Секогаш е интересно да се размислува во рамки на одредени аналогии. Особено кога станува збор за настани кои се од големо значење, како што се, на пример, изборите кои ќе се одржат во недела.
Овие избори, помеѓу другото, ќе останат одбележани по занимливата иако методолошки неоснована потрага по “македонскиот Обама” во јавната дебата и обидите да се воспостави некаква аналогна перспектива помеѓу Македонија и САД. Па така, додека едни скромно ја отпоздравуваат спремноста на демосот при изборот за претседател да ги надмине границите на етничката припадност, некои пооптимистични тврдат дека “од шумата може да не ги видиме дрвјата” и дека е прилично веројатно да се случи изборот на Селмани а.к.а македонски Обама. Трети велат дека Обама не треба да се бара на претседателски, туку на парламентарни избори. Некои велат дека Обама не треба да се бара во етнички чисти партии. Некои трети, пак, иако не толку “мртви озбилни”, пренесоа порака за напуштање на традиционално циничниот и малку нихилистички став кон несмасните аналогии како претходнонаведените и кон прифаќање на реалноста дека сепак може да ни се случи некаква промена од „обамоиден“ карактер.
(1).jpg)
Не вклучувајќи се во дебата кој е “Обама” и дали може да биде избран, и тотално прифаќајќи го веќе воспоставениот текст на аналогија меѓу САД 08 и Македонија 09, би сакал во пресрет на изборниот молк, после долгото толкување и консумирање кампањи, да ја изнесам мојата идеја: дека на овие избори треба да се бира единствено македонскиот МекКејн, наспроти сето досега изнесено во јавноста за потребата од македонски Барак Хусеин (а и од прагматични причини: Обама е еден, а клонови на МекКејн има на секое ќоше).
МекКејн како идеја (претставен преку целата постава на преродбеници, домаќини, недомаќини и 90% од ликовите кои продефилираа по плакати и сл.), е олицетворение на сигурната пропаст на Македонија која дефетистички ја чекаме уште од почетокот на 1990-тите. Додека Обама се асоцира со мотото “промена во која може да веруваме” и пред се' “НАДЕЖ” со големи букви, МекКејн е едно задрто старо аро кое од што нема што да каже се повторува, навредува, и има проблем да направи мост помеѓу сопствените зборови и реалноста. МекКејн значи фаќање на континуитет во креирање и применување погрешни политики, заѕидување на параноите и стравовите и, главно, одрекување на народот од сопственото право да смени нешто драстично. Ако Обама значи “повлекување од војна, социјална грижа и враќање на граѓанските слободи”, МекКејн значи “апокалипса, сиромаштија и угнетување”.
МекКејн, или “лошото”, во оваа кампања е всушност рефлектиран во стандарно исклучивиот црно-бел (портокалово-син?!) политички манихејски светоглед. За разлика од американскиот случај, овде и црното и белото се “лоши”, со занемарливо мали упади на по некој позитивен лик (иако во моментов не ми текнува таков – или, ај да речеме, Мируше Хоџа или Мила за Карпош?).
Сепак, најочигледен призор на МекКејн на ова поднебје (а ги има многу) се претседателските кандидати од Правниот Факултет. Главниот фаворит за претседателската фотелја на пример, професорот Иванов, е тоталка МекКејн кога му се обраќа на “обичниот граѓанин” (водоводџијата Џо): колне, избегнува дуели и изнесува неконзистентни предлози за “горливото” прашање на името, кои покриваат цела растителна морфологија на идеи, од корења до плодови. Професорот Фрчкоски, пак, сосем МекКејновски чекаше цел месец да промовира некаква импровизирана платформа која не содржи ништо повеќе освен толку МекКејновската реторика на страв, а ништо помалку МекКејновска не му беше ни изјавата: “јас сум македонски националист” (дали зашто на шамари и клоци Македонија ќе ја “обезбеди” заедницата?!). И обајцата се за различност, мултикултурализам, навидум прогресивни идеи, ама меѓусебно се обвинуваат за тоа кој е Хунза први, а кој втори дан, небаре натпреварувајќи се кој има поголемо знаменце на реверот.
Прилично МекКејновска е и сликата на Љубе Бошкоски кој ја љуби родната грутка на писта (како кога МекКејн се враќаше од заробеништво од Виетнам) и кажува како се жртвувал “во најгустото” наспроти овие сега “голобради момчиња”, “туристи” и слично. МекКејновска, или можеби Бушовска е сликата на Груевски и политиката на заборавање која ја применува (“се понаша ко ништо да не се десило”) додека на графиконите на популарноста неговата крива полека фаќа надолен тренд.
Сепак, најМекКејновски, да не речам СараПејлиновски момент, во целата кампања, е Коце Трајановски (а ништо помалку од него не е ни пловниот Еленовски). Неприметливоста (освен неколку заслужени пердашења) на појави како Коцета е директна последица на неопитноста и некритичноста на македонската јавна дебата (поради истата таа неопитност, на пример, Македонија заедно со уште две-три ќошенца на планетава беше единственото места каде што вистинскиот МекКејн лани беше попопуларен од Обама). Коцета е можеби најпластичниот македонски Пејлиновски егземплар од сите; со стратешки проекти како од “уредување на речните корита” до “професионална ориентација за младите” (?!) без никакво образложение што тие значат и како ќе бидат спроведени, врамувајќи ги во реторика на верен војник на каузата, се чини дека го достигна врвот на “лошото” со идејата за ресетирање на саатот на старата железничка како уште еден во низата симболички Франкенштајн-потези на гарнитурата на ВМРО-ДПМНЕ.
(1).jpg)
МекКејн, за разлика од Обама, не носи надеж. МекКејн е сурово реален, страшен и вгнезден во секојдневието, и полека метастазира додека не сокапе и последната здрава клетка на општеството. “Колективниот” македонски МекКејн е вистинското лице на режимот кој деспотски управува последниве две декади. Бавтајќи се со идентитети и потекла, потхранувајќи ги сопствените суети, и мавтајќи попрво со показалецот отколку со некоја вистинска идеја која и ве практика а не само декларативно би ги обединила различните фракции во општествоту, многу веројатно е дека кој и да биде избран како претседател единствено што ќе постигне е да се вклопи во сликата за сегашната политичка традиција на бидување фактор од Гевгелија до пред Танушевци во обликот на само уште еден лик од вести.
Што се однесува до локалните избори, моќта на скопскиот МекКејн ќе се почувствува кога ќе се излее сета таа бронза по улиците на главниот град. Ниту некој ќе види поредок во сообраќајот, ниту речни корита, ниту чистота – главната улога на градоначалникот ќе биде да се слика крај гигантскиот кип на Александар, со тап животински поглед и насмевка која ќе сведочи за конечниот пораз на надежта за било какво оправање на состојбите, зашто тоа едноставно не може да се случи. Сепак, треба да се излезе масовно и да се поддржат ваквите ликови, за да и’ се даде еутаназија на тешко болната Македонија и на тотално исквернавеното Скопје. Убиство и самоубиство со гласачкото ливче – баш ко трагичните љубовни приказни кои ги преплавија весниците. Мотив: врската стана неподнослива. Вие изгласајте ги, а они ќе се погрижат да заврши трагично. Гласајте ги МекКејновци. И онака сите кои некогаш биле избрани како прогресивни ликови многу бргу се искорумпирале. Вака, да си го избереме пример Коцета за Скопје, а тој и не мора да го рестартира саатот – доволно е да ги премести стрелките на времето во кое дошол на функција.
илустрации во текстот: Banxy
Na ovaa tema
Испратено на 22 март 2009 од vinozitoMekejn barem ima smisol za humor, pa posle porazot kolku i da mu bese gorclivo vo ustata napravi shega na svoja smetka. Nasive kandidati se namkori so tapija, izgledaat kako statisti od film na Carli Caplin. Po porazot samo poveke ke plukaat edni na drugi. Dobro e sto padna sneg pa ke go obvinime snegot za neuspesni izbori...
A onaa starata narodna veli: Daj mu na coveka vlast pa ke vidis kakov zver e. Mene mi e dosta od zverki, baram COVEK-za pretsedatel na Makedonija.
A kogo i da izbereme, ako voopsto nie izbirame, treba da nauci prvo da go igra teskoto i pajdusko, pa potoa valcer....