Руските културни икони застанаа зад Pussy riot

29.06.2012 12:31
Руски културни икони застанаа зад Pussy riot

Истакнати руски културни работници упатија отворено писмо до судот со молба да ги ослободат членките на панк групата Pussy Riot кои се во притвор од февруари поради перформансот во главниот московски храм Исус Спасителот.

Тие на 21 февруари упаднаа во храмот и ја отпеаја песната „Богородице, истерај го Путин“. Обвинителството поради тоа поднесе кривична пријава против нив за хулиганство, за што можат да добијат казна од пет години затвор. Надежда Толоконикова го молеше судот да ја пушти на слобода, наведувајќи дека одамна ја нема видено својата четиригодишна ќерка и дека нема намера да се крие од правосудните органи, но судот ја одби нејзината молба.

„Сметаме дека делувањето на Pussy Riot не е кривично дело. Девојките не убија, не ограбија или извршија насилство врз некого, не уништуваа или крадеа туѓа сопственост. Русија е граѓанска држава и никакви антиклерикални дејства, ако не спаѓаат во кривични дела, не можат да бидат повод за кривично гонење“, наведуваат културните работници во отвореното писмо кое во средата го објави московскиот печат.

Во писмото се наведува дека за сето време, додека учесниците на акцијата се наоѓаат во притвор, во општеството „расте атмосфера на нестрпливост, што води до раскол и радикализација“.

Повеќе од 100 истакнати културни фигури се обратија со писмо до Врховниот суд и Московскиот граѓански суд повикувајќи на ослободување на активистките.

Меѓу потписниците се и личности кои отворено го поддржаа претседателот Владимир Путин на последните избори, вклучувајќи ја Чулпан Хаматова, популарна глумица и соосновач на хуманитарната организација „Дар на животот“ и глумицата и театарска режисерка Јевгенија Моронова.
На листата, која го опфаќа кремот на руската културна елита, се наоѓаат и други познати имиња како што се филмскиот режисер Андреј Кончаловски, балетанот Николај Цикариџе и композиторот Леонид Десјатников.

Вкупно на листата се најдоа 103 музичари, филмски режисери, пејачи и други културни работници.

Судот на 20 јуни на Надежда Толоконикова, Марија Алекина и Екатерина Самучевич им го продолжи притворот до 24 јули. Руската јавност се подели на оние кои сметаат дека притворот е оправдана мерка, и на оние кои сметаат дека е сурова. Руската православна црква одби да им прости, со образложение дека самите треба да побараат прошка.

Членовите на групата го одбиваат обвинението на црквата „дека ги исмеваат светците“ и објаснија дека во нивната „панк-молитва“ е споменат патријархот бидејќи дозволил Руската православна црква да стане „орудие во валканите предизборни игри“, алудирајќи на агитацијата на патријархот во корист на Путин на претседателските избори.

Шефот на службата за истражување во предметот „Pussy Riot“ Ранченков поднесе оставка на таа функција, а во Министерството за внатрешни работи тоа го објаснија како преминување на друго работно место.

Извор: e-novine

 

ОкоБоли главаВицФото