Гоѕила vs. Кинг Конг

30.04.2012 11:16
Годзила vs. Кинг Конг

1.

Во центарот на Белград, престолнината на Република Србија, на дното на неодамна обновениот ташмајдански парк, се наоѓа – неверојатно, но вистинито – споменик на Хејдар Алиев, и по смртта апсолутен лидер на современа Република Азербејџан. Фактот што оваа евроазиска земја, вонредно богата со нафта и природен гас, ја финансира реконструкцијата на еден од најголемите паркови на српската престолнина, на најдословен начин реализирајќи го концептот на „промотивна оставнина на донаторот“, предизвика огорчување и потсмев кај граѓаните на Белград. Српските власти, меѓутоа, на сето тоа не ни трепнаа. Една валкана трансакција која несомнено личи на проституција (и во којашто од самиот старт е јасно кој дава, а кој прима) извршена е, како што таквите работи всушност и се случуваат, тивко и скриено од окото на јавноста, а српско-азербејџанското грдо чедо преку обновениот ташмајдански парк, свечено и без ни малку срам е обнародено во јуни 2011 година, во присуство на сегашниот претседател на Азербејџан, Илхам Алиев, син и блед дух на својот голем татко – бесмртниот Хејдар.
Така на пригоден начин е официјализирано и втемелено ова ново и релативно неочекувано јужнокавкаско-западнобалканско пријателство.

Тоа, сепак, не треба да зачудува. Иако станува збор за оддалечени земји и за значајно различни културни, политички и економски концепти, цела низа сличности сепак ги поврзуваат двете млади држави. Едната, навистина, е во состојба на перпетуирана економска пропаст, а другата е секој ден сè побогата. Со едната бескрупулозно владее незаситната политичка класа, втората е зајакната од класична династија во настанување со својата новобогаташка тајфа. Разлики има, секако, колку што сакате, но сличностите се барем исто толку речити. Двете земји се наоѓаат, да речеме, во еднакво грчевита потрага по нов, модерен идентитет, а во исто време – за волја на вистината, секоја на свој начин – се неподготвени или дури и неспособни да се одвикнат од старите навики, од лукавата злупотреба на власта и моќта, како и од сопствените територијални и историски заблуди. Ниту едната ниту другата не уживаат којзнае каков углед во меѓународната заедница. Познати се по широко распространетата, изразито длабоко вкоренета и неверојатно жилава корупција која на различни начини продира практично во сите пори на општеството. Познати се, исто така, по тоа што територијалните проблеми ги решаваат така што „спорните области“ (Нагорно-Карабах, Косово) ги „бранат“ со крвави војни кои потоа ги губат заедно со споменатите територии. И едната и другата земја имаат потешкотии со елементарното разбирање и почитување на човековите права и современоста и, воопшто, со нивната ефикасна примена.

И најпосле – last but not the least – двете земји, и Србија и Азербејџан, се горди победници на познатиот Евросонг – Натпревар за песна на Евровизија.

2.

Во мај 2011, имено, само еден месец пред да се завее сино-црвено-зеленото знаме на Азербејџан со бела ѕвезда и полумесечина високо над новиот споменик на дното на ташмајданскиот парк во центарот на Белград, дуетот Ел&Ники испеаа класична евровизиска лимонатка со наслов „Running scared“ што му донесе победа на Азербејџан на 56-иот Евросонг одржан во дизелдорфската „Еспирит Арена“. Овој скапо платен шведски bubble-gum производ евидентно ѝ послужи на целта и покажа дека Азербејџан можеби и не е некоја еуротреш-поп сила сам по себе, но дека секако умее да ракува со пари. За време на минатогодишната јунска посета на Илхан Алијев на Белград, во текот на највисоките државни разговори, често се споменуваше азербејџанската величествена победа на Евросонг, но секогаш во врска со друг евровизиски триумф, тој од 2007 година, кога српската претставничка Марија Шерифовиќ во Хелсинки изненади многумина со својата родово амбивалентна појава, но и со соул-квалитетот и полноста на својот глас, и однесе лесна победа со убедливи 268 гласови и загарантирано одржување на оваа популарна манифестација во Белград, наредната 2008 година.

Сосема е природно и разбирливо што таа евро-глиц-бонанца на секојдневниот невкус и треш е многу популарна во двете земји. Натпреварувањето за песна на Евровозија правопропорционално се зголемува како што се тргнува од центарот на Европа кон нејзините нејасни рабови каде што она што слободно го нарекуваме „европски вредности“ незапирливо бледнее. А треба ли посебно да нагласиме дека оваа гранд-парада на сеевропскиот треш никако не спаѓа во „тевредности“?

Но, кога ќе се сетам на тој белградски Евросонг од 2008!

Иако пословично и речиси манијачно хомофобични, Белграѓани, во текот на тие мајски, евровизиски денови, мора да се признае, мошне добро се држеа во средбите со вистинската инвазија на гејови од цела Европа. Според некои проценки, хомосексуалците сочинуваат половина од посетителите на Евросонг. На белградските улици воошто не беше тешко да се забележат од прва. Беспрекорно негувани, грижливо облечени, нафризирани, со дизајнерски торби префрлени преку рамо и шишиња вода во рацете, се шетаа по градот во парови и не се чинеше, наспроти тоа што можеше да се очекува, дека во Белград се чувствуваат загрозено. Иако пред самиот настан на интернет кружеа бројни предупредувања за членовите на геј заедниците за можни насилства кон хомосексуалците, сепак тие пролетни денови во Белград не се случи ниту еден единствен сериозен хомофобичен инцидент.

Изгледаше дека Белград, заслепен со евровизискиот гламур, ги спушти рамениците, замижа, стегна заби и се преправаше дека ништо необично не се случува. И така, во мир и добро расположение се одвиваше таа митска средба која сега му претстои на Баку – Белграѓаните, заблагодарувајќи му на Евросонгот, ја запознаа интернационалната геј заедница, интернационалната геј заедница ги запозна Белграѓани, заедно шетаа по централните градски улици, пиеја кафе по многубројните белградски кафетерии, го набљудуваа зајдисонцето на Калемегдан, вечераа со музика на Скадарлија, а којзнае кој со кого, во текот на тие неколку врели пролетни денови и уште поврели ноќи, одеше во кревет.

Човек би помислил дека овој за сексуални разлики секогаш намуртен град, се подготвува да стане нова и неочекувана геј престолнина на Европа. Но, дека тоа не се случи, а и нема да се случи, барем не во наредните стотина години, ни стана јасно при првиот следен обид за одржување на Денот на Гордоста, кога изби неверојатно насилство над собраните ЛГБТ личности, насилство што традиционално го спроведуваат нашите главно голобради ултрадесничари и хулигани предводени од свештениците на српската православна црква и со весело бодрење и скандирање од случајните минувачи.

3.

„Навистина ја сакаме нашата песна... Љубовта е најважна... Ова е голема прилика за нашата земја, шанса Европа подобро да нè запознае“, дрдореа Ел и Ники реченици научени напамет на победничката конференција за новинари во Дизелдорф. „Нашата земја географски се наоѓа пола во Европа, пола во Азија... Сакаме да придонесеме за обединување на Европа, толеранција и разбирање“, зборуваа восхитено.

Чудно, не споменаа дека сакааат „мир во светот“.

Меѓутоа, таа егзалтирана евроазиска-евровизиска идила траеше кратко, а проблемите многу брзо потоа почнаа да се трупаат. Имено, Азербејџан е сè погласно критикуван за лошата состојба на човековите права, па неговата обврска да го организира Евросонг 2012 е доведена во прашање. Многу европски аналитичари и колумнисти последниве месеци не издржаа да не се запрашаат дали е во ред една вака голема и важна европска манифестација, како што е Натпреварот за песна на Евровизија, да се одржува во едно такво општество.

Но, чекајте малку. Лично, мислам дека тоа не е фер. Па, ниту во Србија, да речеме, ако ме служат добро паметењето и Google, никој немаше против да го организира истото случување во 2008 година.

А дека Србија е нешто многу подобра од Азербејџан, да не се лажеме, не е, само е сиромашна, и со тоа, сметам, не е фер да му се одземе истото право, привилегија и чест на новиот српски (добар) пријател.

Всушност, на крајот на краиштата, дозволете ми да го поставам и ова прашање – кој кому тука нешто забранува? Мислам, во ред, Азербејџан е... хм... тоа што е, но, да размислиме малку, врз основа на сè досега овде напишано, и да се запрашаме искрено: дали Евросонг е многу подобар?

Напротив, може да се рече дека Евросонг во смисла на почитување на правилата на добриот вкус е токму тоа што се Србија и Азербејџан во однос на почитувањето на човековите права и индивидуалната слобода. Таа мега-плејада на евро-кич и евро-аматеризам промовира конзервативен, бескрајно конвенционален и будалест музички и секаков друг вкус, дух, па и поглед кон светот, ако сакате, до незаобиколното мавтање со државни знамиња и гласањето по национално-етничка сродност. Дотолку повеќе станува збор за есенцијално анти-европска манифестација, парада на лоша музика изведена на плејбек и глупави танц движења претворена во хистерично натпреварување кое во народите од Европа поттикнува некои од нивните најниски страсти.

Токму затоа, понекогаш навистина не ги разбирам сите тие аналитичари и колумнисти. Евросонг доаѓа во Баку. Добро, и?

Според мене, тука станува збор за една класична средба на две, по многу работи еднакви, чудовишта, само од различни поднебја, нешто како Гоѕила против Конг Конг.

Кажете сами: има ли нешто повозбудливо и позабавно од тоа?

* Текстот е објавен во берлинскиот весник „Tageszeitung“, под насловот „Galaxie des Eurokitsch“

Илустрации: Адам Хосмер

ОкоБоли главаВицФото