
Некои од почестите “против-аргументации” на кои наидувам при секоја моја дискусија околу националните митови и нивната генерално опасна функција се следниве: “нам ни требаат национални митови”; “сега не е моментот за деконструкции”; “мора да го најдеме наративот кој ќе нè обедини” и така натаму. Овие тези, до сега, сум ги чул и од видни и респектирани и не толку респектирани академски имиња; од коментаторите на моите текстови; и од (не)пријатели и (не)познаници (и во живо и на интернет); и буквално од секакви луѓе со најразличен општествен статус, насекаде, во најразлични прилики.
Но, без разлика дали се работи за универзитетски професори или маалски баскетџии со кои сум имал можност да дебатирам; линијата на мислење која генерално се застапува е дека митолошкиот дериват извлечен првенствено од антиквизацијата (но и од црквењаштвото, како и од барањето на Другоста во малцинствата, соседните народи и слично), треба да биде “лепакот” на обединувањето на македонската нација. Со други зборови, фетишот кон Александар и црквата, како спротиставеноста спрема Грците/Бугарите/Албанците и сè што доаѓа со нив (пред сè, наративи на неразумност), се оправдуваат низ призмата на некое си национално единство/сложност, што па се поистоветува со успех, опстанок, “победа”, зависно од поединечните имагинации. Како и да, тоа митолошко “размислување” (речиси формулирано како кохерентна матрица на владејачката гарнитура), се прифаќа како оправдано и се брани како полезно. Размислувањето и аргументирањето веќе не се вештини во кои се соочуваат факти и методи, туку вештини со кои се кажуваат приказни “за доброто на Македонија” (што е ситуација на конструктивен наспроти ќорав патриотизам; види го текстот од минатата недела).
Поентата е: оваа линија на мислење која оправдува митови е неисправна, и се коси со два принципа: здравиот разум и либералната демократија. Прво, таа е неисправна зашто ја брише линијата помеѓу сознанија и “бабини деветини”. Досега многу пати сум зборувал за рефлексијата на овој процес во академската сфера (во принцип, “науката” и интелектуалците не се мотивирани од сознанија и аргументи, туку од политичката вредност и симболичкиот капитал зад некоја теорија). Проблемот со многу од наративите кои се презентираат е што тие поаѓаат од верување, од симболичкиот потенцијал, и токму затоа од нив подоцна произлегува политичка платформа. Примерот со антиквизацијата е еден: и покрај потешкотиите да се оправда милениумската етногенеза и континуитет, тој мит стана почетна точка на ревидирањето на “официјалната”историја базирана врз филолошки сознанија на физичари и врз приказни на псевдоисторичари кои комуницирале со духот на Александар (но ете, тие приказни се легитимираа и од страна на врховното тело што се бави со историја, ИНИ). Можеби на не толку академско ниво, но сепак доволно загрижувачки, и црквењаштвото зема замав во тие ретроградни процеси: абортусот е убиство, жените треба да бидат родилки, “човекот не настанал од мајмун”, Александар бил прото-христијанин; тие тези не само што ги застапуваат поповите, туку и определени политичари и останати јавни личности, а што е најтрагично дури и професори; и тие ставови полека стануваат одредница на една цела политичка идеологија (доминантна во Македонија во периодов). Трет пример е односот кон “Другите”: професори пишуваат книги (парафразирам) за вековните злосторства на гего-мирдитските качачки терористички банди врз Македонците што кулминира со 2001, други пишуваат за тоа како Бугарите настанале со мешање на татарски варварски племиња, како Грците биле од Африка и како биле генетски поглупи (целосно промашувајќи ја поентата на Бернал), па (де)конструираат завери, се развива митот на жртвата Македонија, која иако потлачена е горда и над остантите и сл. (на крајот доаѓаме и до Македоноидите, и до “македонското потекло на американските претседатели”).
Прашањето е, зошто е толку погрешно да се брише линијата меѓу некои сознанија и здравиот разум на една страна, и митовите и конспирациите на друга страна? Одговорот е: зашто тоа води кон диктатура на нерационалноста, што пак сигурно ќе го одведе општеството до катастрофа, затоа што разумот тогаш станува потиснат; а разумноста е начинот на кој човештвото преживеало и стигнало до ова денес (можеби треба да се преиспита дали денешниот свет е генерално добар или лош, но она што сакам да го кажам е дека благодарејќи на разумот денес постојат ефикасна медицина, технологија, превоз итн). Денес, мејнстримот во дебатата во Македонија е тотално спротивен на сè што е разум. Практично, денес ако вие кажете на пр. дека континуитет помеѓу античките племиња и современите нации не постои и џабе се бара, дека Господ не се симнал меѓу Македоноидите, дека човекот не настанал од Бога, дека абортусот не е убиство, дека Божја казна не постои, дека Албанците, Грците, Бугарите се соседни и културно блиски народи, тогаш е многу веројатно дека ќе бидете исмеани, несериозно разбрани, сфатени како “ај бе пушти го”, а ништо чудно и да бидете истепани. И нема што понатаму да се говори на оваа тема, ваквата ситуација е алармантна сама по себе. А “пуштањето во промет” на митовите, иако не мора нужно да биде врзано со политичка кауза, неизбежно води и до културализирање (односно митологизирање) на политиката.
Тоа ме води и до второто ниво на кое ваквата реторика е погрешна: тоталното косење со принципите на либералната-демократија (а либералната-демократија е идеалот кон кој Македонија се стреми, надвор од сите партиски и индивидуални преференци; тоа е идеал избран со прифаќањето на западниот модел и заложувањето за политичка и економска транзиција и европска интеграција).
Текстов го започнав кажувајќи за мојата инспирација од универзитетски професори кои во митовите гледаат шанса за национално обединување. Еден бучен професор, со кој скоро имав можност јавно да дебатирам, меѓу другото си кажа дека (парафразирам) “ако сакаме да градиме либерална демократија, мора да имаме нација и митови”. За жал, иако сакав, временски бев ограничен и не можев да му одговорам и на тоа (зашто бев зафатен со одговарање на некои негови други тврдења).
Меѓутоа, еве сега време и простор: ако градиме либерална-демократија, тогаш митот, особено историскиот мит за нацијата, не само што е непотребен, туку е и штетен, и пожелно е да се подложи на најкрваво можно дисецирање, ако ништо друго, само заради тоа што секој поединец го има тоа право – во јавната дебата сите сме
еднакви. Но, од правото на еднаквост во јавната делиберација, право кое е основа на либералната демократија, произлегува и дека државата, институција која пред сè ја овозможува и фацилитира таа дебата, која пред сè треба да “слуша”, а потоа да “кажува”, има должност да ги сослуша и да ги инкорпорира сите обиди за деконструкција и дисекција и на митот за Александар, но и сите приговори дека одредени структури во општествово пуштаат во промет митови, недокажани (не)вистини или лаги. А сите оние, кои свесно поддржуваат митологизирање на дискурсот, всушност го мамат системот: либералната демократија подразбира тргнување од почетна точка на искреност и знаење; кога некој трга од тоа дека митот може да биде добар инструмент за обединување на нацијата (или што и да е), и тој го брани митот и со тоа (не)свесно поддржува пуштање во промет на лаги или невистини (зашто разликата меѓу митот и сознанието е недостатокот од научна верификација), тоа значи дека тој нема искрени намери; и меѓу другото, тргнува од точка на “незнаење”, зашто, како што неколку пати сум докажувал, митот сам по себе има ефект на заборавање или замижување пред определени факти – а јавна делиберација може да има само кога ништо не се заборава и ништо не се крие заради сопствен интерес. Така што, либералната демократија и митовите во основна не се компатибилни, особено кога некој професор ги става во иста реченица.
Но, не само што е мамење на системот, политички инструментализираниот мит претставува и мамење на граѓаните. Тргнувајќи од својата повисока позиција во општеството, интелектуалците и политичарите (не)свесно го користат тој национален или верски мит како средство за заведување на граѓаните, што во старт претставува нефер однос: на граѓаните им се пласираат лаги или невистини, и некој доаѓа на власт само заради тоа што тие лаги звучеле добро. Тоа кажува многу, подоцна, за поимањето на самата власт од страна на елитите: ако некој е спремен да пласира и митови и лаги само за да дојде до политичка моќ, тогаш моќта станува цел сама по себе и тешко дека ќе биде искористена за подобрување на ситуацијата во општеството. Згора на тоа, ако некој се обврзал дека ќе работи врз основа на митови, не може да се очекува неговата натамошна работа да биде успешна: таа е градена врз темелите на обична бајка, градена е врз едно големо ништо од аспект на здравиот разум и доброто управување. Затоа, кога основата на политиката се митовите, резултатите се катастрофални. Обично развојот на настаните станува ретрограден: секој ден сè е полошо од претходниот (еден ден споменик, друг ден црква... и така сè со ред).
Но, нели, сега не е време за вакви текстови, сега ни треба да се обединиме..
Слики: Scott Musgrove
Браво, не просветли Вуна со
Испратено на 11 септември 2009 од Миризливо ЛалеБраво, не просветли Вуна со твојот рационализам и просветителство и не изваде од средновековното мракобесие на незнаењето и заблудата дека човекот не настанал од Бога и дека нема божја казна, антиквизацијата е лоша (по незнам кој пат), Грујо е фашист, абортусот, црквењаштвото, бла бла бла....браво бравоо бравоооооооо (аплауз) претходно не знаевме! На запад ништо ново...
Само да знаеш дека во своите ригидни ставови на едно недодркано средношколче во ништо не си различен од мракобесните схоластичари кои пресметувале колку ангели можат да се соберат на врвот на една игла. Аналогно на тоа ти пресметуваш колку лични фрустрации и немоќ обвиткани во рационално / елоквентна обланда ќе соберат во еден твој текст!
Дај ПОРАСНИ ЖИТИ СЕ и избави не од својот револуционерно / месијански комплекс да ни ги појаснуваш работите!
Митовите се прифаќаат како
Испратено на 12 септември 2009 од niksaМитовите се прифаќаат како аксиоми. Тоа е така и наводно не треба да се дискутира за истите. Почетна точка. Тие се наводно вистината. Сите свети книги во основа се митови и лжги со опашки, али ај...
Мене ме нервира тоа што сега создаваат митови и толку ги китат и ги официјализираат, институционализираат итн. што нема шанси да се каже нешто против затоа што сега целата работи клокоти и е вжештена. И ДА НЕ СЕ ШАЛИМЕ МОЖАТ И ГЛАВАТА ДА НИ ЈА ОТСЕЧАТ :)
А доволно е еве да се прочита одличното дело на Достоевски Браќа Карамазови, и во рамки на поемата Големиот инквизитор се вели дека слободата му пречи на човекот зошто на тој начин е несигурен и токму затоа се измислуваат ЧУДОТО, ТАЈНАТА и АВТОРИТЕТОТ за да луѓето (наводно)полесно живеат.
И да им порачам на овие шо за секој текст клеветат (а не аргументираат) колку што им држи и тежи мозокот, дека не е битно кој е постар на ова тло, и кој стигнал прв итн. битно е како живееме сега ! Митовите не даваат леб, не храната сиромаштија !
поздрав
“ако сакаме да градиме
Испратено на 12 септември 2009 од Dame1612“ако сакаме да градиме либерална демократија, мора да имаме нација и митови”.
Професорот бил сосема во право , но кога го рекол тоа немислел на митот на Александар , него на митот за бизнисменот кој од нула станал богат , митот за успешниот деловен човек , митот за слободната иницијатива , митот за скапите коли , убавите жени и парите ... Други митови во либералната демократија и не постојат ....
Денеска освен антиквизација , се случува и соросоидација односно тежнеење на одредени групи да се створи демократско либерално општество со владеење на западните индустриски добра ( капитализам со човечки лик ) , општество во кое поединецот ке нема колективна свест и ке представува конзумент на индустриските добра кои ке му ги увезуваат од запад .
Митот за нацијата ( антиквизација - наоѓање заеднички корени ) односно сплотување на таквите поединци во група за да остварат колективни права е во спротивност од соросоидацијата .
Во Македонија митовите за нацијата и народот сеуште се живи и живеат меѓу обичниот народ .За жал соросоидите неможат сеуште да сватат дека ние сме меѓу себе поврзани и митовите живеат во нас .