свештеници носеле египетски одежди; тие полубогот бик (којшто жив го јаделе) го нарекувале Дионис, а со името Аполон го означувале бесмртното сонце, разликувајќи го така Дионис, богот на сетилата, од Аполон, богот на интелектот. Како што вели Грејвс, ова објаснува зошто главата на Орфеј ја поставиле во светилиштето на Дионис, а неговата лира во Аполоновиот храм.
Значи, многу е важно да се истакне дека вечниот западен (да не речеме: европски) раскол меѓу аполонското (интелектуалното, прецизното, убавото, “машкото”) и дионисиското (сетилното, дивото, грдото, “женското”) го помирува токму Орфеј и тоа токму на тлото на Македонија, чудната временска дупка меѓу световите. Најнакрај (но, не најмалку важно, се разбира:), во христијанската иконографија Орфеј е персонификација на Исус Христ лично! Христијаните најчесто го прикажуваат како свири на својата лира опкружен со диви ѕверови.
Слики: Chris Buzelli
Normal 0 MicrosoftInternetExp
Испратено на 31 јули 2009 од АнонименАј да се обидам да коментирам овој пат... Претходниот пат (како домаќин) се чувствував недостоен на 'настанот'... Го доживував моето присуство единствено како медиум кој ја организира површинската енергија…
Како гостин, поинакво гостење ми е дозволено :)
Овојпат смеам да се смеам...
Каков е политичкиот локус на Орфеј? Дали тој го претставува совршениот езотеричен збор кој ќе ги ориентира дивергентните серии на Аполон и Дионис? Може ли да сврши работа како по-врши-на? Како простор измеѓу, Шелинговски онтолошки мезанин? Како еntre-deux, политиката е ништо освен површина, виртуелна демаркациска линија на телесното (економијата) и на пропозиционалното (правото); но и на внетрешното (приватната сфера) и надворешното (јавната сфера). Нејзината улога е истовремено и дистрибутивна и означителска... Но, повеќе е тоа, таа е полето на нивниот израз, на експресијата на нивната неизбежна поврзаност... Во таа смисла, политичката игра е ништо освен виртуозен маневар во “четвртото лице еднина”; самата Смисла – или трансцеденталното поле во кое се организира нејзината актуализација...
Може ли тоа поле да биде орфичко? Може ли политичкиот хоризонт да остане Мебиусовски танц на површината, притоа избегнувајќи да биде редуциран на економијата, правото (или војната, for that matter)? Мислам дека Делезовско-орфичкиот пристап е амбивалентен, во најмала рака... Од една страна, акцентот се става на избегнувањето на Дионизискиот ресантимански амбис, а од друга, повеќекратно се инсистира на НУЖНОСТА ОД СОМАТИЗАЦИЈА НА ПОВРШИНСКИОТ НАСТАН... Во едно поглавје од брилијатната Logique de Sense, Делез зборувајќи за Фицџералд, емфатично објавува дека “вечната вистина на Настанот може да се разбере само ако Настанот е инскрибиран во месото...” Многу Ничеовски, несомнено; но и многу Дионизиски... Од една страна го имаме жовијалниот дисеквилибриум на Кероловските nursery rhymes, но од друга Артоовското шизофренично “тело без органи” кое е се освен површинско…
“Расцепот се заборава преку процепот... “ Тоа може да се толкува на неколку начини. Дали е тој расцеп инкорпореална Aion-ска пукнатина или пак, нужно, се претвора во соматско-пропозиционален Spaltung? Ако е првото случај, тогаш сеуште можеме да зборуваме за Орфичко езотерично конвергирање... Но мислам дека, Делез, и покрај Артоовските напори :), не успева да го одвои површинскиот расцеп од неговата актуализација... А, тука лежи зајакот (овој зајак веројатно никогаш не се чувствувал по-седентарно :))… Орфеј организира, но само додека е инскрибиран (Деридаовски difference?), посредуван (Хегел?) и актуализиран (опасно блиску до вулгарниот материјализам)...
На тој начин можеме да зборуваме и за смеата... Од една страна, можеме да инсистираме на меѓупросторен ‘настан’ на смеата, на тематска комика несводлива на соматско-пропозиционалниот спектрум, но од друга страна таа мора да биде актуализирана (Аристотел и Хегел се смеат како зелки веројатно) за да има политички потенцијал.... Мора да боли... Мора да стане или Сократовска ‘иронија’ или Дионизиска ‘сатира’… Поинаку, или мора да ја објасниме нејзината суб-систенција (и квази-каузалност) или пак мора да инсистираме на несводливоста на самиот нејзин актуализиран аналог. Ако смеата не е емоција (во Дамазиовска смисла), тогаш што е? Лакановците обично во овој момент го внесуваат “нагонот за смрт” како дислоцирање на експланаторната тактика на редуктивниот материјализам... Но, ако тргнеме по овој пат, тогаш или сме Платоничари (Бадиу) или сме се откажале од било каква површинска игра (Жижек)....
За да бидат политички ефективни фанта-змиите мора да бидат или фантазии (Чалмерс) или, на крајот ан краиштата, сепак, само вид на змии (Денет, Чрчленд...)
П.С. Во целиот овој галиматијас, веројатно најголемата иронија :) e што makednos може да значи и ‘широко’ и ‘високо’… Зарем не е таа осцилација (квази-)причината на нашата политичка стерилност?
Прониклив коментар, колку и
Испратено на 06 август 2009 од АнонименПрониклив коментар, колку и самиот текст... Прекрасно Колја...