Препознавање на фашизмот

15.10.2012 11:53
Препознавање на фашизмот

Jасните знаци на фашизмот, кои последниве години како црна тиња тивко ја плават Македонија, малкумина ги препознаа како фашизам. За да го олеснам препознавањето на новиот македонски фашизам, во повеќе прилики укажував на неговите архитектонски симптоми во „проектот Скопје 2014“. Бев убеден дека препознавањето на вистинската природа на режимот на ДПМНЕ е неизбежно кога со промените на урбанистичките планови на центарот на Скопје се појавија првите кристално јасни и агресивни знаци за типично фашисоидно помрачување на умот на државниот врв. Зарем не е очигледно дека помпезните градителски зафати во центарот на Скопје, според својата психопатолошка „архитектонска обработка“, наликуваат единствено на мрачните градби изградени од други тоталитарни режими!? Бесмислените колонади на брегот на Вардар се како намалена панаѓурска верзија на Хитлеровите - моќни и застрашувачки - но исто така празни, здодевни и грди колонади. Мислев дека „читањето“ на архитектурата, е лесно и очигледно за сите, зашто таму владее емпириското правило на хомологија помеѓу општествата и градбите, па кога градбите од „Скопје 2014“ се очигледно и несомнено фашисоидни, таков мора да е и режимот што ги гради.

Но, широкото препознавање на фашистоидната природа на режимот на ДПМНЕ веќе не е можно во јавноста бидејќи режимот воведе цврста контрола над речиси целиот медиумски простор, а препознавањето на веќе инсталираниот фашизам од страна на институциите на системот е само по себе невозможно, зашто токму институциите се заболени, односно се во рацете на фашистоидниот режим затскриен зад празната либерално демократка форма. Од друга страна, препознавањето е отежнато и со погрешните претпоставки дека фашизмот е историска појава со која светот се пресметал во Втората светска војна и дека неговото појавување оттогаш е врзано само за главно маргиналните неонацистички партии или профашистички деликвентски групации кои си ги бричат главите и мавтаат со свастики.

Фашизмот денес е криптофашизам

Најважното што денес мора да се знае за фашизмот: тој не е мртов. Тој ја исполнува идеолошката празнина која остана по глобалната пропаст на левите движења и настапува преоблечен најчесто како десно ориентирана демократска политичка опција. Кога во едно општество демократијата ќе падне во криза - а тоа во денешно време им се случува и на младите постсоцијалистички, но и на старите идејно потрошени демократии - ослабениот демократски имунитет овозможува да се развие некоја форма на фашизам. Овој потоа – кај демократиите со најслаб имунитет - станува вирулентен, доаѓа на власт и однатре ги уништува институциите на демократската држава. На тој начин, како патоген, фашизмот и денес живее како опачина на демократијата и делува како нејзина автоимуна болест. Фашизмот е и ден денес дежурна закана за секој систем на либерална капиталистичка парламентарна демократија, бидејќи настанал како нејзина (хистерична но инхерентна) одбранбена реакција на комунизмот. Затоа, помеѓу доминантно антикомунистичката општествена атмосфера и појавата на наци-фашизмот речиси не може да се направи јасна дистинкција.

Погрешно е денес фашизмот во Македонија да се бара во формалните изјави на власта или партиската програма на ДПМНЕ. Исто толку залудно би било во партиските инсигнии да бараме свастики, а во земјата јуришни паравоени одреди или концентрациони логори. Сите фашизми на 21-иот век се прилогодија на посакуваниот имиџ и коњунктурата на мигов: сите тие денес се „заколнати“ демократии! Нивното препознавање, поради тоа, не е можно преку нивните програми или зборови - најчесто лажни - туку преку нивните дела.

Но и кога делата се во прашање, македонскиот фашизам е затскриен, срамежлив и плашлив. Создавањето лажна слика за себе, како кај сите мимикрични животинки, е негова најважна дарвиновска способност во борбата за опстанок. Но, кога лажењето и маскирањето - кои во почетокот имале функција на затскривање - ќе станат опсесивни и бизарни, тие се претвораат во знаци за неговото препознавање. Опсесијата со саморекламирање, непрекинатите кампањи, корумпирањето и контролата на медиумите, градењето фашистоидни архитектонски кулиси... се’ се тоа јасни знаци на македонскиот фашизам.

Клучни околности за појава на фашизмот

Фашизмот е системска болест од која, во одредени историски околности, може да заболи секое општество. Споредувањето на историските околности кои придонеле фашизмот да се појави е единствената метода за негово препознавање и рано дијагностицирање. Така, споредбата на околностите кои ги вовлекле Италија и Германија во нивните фашизми, со историските околности во Македонија во последнава деценија, нуди лесно забележливи и загрижувачки сличности. Клучни околности за појава на малигните фашизми во 20-ите години од минатиот век беа: распаѓањето на европските империи кое предизвика масовно чувство на историски дисконтинуитет и криза на националните идентитети, колективните фрустрации поради поразите во светската војна и растечката економска криза и сиромаштија. На Македонците им се случи токму истото: историски дисконтинуитет со распаѓањето на југословенската федерација и индуцирана криза на идентитет, фрустрација и понижување од срамно изгубената војна со албанските востаници 2001 година и предолгото економско пропаѓање и сиромаштија. Слични историски околности, како по некое фаталистичко сценарио, ги донесоа нашите автохтони фашисти на власт.

Клучни докази за фашизмот во Македонија

Огромниот споменик на Александар III Македонски на скопскиот плоштад е клучен доказ за фашистоидноста на режимот на ДПМНЕ бидејќи, и покрај апсолутниот недостаток на какви било податоци за нашите крвни или територијални наследства од Александар, единствениот извор на слепата верба во нашето античко потекло е мистичната врска помеѓу крвта и земјата македонска, која ДПМНЕ ја претвори во државна идеологија. Крвта и земјата, или на германски Blut und Boden, е идеологија која ја потенцира врската помеѓу потеклото на луѓето (крв) и територијата што ја населуваат (земја). Оваа идеологија се појави кон крајот на 19-иот век како основен мотив на германскиот национал романтизам, а подоцна стана основна супстанца на германскиот расизам, антисемитизам и нацизам. Национализмите кои се темелат на концептот на крвта и земјата се оние најдеструктивните, затоа што го форсираат смртоносниот концепт на етнички нации чијашто врзаност за тлото им дава „старосна предност“ над другите народи и им создава илузија на супериорност само затоа што се родиле со некое (измислено) име на некакво (случајно) парче земја. Идеологијата која ги слави Александар III Македонски и Филип II како татковци на современата македонска нација е идеологија на национализмот на крвта и земјата или палингенетскиот ултранационализам, кој е генеричко својство на секој фашизам, зашто со помош на идеологијата на палингенезата или „преродбата“, нацијата се втемелува врз нејзиното „митскo јадро“.

Сите есенцијално фашистички елементи на преродбеничкиот национализам се присутни во идеологијата и практикувањето на власта на режимот на Груевски: Митот за херојската генеза на народот од таткото Александар III Македонски и расната супериорност на неговите разбудени и преродени потомци; Шовинизмот кој ги дели Македонците на словенски и антички; Ултранационализмот кој го прави невозможен меѓуетничкиот соживот и паранојата која не изолира и не оддалечува од соседите и од светот; Ноторно еугеничките државни проекти за етнички селективното стимулирање на трето дете, тоталитарните и авторитарните практики на владеење, контролата на медиумите и заглушувачката пропаганда, ерозијата на човековите права и слободи и уште многу својства на фашизмот кои произлегуваат од идеологијата на крвта и земјата.

Непрепознавање на фашизмот

Факт е дека илузиите, колку и да се невистинити или погрешни, имаат поголема моќ на убедување отколку сликата што човек ја гледа со голи очи, а вербата во овие лаги обично сосем го онеспособува здравиот разум. Како инаку да се објасни хроничната неспособност на народите да ги препознаат очигледните знаци за подем на фашизмот во нивните земји? Како да се објасни што режимот на Груевски сеуште „проаѓа“ како нефункционална и проблематична демократија, а не како успешна нова форма на немилитантен провинциски фашизам спакуван во демократска амбалажа?

Неспособноста да се препознае смртоносниот амалгам на тоталитаризмот, национализмот, расизмот и популизмот (кој до пред триесет години без никаков проблем генерички се нарекуваше фашизам), како да е историска константа. Сведоците на глобалниот подем на фашизмот од првата половина на дваесеттиот век кажуваат дека се работи за вид на колективна психоза, еден вид на епидемиски колапс на рационалната мисла. Интересно е што за воведување на народите во овој ирационален транс, фашизмот секогаш ја ползува истата, до болка едноставна рецептура. Кога врз понижувачкото чувство на инфериорност и разочарувањето во демократијата, ќе „легнат“ лековитите зборови на измислената национална херојска митологија и расизмот преоблечен во националистички патриотизам, сè што е ирационално во една земја избива на површината, а сè што е рационално: разумот, знаењето и искуството, се повлекува и замолчува во страв или опортунизам, апатија или отапеност. Тоа е успешната формула на секој фашизам, а така владее и режимот на Груевски.

На оваа болест на демократијата, на овој инфаркт на општествената памет, како да не постои природна отпорност. Ерих Фром, на пример, тврди (и сведочи) дека италијанскиот фашизам и германскиот нацизам ги затекнале политичките, капиталистичките и интелектуалните елити на двата моќни, цивилизирани и културни народи, теоретски и практично потполно неспремни да го препознаат и да му се спротивстават на злото... Денес, неспремностa на општествата да ги препознаваат своите фашизми е уште понагласена, зошто денешните фашизми се мимикрични: тие ја отфрлија милитантната агресивност, нагласениот антисемитизам и препознатливите реторики и симболи на големите учители од дваесеттиот век и се маскираа со флоскули од либерално капиталистичката идеологија и со општоприфатената демократска фразеологија.

Македонскиот фашизам, на пример, кој е маскиран како млада вдовица, во црн и заводлив демохристијански тил, се инсталираше во нашата земја тивко, без испукан куршум, со мирен уставен пуч. Тоа се случи набргу по освојувањето на власта на демократски избори и пред очите на целата нација - но без нејзино знаење. Затоа, поголемиот дел од измаменото население сеуште мисли дека живееме во проблематична демократија. А, тоа што со свои очи гледаме дека институциите во Република Македонија се веќе празни згради, сосем исчистени од нивната уставно-правна супстанца, како мртви морски школки кои сега ги зазеле натрапници што цел живот талкале по дното, тоа, велам, што овој срамежлив фашизам секој ден го гледаме со голи очи не е доволно убедливо да ја демантира претходно создадената слика и навика дека сме демократија.

Како можевме да заборавиме на нашата антифашистичка генеза?

И, како можеше ова нам да ни се случи? Ова ни се случи (и) затоа што препознавањето и вистинската одлучна и бескомпромисна реакција на првите и најочигледните симптоми на фашизмот во Македонија во потполност изостанаа! Систематското бришење на антифашистичкото потекло и историја на Македонија од страна на власта на ДПМНЕ, како и уништувањето на спомениците на вистинските македонски херои кои загинаа борејќи се против фашизмот, беа преочигледни знаци дека се работи за реставрација на ванчомихајловистичкиот фашизам во Македонија. Човек би помислил дека сите бурно ќе реагираме на политиката на Груевски која со проѕирен антикомунизам го затскрива својот изворен анти-антифашизам, што ќе рече – фашизам. Зашто, според логиката на историските детерминанти, ние Македонците би требало да бидеме хиперосетливи на фашизоидните смрдеи, најмногу поради фактот што нашата татковина потекнува од антифашистичката борба. А, ние сме тоа што сме, токму поради победата над фашизмот во таа борба.

Не дозволувајте, затоа, очигледната фашизоидност на режимот на ДПМНЕ да ве залаже дека сепак се работи само за нефункционална демократија. Со полна верба следете ја методологијата на големиот Маркс, која гласи: ако личи на фашизам и се однесува како фашизам, не се будалете, тоа е навистина фашизам!

Дискусија на јавната дебата под наслов „Некрологот за Рудолф Хес - има ли организиран нео-фашизам во Македонија?“, одржана на 12.10.12. во ГЕМ клубот, а организирана од Прогрес Институт, Фондација "Фридрих Еберет" - канцеларија Скопје и Олоф Палме Меѓународен Центар од Шведска.

Колажи: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото