(ре)Активизам

14.09.2009 10:19
justin-meyers-7.jpg

Пред 4 години, на крајот на септември, една македонска корпорација реши да воведе новина во една од своите услуги: дополнително плаќање на интернет сообраќај над пропишаниот лимит. Тоа беше спротивно од она што го пишуваше во договорите, каде што се велеше дека тие го задржуваат правото да ја намалат брзината по достигнување на смешниот лимит од 4 гигабајти – иако при потпишувањето на договорите ни убедуваа дека тоа никогаш нема да се спроведе. Уште истата вечер направивме блог и почнавме да бараме начини да се спречи дополнителното плаќање.

За кратко време се приклучија многу луѓе, голем број ја потпишаа петицијата што ја поставивме, се консултиравме со адвокати, им досаѓавме на повеќе (не)владини агенции... Се организираше состанок во министерството за финансии помеѓу Агенцијата за заштита на потрошувачи и дотичната корпорација, а присуствувавме и ние – обичните „смртници“. Првин, имаше мачкање на очи – ние сакаме задоволни корисници, сметаме дека е ова подобра опција, дека тоа што вие го сакате (укинување на лимитот) не е возможно, итн. Потоа следуваше напад – вие сте само збирштина од пирати, ништо повеќе, ништо помалку, немате усул со симнување, делите конекции, итн. Нормално, немаше никаков заклучок. Тие си имаа информации што требаше да ги пренесат на нивните претпоставени, а ние не смеевме да кажуваме детали за состанокот. Но, ние си продолживме по наше. Им препорачувавме на корисниците што ни читаа да бараат раскинување на договорот, да ги преплавуваат со повици бесплатните линии за корисничка поддршка, да им досаѓаат на тетките во продажните салони...

Кога веќе беше очигледно дека нема да се повлечат, никој од нас немаше муда да каже „Луѓе, раскинувајте ги договорите, па што биде нека биде“. На сите ни беше страв од последиците. Немаше ваљда ние да им ги плаќаме „пеналите“ на сите корисници? Знам, кукавици. Ама решивме да се искупиме со тоа што приредивме мини-спектакл. Една вечер низ центарот на Скопје исполепивме „читуљи“ со кои се објавува смртта на Брзиот Интернет и најавивме делење на блага пченица на плоштад Македонија. Утредента, со излетничка маса и вангла полна со топчиња блага пченица излеговме на плоштад и раздававме за „душата“ на „покојниот“.

Не успеавме да ја одвратиме корпорацијата од нивната замисла, но успеавме да ги натераме да не ни наплаќаат по надминатиот лимит туку да ни ја намалуваат брзината. Не беше којзнае каков успех, признавам. Но такви договори потпишавме. И барем се извадивме од дополнително полнење на касите на компанијата.

Она што го забележав во текот на таа рЕволуција беше дека сите имавме заедничка цел. Не беше битна верската и националната определба. Не беше битно ова или она потекло. Не беше важно дали сме факултетски образувани или едвај сме завршиле осмо. Сите сакавме да имаме широкопојасен пристап на интернет. Ние бевме како т.н. Кинеска водена тортура, каде што капка по капка паѓа врз главата на измачуваниот си додека тој веќе нема да може да издржи.

Интернет е најважниот и најмоќниот медиум во моментов. Но не како извор на информации, туку како место каде што може да се најдат истомисленици. И тоа е битно за денешниот човек. Постојано ни убедуваат дека сме индивидуи, дека треба некаде да припаѓаме (политичка партија, навивачка група, нација, идентитет, компанија...), дека сами не можеме да смениме ништо... Еве еден експеримент: следниот пат кога ќе одите по улица и ќе сакате некој отпадок да фрлите на улица, ставете го во џеб си до следната корпа/контејнер. Ако овој текст го прочитаат 100 луѓе, тоа се 100 сами луѓе. И 100 отпадоци помалку. Секој сам ќе придонесе да има помалку ѓубре по улиците. Замислете што може да се случи ако тие 100 сами луѓе се здружат.

Нормално, „здружувањето“ во некаква група на Фејсбук не е доволно. Тоа, најчесто, е аналогно на однесувањето на „свештените“ лица: Да, во христијанството алчноста е смртен грев и јас сум христијанин, ама тоа што земам пари не ме прави алчен. Членувањето во одредена група или поддржувањето на одредена кауза не значи ништо ако е само на зборови. Потребен е активизам. Нека е и сам по сам, на крајот ќе почне здружување. Кога го почнав блогот против намерата на „гореспоменатата“ компанија, го почнав сам. Ја „изрекламирав“ идејата и за кратко време се собраа голем број истомисленици. Можеби не сменивме многу, но сменивме нешто: успеавме да ја натераме најголемата и најпрофитабилната компанија во Македонија да се откаже од дополнителен профит. Што ќе беше ако бевме поупорни?

Да, можам да мрчам против новиот пешачки мост на Кејот (што, Камениот мост се закрчува од толку многу пешаци па мора нов мост да се прави?), можам да дробам за идеите што нè разединуваат (национална, верска, митолошка припадност), можам да издвојам еден проблем во Македонија и за него да пишувам цели фермани, можам да покажувам со прст и да кажувам кој е виновен а кој не е за „моменталната“ состојба (што трае веќе 18 години)... Ама тоа ќе биде трошење на скапоцен простор.

Мене ми е многу поважно она што нè обединува. Ако не сте забележале, сите сме на истиот брод. Но, ако сме патници, тоа не нè ослободува од одговорноста да ја исфрламе водата што почнала да навлегува низ пукнатините. Посебно не ако гледаме дека на екипажот му е поважно да ни кажува кој е одговорен за пукнатините и да гради суштински небитни структури кои нема да го спречат навирањето на водата.

Слики: Џастин Мејерс

Секој текст кој почнува со

Секој текст кој почнува со „пред 4 години, во септември, една корпорација...“ е epic fail. Така и овој.
 

Секој што завршува коментар

Секој што завршува коментар со "epic fail ","lame","gay "и.тн...  ... е troll.
Исто така,  gay.

za cudo ona shto ne zdruzuva

za cudo ona shto ne zdruzuva e i neprifakjanjeto na glupite postapki na vladata i partiski podanici niz godinite cii postapki bile i vcera, a kje gi ima i utre. Samo niz primer za shto e GLUPOST mozebi kje nateram nekoj da razmisli shto ne treba da se povtoruva utre -kako mostot na kejot. mozam da mrcam, i kje mrcam zashto treba. zashto za cudo i toa me obedinuva so mnogumina.

Слични статии

Став
Ah, Paris! [к:36]

ОкоБоли главаВицФото