
Како да сум во окно или нурнат во океан... Одненадеж некој доаѓа и ме однесува...
Се покажува дека оној што ме зема е перверзниот и одрпаниот Др. Пан, кој ми вели: "Околност! Око колне нос! Ха ха ха! Околу колк се завртело око!"
Околината стварно не ми е позната... Окопнат предел... Наликува на жабокречина, да не речам окрек, без можност човек да окрепне... Окрилен да сум, би избегал...
"До мене што се однесува можеш послободно да се однесуваш во мојава околија, каде што обуката е во одуката; одлуката сепак ти ја донесуваш!", вели Др. Пан.
Јас му велам дека не можам да проценам кај сум: однадвор, однатре, одназад, однапред, одоздола, одозгора, одоколу?! Односно, односот меѓу нас двајцата...
"О, добри сме ние во округов!", вели перверзниот, "само ни треба одобрение! За окркување и окршување!"
Јас му велам дека не сум одовде, како и Годо, туку одонде.
"И Годо солзи лее што не е одовде! Не можеш да одолееш!", вели Др. Пан, сиот одрпан.
Му одвлекувам внимание, му кажувам приказна за одразот: толку надразнет од нејзиниот парфемско-стаклест одраз се обидов понепосредно да се одразам врз неа...
"Сакаш да ја шевиш на мушама! Да се одушевиш!", вели Др. Пан. "Но, целиот си во окопи и оклопи! Како да си окопилен! Окото ти е оковано со кори! Ококорено! Работава треба да се оконча! За да се окоти нешто друго!"
Конче од око како токму да потреперува во пајажината на сонот, составена од кончени погледи... Во пајажината го ловиме Атумовото око што шета?, прашувам.
"Или откинатиот фалус на Озирис?", возвраќа Др. Пан. "Глеј што ќе ти кажам: Подобро Оди (на Гарфилд) одошто Годо! Подобро пајак во рака одошто око на гранка!"
Одненадеж, како што бев однесен така бев и донесен, назад; не знам дали веќе беше време одручек или сè уште доручек, но погледот во одразот беше ококорен...

Слики: Мајкл Абрахам