Право, политика и историја во меѓународните односи: Македонија и Грција (2)

11.09.2012 12:08
Право, политика и историја во меѓународните односи: Македонија и Грција (2)

Стравот и несигурноста се можните објаснувања за грчкото поведение во деведесеттите. „Полиција ќе тропнеше на нашата врата за да испита зошто не сме го истакнале грчкото знаме на нашиот балкон во деновите на националните прослави. Ова секако е манифестација на несигурност и страв за нашиот грчки-македонски национален идентитет“, се присеќава еден грчки професор од Солун. Со оглед на фактот дека постои огромна количина на страв и на нашата страна од границата, круциалното прашање е како да го совладаме стравот. Мислам дека само вистината може да ни помогне бидејќи без објективната историска вистина, проценките на луѓето се на милост и немилост на нивните стравови и на нивните желби, особено онаа дека сторените неправди кон нивната нација во минатото, денес можат да се исправат. Всушност, недостигот на историска вистина, која е игнорирана и од историчарите кои, во нашите балкански општества, се доживуваат себеси не како трагачи по вистината туку како борци за националната кауза, ја фрла домашната политика и психата на народите во замката на колективните историски трауми на регионот.

Поголемиот дел од нашите недоразбирања можат да се најдат во симплифицираната верзија на балканската историја која што ги произведува лудостите карактеристични за фанатичната приврзаност кон идентитетот. Овие историски симплификации се производ на ривалските национални проекти на балканските држави. Се разбира, национализмите на Балканот ја демонстрираат менталната навика карактеристична за сите европски национализми: митологијата за припадност кон група на многу посебни луѓе кои маршираат заедно од мугрите на историјата до денес, водејќи битки, трпејќи и славејќи порази и победи и над се, никогаш не заборавајќи ги понижувањата од други. На нациите, имено, се гледа како на етнички чисти човечки ракети кои патуваат низ историјата од времиња до кои не допира сеќавањето, па се до денес. Меѓутоа, има значајна разлика во одвивањето на историските процеси помеѓу Балканот и западниот дел од европскиот континент. Во западна Европа, уште од времето на средниот век, сведоци сме на еден жив процес на перманентни политички поделби, на подеми и падови на разни центри на моќ и конечно, некаде во шеснаесеттиот век, како последица на зголеменото чувство на лојалност кон пошироки политички форми, на појавата на еден број препознатливи нации држави. Балканските процеси се поинакви. Имено, во овој регион, кој не заостанувал зад западна Европа во својот политички развој во раниот среден век, петстоте години отоманска власт ги закочува трендовите кон создавањето на националните држави.

Опаѓањето на моќта на Отоманското царство во текот на деветнаесеттиот век резултира во создавањето на независни држави на неговата периферија, меѓу нив и Србија, Грција и Бугарија. Отоманската моќ врз Македонија, со својата централна геополитичка положба во царството, е сеуште силна. Приказната за нашите сегашни невољи датира од времето на почетокот на дваесеттиот век кога модерниот европски концепт за нација-држава кој почива врз формулата „една нација, една држава, една територија и една историја“ ненадејно се проектира во последната отоманска провинција во Европа – Македонија. Секој од соседите положуваше право на територијата и на народот на оваа мултиетничка отоманска провинција. За нас Македонците, поразот на илинденското востание во 1903 имаше два ефеки: го означи крајот на пан-бугарскиот проект кој не можеше да се реализира заради противењето на соседните држави и ривалитетот помеѓу големите сили, но исто така го означи и почетокот на, како што Мисирков го има наречено, македонскиот „национален сепаратизам“ од бугарската нација. Таа година, Крсте Мисирков, роден во Пела, градот на Александар Велики, повикува на создавање на словенска македонска нација со сопствен јазик и со посебен национален идентитет. Тоа, сметал тој, бил единствениот начин да се спречи поделбата на Македонија и асимилацијата на нејзиниот народ од соседните држави. Но, поделбата и асимилацијата не можеле да бидат спречени.

Кога во текот на балканските војни од 1912 и 1913 Македонија е поделена помеѓу нејзините соседи, тие ги вложија сите свои сили да ја довтасаат новата фаза што се отвори во процесот на градењето на европската нација-држава: конструирањето на силна врска помеѓу државата како политички ентитет и нацијата како културен ентитет. Така, балканските држави го отпочнуваат процесот на асимилација, често многу брутален кон оние „другите“. Ширењето на националните идеологии се врши преку моќни агенси на национална пропаганда, главно системот на образование подржано од репресивните механизми на државата. Размената на население помеѓу Грција, Бугарија и Турција го менува етничкиот состав на грчкиот дел од Македонија. Во тој процес, и популации од различно етничко потекло се асимилираат во новиот грчки идентитет граден околу грчкиот јазик и култура. На другата страна на границата, во она што беше српска Македонија каде што се одвиваше истиот процес на србизација, идејата на Мисирков за посебна (словенска) македонска нација се реализира во текот на Втората светска војна од комунистичкото движење, како дел од решението за југословенското национално прашање. Нов, домороден македонски бленд кој постоел како тенденција за надминување на грчките, српските и бугарските влијанија, конечно избива на површината. Се раѓа новата македонска нација. Меѓутоа, настанувањето на македонска држава со свој јазик и култура, го одржува во живот и сеќавањето за поделената татковина, идеја која што е реафирмирана во документите на новиот ентитет во југословенската федерација. Како и во други национални случаи, заедничкото страдање, без оглед на наметнатите граници, станува еден од симболите на новата нација.

Денес, Македонија е соочена со голем предизвик: како да одговори на грчките барања за промена на името на државата, на нацијата и на јазикот, за да направи две дистинкции: 1. со грчката држава како политички ентитет и 2. со грчкиот македонски идентитет како посебен културен ентитет. И токму како дефиницијата во речникот за „бебето од катран“, Македонија ќе зажали ако проблемот остане нерешен предолго, и ќе зажали ако се реши набрзина без нужните подготовки. Ако прашањето за името остане нерешено и земјата не стане членка на НАТО и на ЕУ, тоа ќе има негативни последици врз економија со стапка на невработеност поголема од 30%. Згора на сериозните социјални проблеми кои се производ на слабата економија, меѓуетничките односи помеѓу Македонците и Албанците ќе бидат ставени на големо искушение. Бидејќи двете страни на етничката поделба ги обединува заедничката стратешка цел, членство во НАТО и во ЕУ, губењето на оваа перспектива ќе биде лоша за стабилноста на државата. Ќе исчезне лепакот кој ги обединува двете етнички заедници. Ширењето на универзитетското образование за албанското малцинство кое не е проследено со економски прогрес и нтеграција на популација од 2 милиони во ЕУ, цел кон која се движат двете албански држави на нашите граници – Албанија и Косово, скоро сигурно ќе прерасне во нов меѓуетнички конфликт. Само е прашање на време кога ќе почне опасната игра на взаемни обвинувања помеѓу Македонците и Албанците, онаа истата која што се игра помеѓу партиите од иста етничка група кои се позаинтересирани за она она што ги одржува на власт и за меѓусебно уништување, одошто за благосостојбата на државата и на нејзините граѓани. Ако, од друга страна, се наметне решение без сериозен дијалог кој би резултирал во согласност помеѓу партиите да го понесат заедничкиот товар на еден исклучително непопуларен компромис, внатреетнички конфликт меѓу Македонците е веројатниот исход.

Политичарите мораат да донесат непопуларни одлуки ако сакаат да ја спасат државата. Лекцијата која требаше да ја научеме досега е дека сојузите, вклучувајќи ги НАТО и ЕУ, се создадени да ги бранат интересите на своите членки а не да делат правда. Требаше, исто така да научиме дека, исто онака како што на почетокот од деведесеттите беше бесполезно да се обидуваме да им го наметнеме на другите држави изборот помеѓу правото и политиката, бесполезно е денес да се обидуваме на САД и на ЕУ да им го наметнеме изборот помеѓу Македонија и Грција. Нивните интереси, имено, покажуваат кон двете држави, но особено кон Грција. Лекцијата која што требаше да ја научиме во текот на нашата борба за меѓународно признавање на Македонија како суверена држава, е дека нашата надворешна политика не смее да застане на апелите за примена на меѓународното право, туку треба да почне оттаму, да продолжи со диопломатија и да заврши со компромис. Но, сега не чека домашна задача. Ова исклучително емоционално прашање не може да се реши со мајоризација, ниту пак треба да се користи за рушење на владеачките националисти денес, зашто ако партија која што има широка поддршка реши да ја киднапира темата и да ја однесе на улица, ќе предизвика сериозни последици по стабилноста на државата. За владата да ја донесе оваа непопуларна но витална одлука, мора да биде постигнат консенсус меѓу сите позначајни играчи на македонската политика околу природата на компромисот. Тоа нема да биде лесно затоа што античката историја, спорната тема во нашите односи со Грција, не е единственото прашање околу кое нема согласност денес во Македонија. Отсуство на заедничка интерпретација и на современата историја на нашата нација создава исто така проблеми. Денес, „десницата“, од позиција на власт ја омаловажува историската улога на комунистичкото движење, во создавањето на модерната македонска држава во нејзините сегашни граници, и ја нагласува улогата на оние кои сонувале за обединета Македонија, кои се сметаат себеси за потомци на Александар велики и кои биле прогонувани од комунистите заради таквите идеји. Овие две дебати од историјата, античката и современата, ја држат на маргините на политичкиот дискурс уште една интерпретација на нашето минато, бугарската, која трпеливо го чека исходот од сегашната дебата во надеж дека бидејќи не се движи нанапред, тркалото на македонската историја ќе почне да се врти наназад.

Она што, всушност, Грција го бара од нас е да се ослободиме од древната македонска митологија и да се соочиме со објективната историска вистина за Македонија, веројатно, на линија на она што го изнесов во мојата презентација. Но, што станува со грчката митологија? Зарем другата страна не мора да се соочи со објективната вистина за создавањето на модерниот грчко-македонски идентитет преку грчката национална идеја проектирана во Македонија во популација со различно етничко потекло? Најтешкиот дел од пазарот е дека ние мораме да се откажеме од нашата митологија за да му направиме место на грчкиот национализам да го вклучи новосоздадениот грчко-македонски идентитет во древната грчка митологија.Зашто, само тогаш Грција ќе прогласи крај на својот национален проект, ќе ја запре војната која што почна пред сто години и ќе прогласи мир. Доминантното чувство меѓу Македонците е дека грчкото поведение во минатото личи на обид да се уништи нашето постоење („тие ни ја зедоа земјата“), додека денес личи на обид, како што би рекол Кант, да се уништи нашето постоење како морална личност“ ( „сега сакаат да ни го здемат името“). Нашиот сосед е во процес на учење дека без оглед колку е мала или колку е нова, една држава мора да третирана со почит, токму онака како што треба да биде третирана личноста на еден човек. „Една држава, ја продолжува својата мисла Кант, не е исто што и земја..., парче сопственост. (Една држава) е општество на луѓе кое никој нема право да му командува или да располага со него освен самата држава. (Една држава) е дрво со сопствени корења“. Командата од страна на Грција, Македонија да го смени името на државата, името на нацијата и името на јазикот е знак на сериозно непочитување на цела една нација. Тоа е команда која не можат да ја разберат либералните умови на двете страни ид границата кои, како напишал Орвел, ја немаат националистичката „навика да претпоставуваат дека човечките суштества може да бидат класифицирани како инсекти“.Меѓутоа, реалностите на политиката на сила и реалностите на нашите два конфликтни национализми, ја принудуваат Македонија и нејзиниот народ самите да се класифицираат, да најдат начин да го надминат дефицитот на почит од страна на Грција и да постигнат компромис кој нема да го загрози нашиот опстанок.

Универзитет Колумбија
Њујорк, 15.10.2010

Конференција насловена "Македонија е важна: конфликт, коегзистенција и Евро-атлантска интеграција во јужниот Балкан"

Слики: Свирачиња

Линк до првиот дел 

 

Колку само разбирање и

Колку само разбирање и симпатии за грчката страница, ми доаѓа да се расплачам.

Да не сте го згрешиле потписот, текстов да не го пишувал Грчев?

Анализата е своевидна исповед

Анализата е своевидна исповед на Денко за својата улога во Дипломатијата на Република Македонија. Интересно е што за него значи кога ќе рече „ние“ - македонец, граѓанин, министер - претставник на власта - но било како. Дали е проблематично да го спореди случајот на Македонија со на пример Црна Гора - не е ни спомната во некаков извештај (Бадинтеров) за капацитет за независност, беше на погрешната страна - со Милошевиќ, беше грамот на вагата кој му овозможи на Милошевиќ да направи СРЈугославија и го осуети мурното поделување на СФРЈ на 6 републики. Или нека го земе примерот на Косово - покраината која доби држава. Да не зборуваме за Словенија, Хрватска, БиХ, Србија - како стигнаа до држави, а Грција и Бугарија што прават со малцинствата (македонците) кај нив. Испаѓа дека сите војуваја за свои интереси, а Македонија (дури и денес) војуваат за туѓи надевајќи се на награда.
Сепак Денко треба да се отрезни и да свати дека имаме суверена, независна држава која треба да ја владееме - порез, војска, граници. Па и да ја загубиме не ќе биде страшно (се случило и со Крушевската Република) ама неможеме сами да се откажеме од себе. (Ако Денко оди во Пакистан како грѓанин и кажува дека не е македонец - туку грко-бугаро-србин и не е христијанин - туку атеист ќе го освестат со казна затоа што лаже, дека не е но всушност е препознаен како македонец и христијанин. Само да не биде казната смртна.
Денко нема потреба да се правда никому што е македонец - ако сепак му е толку тешко нека земе бугарски пасош и веднаш ќе стане европеец. Тужбата на една суверена држава Република Македонија кон државата Грција (независно од пресудата) на која парница се појавила Грција е доволна и за историчарите и заневерните Томи - дека Република Македонија постои на задоволство на сите кои ја сакаат.
А ако се смени идентитетот и името Македонија тогаш ќе го снема единственото нешто зашто Македонците остануваат да живеат овде, а ќе им даде убав повод да побараат политички азил заради неможноста национално да се изразат и тоа во државите каде тоа ќе им биде дозволено (можат да бидат македонци во Хрватска, Србија, САД, Канада, Австралија, па и Грција. Тоа ќе биде веројатно поголем бран на политички емигранти од оние во 1903, 1913, 1956, 2001. Македонци ќе постојат и тоа слободно ќе го изразуваат насекаде во светот - па и во Лерин и Солун и незнам која е таа сила која тоа ќе може да го забрани во слободна Република Македонија.

ОкоБоли главаВицФото