Груевски најавува контра-мерки против бугарското вето

12.12.2012 10:53
Груевски најавува контра-мерки против бугарското вето

Уште пред Грција да ни стави вето во Букурешт, мегафоните на Груевски најавија низа контра-мерки, од кои дел се веќе исполнети. Денес, безмалку пет години по Букурешт, стотици улици, патишта, стадиони, спортски сали и плоштади се преименувани и ги носат имињата на големите македонски личности од античкиот период.

Се изградија голем број нивни споменици во повеќе градови. Трасата Табановце-Богородица од коридорот 10 се преименува како автопат Александар Македонски. Наместо новиот аеродром во Штип, „Филип Втори“ се вика поранешниот градски стадион во Скопје. (Не се преименуваа повеќе села и градови, ама никогаш не е предоцна, нели, барем општина Центар да се преименува во „Александрија“, „Паљурци“ во „Хунзово“, а Валандово во Букефалово). За инает на Грците подигнавме хеленски столбови среде Скопје и огромни споменици на „Воинот на коњ“ и Воинот „љубител на коњи“ (на старогрчки - Филип).

На 12.12.2012, наместо за „крајот на светот“, многу Македонци се опседнати со „братско-сестринска“ Бугарија, односно, како да ѝ возвратиме на нејзините гестови на „романтична љубов“. Поточно, кои контра-мерки ќе ги преземе Македонија по ветото од Бугарија за ЕУ? Од извори блиски на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ дознаваме дека Грујо и бате Саше планираат да ги воведат следниве 12 контра-мерки по непринципиелното вето од „бате Бојко“ и „братувчед Росен“:

1. Отстранување на споменикот на Цар Самоил од „Грујоленд 2014“ и поставување на негово место на Василиј II Бугароубиецот.

2. Забрана за пеење на песната „Ранет ми лежи Тодор Александров“ и повторно воведување на неофицијалната химна на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ – „Девет Југовиќа“.

3. Групно демонстративно палење на бугарските пасоши од страна на сите членови на ВМРО-ДПМНЕ пред бугарската амбасада во Скопје.

4. Дислоцирање на споменикот на Симеон Радев од депото на музејот на „ВМРО“ и негово поставување на скопскиот плоштад каде што, според истражувањата на институтот „Павел Шатев“, гулабите најмногу серат.

5. Бришење на бугарскиот лав од партиското знаме на ВМРО-ДПМНЕ и претопување на четирите лава на мостот „Гоце Делчев“ во двоглави српско-албански орли (со маникирани нокти).

6. Снимање на 5 нови македонски филма за ѕверствата на бугарските окупатори во Балканските војни, во Првата светска војна, и во Втората светска војна.

7. Воведување на визи за сите граѓани на Република Бугарија, освен за оние што ќе се извинат за ѕверствата на бугарските окупатори. Давање на бесплатни македонски пасоши на сите кои ќе го декларираат својот засебен македонски идентитет, врз основа на македонско потекло.

8. Трансформирање на Универзална сала (божемски подарена од Бугарија) во Сала на српски турбо-фолк и лесковачки роштиљ „Цеца Ражњатовиќ“.

9. Поведување на судски постапки за заштита на авторски права во случај на пеење на македонски народни песни во Република Бугарија.

10. Целокупната пошта која ќе се адресира до „Бугарија“ ќе се препраќа во Република Татарстан.

11. Именување на Драган Павловиќ - Латас како амбасадор на Македонија во Софија.

12. Отворање на посебно одделение во Музејот на ВМРО за жртвите на бугарскиот врховизам.