Избори без попис како Прометеј без пенис

08.09.2012 11:11
Избори без попис како Прометеј без пенис

Велат дека после некои наслови не е важен текстот кој следи. Тоа сигурно не е случај со овој текст и наслов, но во денови набиени со настани и нема многу избор. Просто се наметнуваат вакви начичкани наслови. Најголем доказ дека неделава ни беше набиена со настани се тешките школски чанти на децата, кои ги почнаа првите училишни денови годинава, како и маките на нивните родители. Маки кои им се повторуваат секоја година. Така, потсетувањето на дополнителните маки во овие месеци (дрва за огрев и зимница, на пример), прави да биде можна само една домашна реплика на прашањето на неделата, кое го постави професорот Фрчковски: „Каде се парите?“ А таа реплика е прашањето, со кое многу домаќини и домаќинки, по дома, одговараат: „А од каде пари?“

“А од каде пари?“ би било доста добро прашање и за темата која, овојпат ептен настојчиво, се наметнува - избори! Предвремени, споени, или брзи, беа придавките кои, до пред некој ден, ако се кажea без именката, ќе помислевме дека се работи за палачинки. Но, веќе се знае дека се мисли на избори, а одговорот за парите лежи некаде помеѓу помислата дека некој ПИН код во Дојче Банк е променет после три обиди, или се спрема некаква предвремена, споена или брза продажба на ЕЛЕМ.

Ова е земја во која никогаш точно не се знае што сè е тајна. Дури и кога бараш транспарентност за елементарни информации, како што се критериумите по кои Регулаторната комисија ни ги одредува цените, или за бројот на учениците според мајчиниот јазик. Но, мислам дека дури и тука не е многу да се бара попис на населението, при спомнување на можноста за одржување избори.

Тоа троа што се бара, е нешто што претходно беше почнато и прекинато, но е и податок кој многу значи при вакви етнички теми и поводи. Тоа е толку нормално и неопходно барање и поради прочистувањето на избирачкиот список. Со колку непознати во формулата треба да се изведе прочистувањето на избирачкиот списокот, кога ете, вака, не го знаеме вкупниот конечен број на население? Фразата „од ѓутуре“, сепак, не е назив за математичка формула, тоа е, сè уште, само термин за на пазар.

Пописот и Прометеј, полека но сигурно се етаблираат како бројот ПИ на отпорот кон лудоста и дубарата, многу слично на тоа што оваа математичка константа наречена „Лудолфов број“ е во Еуклидовата геометрија: ирационален реален број, кој го претставува односот на периметарот на една кружница со нејзиниот дијаметар. Пописот треба везден да го спомнуваме и заради многу други нешта, како вработеноста, буџетот и економијата. Но и за да не бидеме како лидерот на опозицијата, Бранко Црвенковски, кој вети дека секој трет месец ќе го бара тоа од власта. Ветено, неостварено. Еве неколку тримесечја.

Но, каде е односот со Прометеј? Во неговите дополнително извајани гаќи - би бил директниот одговор на ова прашање, но поточен е фактот дека ова уникатно решение солидно нè мапира во светската сцена. И тоа не само во историјата на културата и вајарството, туку и во антицивилизациските трендови и појави. Така, од вакви практики би можеле да учат талибанизам, дури и во Авганистан. Можеме само да замислиме колку на таквите би им било корисно едно предавање од страна на некој наш Кузман. Кој од искуство би понудил доста решенија, како замена за експлозив. Кажувајќи им - со гаќи покријте само ако е нешто од вас самите погрешно направено, но ако е нешто од претходно, а не ви се допаѓа, или изградете врз него (Скопското кале) или градете многу, тик до него (Камениот мост)!

Но, најважната односност на Прометеј е за локалниот периметар. Луѓе со такво уникатно решение, како за Прометеј, би можеле тоа истото да се обидат да го применат и во политиката. Така, стравот и дилемата, за локални или парламентарни, за брзи или споени, би можеле да го решат на тој начин што би прогласиле едни избори, но би пресметале резултат за други?! Ете, на пример, да прогласат локални, но ако им се допадне исходот, да кажат дека тоа се брои за парламентарни. Или обратно. А ако не им се допадне, ништо.

Може навистина ништо, но веројатно е дека само тогаш ќе дознаме точно на кој тоа му текна да ги стави Чешка и Словачка во „земјите од регионот“, при еден неуспешен обид и спин за лажење дека сме имале најевтина струја?! Веројатно е тоа некој кој плаќа редовно фактури за струја токму во тие земји, каде има станови или куќи. Кога ќе избегаат таму, ќе ги дознаеме. Ние, сите други, можеби имаме мака, но таа мака, ете, е за подготвување зимница. А по подготвувањето на зимница е јасно дека имаме план и дека остануваме. Ќе се снајдеме. Било и полошо, па пак нè било.

Извор: „Фокус“, 06.09.12.

Колажи: Свирачиња

 

 

Важно најдовте начин да си ги

Важно најдовте начин да си ги искажете своите хомо фантазии во слика.