Жонглерот со топки и бебето од катран

21.08.2012 11:05
Жонглерот со топки и бебето од катран

Толку ретко налетувам на добри книги од македонски автори што ме јаде јанѕа ако откривањето на таквата книга не го споделам или афирмирам, приватно или јавно. Таква една исклучителна книга ми падна неодамна во раце. Станува збор за „Бебето од катран; Македонија во меѓународните односи, 1991-1993“ од Денко Малески, издание на „Култура“, 2012. Велам, генерално има малку добри книги од домашни автори. Особено, пак, кај нас се ретки (авто)биографиите и добрите книги од областите на современата историја, политиката и политикологијата. Книгата на Малески ги покрива тие ретко застапени области во нашето издаваштво, но истовремено воспоставува многу високи стандарди за следните книги во тие области.

Истите проблеми на нашава современост, инаку, се главните теми и на „Бебето од катран“. („Бебето од катран“ еднаш Македонија ја нарече Роберт Фровик, американски дипломат и разузнавач; Малески разјаснува: „Со тој израз се опишува меѓународната ситуација во која како политичари ќе зажалите и ако се вплеткате во работите на таквата држава и ако останете настрана“.). Клучна тема на книгата е проблемот со името на државата Македонија, проблем кој денес како да има уште подраматични димензии, со оглед на повампирениот македонски национализам (кој е одговор на фашистоидниот грчки национализам од деведесеттите, ако е тоа некоја утеха). А сите други политички и културни проблеми што мошне продорно, а истовремено и мошне суптилно, ги маркира Малески пред 20 години - присутни се и денес, често во многу позасилена и побезнадежна форма.

Во најсоголената смисла на Realpolitik во книгата се издвојуваат два драматични момента кои многу влијаеја на развојот на настаните во Република Македонија. Едниот момент е од 2001 година. Иако тој период Малески во книгата не го обработува подетално, бегло ја прикажува глупоста на тогашната македонска политика:

„Така, Роберт Фровик, прогласен за непожелна личност, беше протеран од Македонија. Граѓанската војна можеше да почне. Речиси со сигурност можам да ја погодам реакцијата, и тоа не само расположението туку и зборовите, на тие во Вашингтон што го испратиле Фровик. Без оглед дали биле бесни или рамнодушни на веста дека американскиот емисар во потрага по мир бил протеран од Македонија, си рекле меѓу себе: ’Па тогаш, пуштете ги копилињата нека искусат малку војна!’“

Вториот драматичен момент во книгата се случува во почетокот на 1993 година, кога Киро Глигоров се решава да заигра потврдо, понационалистички. Во тој момент Глигоров го отфрла умерениот Малески и ги прифаќа не многу кохерентните националистички политики на старите „комунистички апартчици“ од типот на Ристо Никовски. Малески прецизно го лоцира моментот кога настанува своевиден пресврт во македонската надворешна политика:

„Политиката на соработка, а не на конфронтација, која дотогаш ја водеше Македонија, ги обврзуваше западните политичари, како што самите тоа ми го потврдуваа, да се грижат за нас. Поинаква политика, велеа, би ги ослободила од таа грижа. Слободни, сега конечно беа слободни! Пред себе имаа претставници на една поинаква македонска надворешна политика. (...) Инаку, секогаш се сомневав во способноста на дипломатите што своето искуство го стекнале во служба на една регионална сила како Југославија, со влијание во меѓународната политика диспропорционално на нејзината големина, да се димензионираат себеси во домашниот, а државата Македонија во меѓународниот простор.“

Една од најголемите доблести на книгата на Денко Малески, а воедно и брилијантен прилог за современата македонска историографија, е портретот на Киро Глигоров, кој ненаметливо и принципиелно, со изострени политички сетила, се испишува низ целата книга. Ми се чини дека Малески најдобро ги дофатил и неспорните спасоносни страни на политиките на Глигоров, но и неговите грешки и слабости. Со сјајната метафора „жонглер со топки“ авторот како да ја фаќа суштината на позицијата на Глигоров:

„Во тие драматични моменти од историјата на Македонија, кога не смеевме да си дозволиме внатрешен или меѓународен конфликт, таквата политика на Глигоров ја спаси земјата од катастрофа. Меѓутоа, теоријата и праксата нè учат дека проблемот со таквото владеење е што тој што ги држи топките во воздух не може едновремено да се движи, па општеството ризикува неговата политика да биде престасана од настаните. Тоа, по некоја година, се случи: една по една ’топките’ почнаа да паѓаат - ВМРО, Албанците, некоја година подоцна и раководството на СДСМ...“

Малески не штеди никого. Ниту пратениците, ниту министрите, ниту СДСМ и ВМРО, а не им останува должен ни на некои од арогантните а празни западни дипломати (негативно се прикажани, на пример, австрискиот, португалскиот и делумно германскиот министер за надворешни работи, Мок, Пињеиро и Геншер, како и речиси сите грчки високи дипломати од деведесеттите години, а особено Самарас). Сепак, важно е да се напомене, дури и кога Малески е негативен и остар тој никогаш не е груб и вулгарен. Тој пишува со своевидно разбирање дури и за најпримитивните испади на некои од македонските политички актери. (Вистина, „филмот му пука“ на две места во книгата: еднаш му се случува речиси физичка пресметка со еден посебно прост македонски пратеник; вториот пат авторот ги губи нервите пред дрскиот Португалец Пињеиро). Но, наспроти тензичните средби со одредени моќници-циници, Малески исцртува и низа мошне позитивни портрети на светски политичари (Карингтон, Иглбергер, Даглас Херд, Бадентер, Венс итн.) кои вложиле сериозен труд и знаење да го намалат, кога веќе не успеаја да го спречат, Балканскиот пекол од деведесеттите.

Што се однесува до политичките позиции на Малески во Скопје, се чини дека тој на некој начин ја прифатил улогата на политички „изрод“, можеби маалско бебе од катран, некој кој не е многу популарен но кој има помин кај западните дипломати. Локалните политички интриги Малески не го интересираат зашто тој со многу самодоверба се занимавал со најзначајната работа: одбраната на дипломатските интереси на Македонија. Во еден миг на отфрленост и резигнација Малески духовито ја опишува својата позиција во Скопје: „јас нив им зборував за планети, а тие мене за патлиџани“. (Во книгата мене ми беше духовита и една реченица на Глигоров кој на тогашниот водач на опозицијата се обидувал да му ги објасни премрежињата на земјата: „Со часови сум му зборувал... Ништо не разбира“.)

Од денешен агол се гледа како мошне необична политичката одговорност на Малески за својата работа. Тој бил министер за надворешни работи само две години, а низа пати бил во искушение да поднесува оставка заради неиспорачување опипливи резултати. Два пати тоа и го направил, вториот пат „неотповикливо“ (иако практично бил ишутиран од владата на Бранко Црвенковски). Кога таа политичка сензибилност и одговорност ја споредуваме со сегашниве состојби (шест години Македонија има катастрофална надворешна политика и никого уво не го боли за тоа), темниците на актуелниот македонски ќорсокак стануваат уште потемни. Испаѓа дека во однос на сегашната глупава и самозадоволна авторитарна држава, подемократска и политички поодговорна била дури и онаа килава, екстремно кревка и без посериозен „државотворен порив“ Македонија од почетокот на деведесеттите (тоа Малески прецизно и болно го фаќа опишувајќи го мртвилото на старо-новите македонски институции).

Во „бебето од катран“, освен историската релевантност и продорните политички согледби, пленат и високата култура и високата писменост на авторот, толку нетипични за овдешните политички примитивци-дрматори. Мошне е интересен и уводниот дел на книгата, кајшто авторот зборува за својата семејна позадина и за она што всушност ги формирало неговите животни убедувања и принципи.

За крај ќе го наведам парчето кое мене најмногу ми се допадна во книгата на Малески и кое ми е блиско и во емотивна смисла, токму поради суптилниот спој меѓу поетичкото и политичкото:

„Одејќи на средба кај јапонскиот амбасадор Хатано, забележувам една прекрасна јапонска минијатурна слика, поставена во средината на еден голем бел ѕид. Чудно беше што наместо да се ’загуби’ минијатурата, се ’загуби’ ѕидот: силните црвени, жолти и сини бои го привлекуваат целото внимание на окото. Така треба да биде и со надворешната политика на Македонија, помислив со нешто како насмевка.“

Слики: Brendan Monroe

и замисли не е вулгарен.

и замисли не е вулгарен. изненадување. реткост. невидено нешто во македонија. рече. авторот. ами седни и учи. учи. не парафразирај. само.

Да имаше зошто да мрчиш бре

Да имаше зошто да мрчиш бре Дени... Одлична е рецензијата, баш поетско/политичка, него ти си се навикнал на јадење трици.

Надворешната политика на

Надворешната политика на Македонија не може да биде како јапонската слика ако се води од позиција на сервилност. Ако не се прави разлика помеѓу национализам и шовинизам, посебно во македонскиот геополитички комшилук и истовремено не се води сметка за македонските нацио-нални интереси, каква би била таа надворешна политика? Малески не ми остава впечаток дека сака силна (надворешно-политичка) Македонија.

Комуњар комуњар не напаѓа.

Комуњар комуњар не напаѓа.

Коментарите се излишни.

Коментарите се излишни. Малески е една од најсветлите фигури на сегашната интелектуална елита, а рецензентот секогаш доволно фокусиран за да ни го открие и преточи во зборови и невидливото.

Невидливото = измисленото?

Невидливото = измисленото?

ОкоБоли главаВицФото