Укинување на работата (2)

28.09.2009 12:45
botero-fernando-the-letter_528.jpg

За да се разбере во целост нашето постојано влошување на состојбата треба да се земе предвид и најраната состојба на човештвото, онаа без власт или приватна сопственост, времето кога сме лутале во собирачко-ловечки формации. Хобс нагаѓа дека животот тогаш бил безобѕирен, брутален и краток. Други, пак, претпоставуваат дека животот претставувал очајна и непростлива борба за преживување, војна започната против суровата Природа под сенката на смртта и катастрофата кои бдеат над несреќните, или над кој/а било недораснат/а на предизвикот на борбата за опстанок. Всушност, сето тоа претставува проекција на стравовите од колапс на владиниот авторитет над зедниците кои не се навикнати да живеат без него, како на пример Хобсовата Англија во времето на Граѓанската војна. Некои наследници на Хобс веќе се сретнаа со алтернативни форми на општества кои илустрираа поинакви начини на живот - особено во Северна Америка - но тие беа премногу далеку од нивните искуства за да бидат разбирливи. (Оние од пониските општествени слоеви, чии услови на живот се слични со оние на Индијанците, го разбираа тоа подобро и често го сметаа за привлечно. Во седумнаесеттиот век англиските доселеници дезертирале во индијанските племиња или пак, заробени во војна, одбивале да се вратат. Но, Индијанците не дезертираа во белите населби повеќе отколку што западните Германци го прерипуваа Берлинскиот Ѕид). Верзијата “опстанок на најспособните” на дарвинизмот, во толкување на Томас Хаклес, беше подобар опис на економските услови во Викторијанска Англија, отколку на природната селекција, токму како што покажа анархистот Кропоткин во неговата книга „Mutual Aid, A Factor of Evolution“. (Кропоткин беше научник – географ, кој ја искористи можноста за теренска работа за време на неговото прогонство во Сибир: тој знаеше што зборува.). Како и во случај со повеќето општествени и политички теории, приказната што Хобс и неговите наследници ја раскажуваат не е ништо повеќе од едвај прикриена автобиографија.

Антропологот Маршал Салинас, прегледувајќи ги податоците за тогашните собирачко-ловечки заедници, во својот напис насловен како „The Original Affluent Society” (Првобитно општество на благосостојбата) го уништи митот на Хобс. Тие работат многу помалку од нас, а нивната работа тешко може да се разграничи од она што ние го сметаме за игра. Салинас заклучува дека „собирачите и ловците работат помалку од нас; наместо постојан труд, потрагата по храна се одвива во интервали, слободно време има во изобилство, а има и поголем квантитет време потрошено на дневно спиење по член, во текот на целата година, отколку во кој било друг тип општество”.

Тие просечно работеле четири часа дневно, доколку таа активност воопшто може да се нарече „работа”. Нивната „работа”, онаква каква што ние ја поимаме, претставува специјализирана дејност која ги комбинира и користи нивните физички и интелектуални можности; простата физичка неспецијализирана работа во поголем обем, како што вели Салинас, е возможна само во рамките на индустријализмот. На овој начин е исполнета и дефиницијата за играта на Фридрих Шилер, односно единствениот случај во кој човекот ја остварува целосно својата човечност исполнувајќи ги со „игра” и двете страни од својата дводимензионална природа, мислењето и чувствувањето. Или, како што тој вели: „Животното работи кога сиромаштвото е двигател на неговата активност, а игра тогаш кога, како двигател се јавува неговата снага со целата своја бујност, тогаш кога изобилниот живот е неговиот сопствен стимул за активност”. (Модерната верзија - сомнително развиена - е спротивставена позиција на Абрахам Маслоу за ”немаштијата” и “растежот” како мотивација.) Играта и слободата се коегзистентни. Дури и Маркс, кој му припаѓа (и покрај своите добри намери) на пантеонот на Производството, забележува дека “царството на слободата не може да започне сè додека не се помине точката каде што работата се одвива под принуда на нужноста и надворешната корист”. Тој никогаш не можеше да се доведе во состојба да идентификува што всушност оваа среќна околност подразбира - укинување на работата; покрај сè, по малку е чудно да се биде истовремено и поборник на работниците и противник на работата - но ние можеме да го правиме тоа

Тежнеењето да се оди наназад или нанапред кон живот без работа е евидентно во секоја сериозна социјална или културна историја на пред-индустриска Европа. Таков е случајот и со книгите „England In Transition“на М. Дороти Џорџ и „Culture In Early modern Europe“ на Питер Бурк. Исто така значаен е и есејот на Даниел Бел, “Work and its Discontents”. Првиот текст, верувам, на многу места се однесува на “револтот против работата” и, доколку е разбран, е значајна корекција на самозадоволноста која обично се доведува во врска со првиот том во кој е собрана, „The End of Ideology“. Ниту критичарите ниту приврзаниците не успеаја да забележат дека тезата на Бел за крајот на идеологијата не го истакнува крајот на социјалниот немир туку почетокот на нов, досега незабележан стадиум на принудна и неинформирана идеологија. Сејмор Липсет (во „Political Man“), а не Бел, едновремено изјави дека „фундаменталните проблеми на Индустриската револуција се решени”, само неколку години пред пост - или мета-индустриските незадоволства на студентите да го одведат Липсет од Универзитетот Беркли во релативната (и привремена) спокојност на Харвард.

Како што Бел забележува, Адам Смит во „The Wealth of the Nations“, и покрај својот ентузијазам за пазарот и поделбата на трудот, бил повеќе загрижен (и поискрен) околу помалку атрактивната страна на работата од Asn Rand или Чикашките економисти или кој било од модерните следбеници на Смит. Како што Смит тврди: „Сфаќањата на поголемиот дел од луѓето се нужно формирани од нивните секојдневни вработувања. Човекот кој целиот свој живот го поминува во извршување на неколку едноставни функции...не е во можност квалитетно да влијае на своите сфаќања...Тој најчесто станува глуп и неук колку што само може да стане човечкото суштество”. Овде, во неколку прости зборови, се наоѓа мојата критика на работата. Бел, пишувајќи во 1956, Златното време на имбецилноста на Ајзенхауер и американското самозадоволство, ја препозна неорганизираната изнемоштеност на седумдесеттите, што оттогаш ниедна политичка струја не може да ја искористи, онаа препознаена во извештај на Министерството за здравство, образование и благосостојба „Work in America“, онаа што не може да се експлоатира и како таква е игнорирана. Тој проблем е револтот насочен против работата. Тој не се појавува во ниту еден текст на кој било laissez-faire - Милтон Фридман, Мурас Ротбарт, Ричард Поснер - бидејќи, според нивните термини, не може да се пресмета.

Ако овие забелешки, истакнати во име на слободата, не успеат да ги убедат хуманистите од утилитаристичката или дури патерналистичката страна, тогаш има други забелешки кои тие не може да ги занемарат. Работата е штетна по вашето здравје, да позајмам наслов од книга. Всушност, работата е масовно убиство или геноцид. Директно или индиректно, работата ќе ги убие повеќето луѓе кои ги читаат овие редови. Помеѓу 14000 и 15000 работници годишно умираат на работа. Преку два милиони се осакатуваат. Дваесет до дваесет и пет милиони се повредуваат секоја година. А овие бројки се базирани на многу конзервативна пресметка за тоа што се подразбира под повреда предизвикана од работа. Тука не ги сметаат и половината милион случаи на професионални заболувања секоја година. Прегледав еден медицински прирачник за професионални заболувања кој имаше 1200 страници. Дури и ова едвај да ја загребува површината. Достапните статистички податоци содржат очигледни случаи, како на пример оној со 100000 рудари кои имаат заболувања на црните дробови, од кои 4000 умираат секоја година. Многу поголем степен на смртност отколку оној на сидата, на пример, што добива толку многу внимание во медиумите. Ова ја истакнува неискажаната претпоставка дека сидата ги измачува перверзните луѓе кои можат да го контролираат своето отуѓување, додека копањето руда е сакросантска дејност надвор од какви било прашања. Она што статистичките податоци не го покажуваат е дека животниот тек на десетици милиони луѓе е скратен како последица на работата - што всушност претставува убиство. Погледнете ги докторите во своите педесетти години како замираат од прекумерна работа. Погледнете ги сите луѓе кои се зависни од работа.

Дури и ако не се случи да се убиете или осакатите додека навистина работите, тоа може многу веројатно да ви се случи додека одите на работа, се враќате од работа, барате работа, или се обидувате да заборавите на работата. Поголемиот број жртви на автомобилските несреќи се случуваат во време кога се извршуваат овие работно-задолжителни дејности или пак стануваат жртви на оние кои истите ги извршуваат. Кон оваа зголемена пресметка на трупови мора да се додадат и жртвите на авто-индустриското загадување, алкохолизмот и зависноста од дроги предизвикани како последица од работата. Ракот и срцевите заболувања се современи болести за кои обично може да се докаже потекнуваат директно или индиректно од работата.

Значи, работата како таква го институционализира убиството како начин на живот. Луѓето мислеа дека Камбоџијците се луди затоа што се уништуваа самите себеси, но дали сме ние поинакви? Режимот на Пол Пот барем имаше некаква, иако нејасна и замаглена визија за егалитарно општество. Ние убиваме луѓе во (најмалку) шестцифрени бројки со цел на преживеаните да им продаваме Бик Мек и кадилаци. Нашите 40 или педесет илјади несреќи на автопатите годишно се жртви, а не страдалници. Тие умираат за ништо, или подобро, тие умираат за работа. Но, за работа не вреди да се умре.

Лоши вести за либералите: регулираното и површно поправање на нештата е бесцелно во живот-и-смрт контекстот. Сојузната Агенција за безбедност и здравје беше создадена да внимава и да го контролира суштинскиот дел од проблемот: безбедноста на работното место. Дури и пред да ја задушат Реган и Врховниот суд, ОСХА беше обична фарса. Во претходните (и според сегашни стандарди) дарежливи и богати парични фондови од ерата на Картер, работното место можело да очекува случајна посета од страна на инспектор на ОСХА еднаш во 46 години.

Државната контрола на економијата не е решение. Работата е, ако не друго, повеќе опасна во државно-социјалистичките земји отколку овде. Илјадници руски работници загинаа или беа повредени работејќи на изградбата на московското метро. Одекнуваат приказни за прикриени советски нуклеарни катастрофи кои делуваат Times Beach и Three-Mile Island да изгледаат како училишна вежба во случај на воздушен напад. Од друга страна пак, дерегулацијата, сега популарна, нема да помогне и веројатно ќе предизвика штети. Од здравствена и безбедносна гледна точка, помеѓу другите, работата најлошо се рангираше во времето кога економијата беше најблизу до laissez-faire идеалот.

Историчарите како Eugene Genovese уверливо покажуваа дека - како што настојуваа апологетите на ропството - наемните работници во фабриките во Северна Америка и во Европа се во полоша состојба отколку робовите на Јужните плантажи. Се чини дека никакво преуредување на односите помеѓу бирократите и бизнисмените не прават значителна разлика во суштината на производството. Сериозните наметнувања дури и на нејасно одредените стандарди на ОСХА, во теорија применливи, веројатно би ја довеле економијата до застој. По сè изгледа, спроведувачите го увидуваат ова бидејќи не се ни трудат да ги гонат повеќето злосторници.

Ова што досега го кажав не треба да е контроверзно. На многу работници им е преку глава од работа. Високи и растечки се стапките на отсуство, менување работници, службеничка кражба и саботажа, ненадејни и неофицијални штрајкови и севкупното избегнување на работа. Можеби и има некакво движење кон свесно, а не само кон афективно одбивање на работата. А сепак, мислењето што преовладува, и кое е универзално, за шефовите и за нивните агенти, а исто така раширено и меѓу самите работниците, е дека самата работа е неизбежна и потребна.

Јас не се согласувам. Сега е можно да се укине работата и да се замени, до тој степен да служи за добри цели, со разновидност од нови видови на слободни дејности. Укинувањето на работата бара пристап од две насоки: квантитативна и квалитативна. Од едната страна, квантитативната, треба да извршиме големо намалување на количеството работа што се извршува. Повеќето работа што сега се извршува е бескорисна или полоша, и ние треба едноставно да се ослободиме од неа. Од другата страна пак - која мислам дека е суштината на проблемот и на новиот револуционерен курс - треба да ја задржиме корисната работа и да ја трансформираме во време поминато во разновидност на угодни и задоволувачки активности налик на игри и умеења, мајсторисувања, нераздвојни од другите пријатно потрошени часови, со таа разлика што тие активности даваат крајни корисни продукти. Се разбира, тоа не треба да ги направи помалку заводливи и соблазнителни. Тогаш сите вештачки бариери на моќта и сопственоста би можеле да се срушат. Создавањето би можело да стане рекреација, а и сите ние би можеле да престанеме да се плашиме еден/а од друг/а.

На овој начин не сугерирам дека поголемиот дел од работата би можел да се сочува. Од друга страна, повеќето работа и не вреди да се сочува. Единствено мал и незначителен дел од работата служи за корисни цели, независни од заштитата на репродукцијата на работниот систем и неговите политички и легални привезоци. Пред дваесет години, Пол и Персивал Гудман пресметаа дека само пет проценти од работата што тогаш се извршувала - оваа бројка, доколку е точна, денес е уште помала - би ги задоволила нашите минимални потреби за храна, облека и засолниште. Нивната пресметка беше само едукативна претпоставка, но главната поента е сосема јасна: директно или индиректно, повеќето работа им служи на непродуктивните цели на трговијата, прометот и општествената контрола. Веднаш и без ничија помош можеме да ослободиме десетици милиони продавачи, војници, менаџери, цајкани, берзански брокери, службеници, банкари, адвокати, наставници, стопани, чувари и сите оние кои работат за нив. Постои и зголемувачко дејство бидејќи секогаш кога ќе деактивирате, оставите без работа некоја голема ѕверка, ги ослободувате и нејзините додворувачи и потчинети. На овој начин економијата се распукнува.

Четириесет проценти од работната сила се административни и чиновнички работници, од кои повеќето ги извршуваат наједноличните, најдосадните и најидиотските работи кога било измислени. Цели индустрии, компании за осигурување, недвижнини и банки на пример, се состојат од ништо друго освен бесцелно разместување на документи. Не е случајно што “терцијарниот сектор” (услужниот сектор), расте додека “секундарниот сектор” (индустријата) стагнира, а “примарниот сектор” (земјоделството) речиси исчезнува. Бидејќи работата е непотребна освен за оние на кои им ја обезбедува моќта, работниците се преместуваат од релативно корисни занимања на релативно бескорисни занимања како мерка чија цел е да се зачува општествениот поредок. Сè е подобро од ништо. Затоа и не можеш да си одиш дома само поради тоа што си завршил/а порано. Тие го сакаат твоето време, доволно за да те направат нивен/а, дури и ако повеќето од тоа време не им користи. Ако беше поинаку, зошто просечната работна недела не се намали за повеќе од неколку минути во последниве педесет години?

Како следно, можеме суштински да ја расцепиме самата производствена дејност. Да нема веќе воено производство, нуклеарна енергија, нездрава храна, женски хигиенски деодоранси - и пред сè, да не постои автоиндустрија. Повремено би можел да излезе некој Стенли Стимер или Модел-Т, но автоеротизмот од кој зависат расипничките дувла како Детроит и Лос Анџелес не доаѓа предвид. Дури и без да се обидуваме,веќе вистински го имаме решено проблемот со енергетската криза, проблемот со природната средина и ги имаме сортирано останатите нерешливи социјални проблеми.

Конечно, мораме да се ослободиме од далеку најраспространетото занимање, она со најголем број работни часови, со најмала плата и со некои од најздодевните и наједнолични задачи. Укажувам на домаќинките и нивната домаќинска работа и одгледување деца. Со укинување на наемната работа (wage-labour) и постигнувањето целосна невработеност ја поткопуваме половата поделба на работата. Како што знаеме, нуклеусното семејство е неизбежна адаптација кон поделбата на работата наметната од современата наемна работа. Како што работите беа поставени во последниве еден или два века, сакале или не, економски е рационално мажот дома да ја носи заработувачката, жената да ги извршува валканите работи и во бесчувствителниот свет да обезбедува рај за мажот, а децата да бидат одведени во концентрациони логори за млади наречени “училишта”, првенствено за да не и’ се мешаат на мама во фризурата, а истовремено да бидат под контрола, а воедно и да ги здобиваат навиките на послушност и точност, толку потребни за работниците. Ако би можеле да бидете ослободени од патријархалноста, ослободете се од нуклеусното семејство чија неплатена „работа во сенка”, како што вели Иван Илич, го прави возможен работниот систем кој пак ја прави неа потребна. Тесно поврзано со оваа без-нуклеус стратегија е укинувањето на детството и затворањето на училиштата. Во оваа земја има повеќе редовни ученици отколку работници со целосно работно време. Нам ни требаат децата како учители, а не како ученици. Тие имаат многу што да придодадат кон лудистичката револуција, бидејќи тие во играњето се подобри од возрасните. Возрасните и децата не се еднакви, но тие ќе станат еднакви преку заемна зависност. Единствено играта може да го надмине генерацискиот јаз.

Досега дури не ја ни спомнав можноста за намалување на незначителното количество работа кое преостанува со нејзината автоматизација и кибернизација. Сите научници, инженери и техничари ослободени од грижите околу воените истражувања и предвидените застарувања би имале многу време за смислување начини за елиминирање на заморот, едноличноста и опасноста од дејности како што е рударството. Несомнено ќе пронајдат нови проекти со кои ќе се забавуваат. Можеби ќе постават светски мултимедијален комуникациски систем во кој ќе бидат вклучени сите или пак ќе основаат вселенски колонии. Можеби. Јас лично не лудувам по апарати и не ме интересира живот во рај на копчиња за притискање. Не сакам роботи, робови кои прават сè. Јас сакам самиот да ги правам и извршувам работите. Мислам дека постои место за технологија која ќе ја намалува работата, но сосем скромно место. Историските и предисториските записи не се многу охрабрувачки. Кога производствената технологија премина од собирачко-ловечка во земјоделска, а понатаму во индустриска, работата се зголеми додека умешноста и самоопределувањето исчезнаа. Понатамошната еволуција на индустријализмот го истакна она што Хари Брејвермен го нарече деградација на работата. Интелигентните и остроумни набљудувачи секогаш беа свесни за ова. Џон Стујард Мил забележува дека сите пронајдоци наменети за намалување на времето на работа не заштедија ни момент од работата. Карлс Маркс забележува дека “би било можно да се напише историја на пронајдоците, направени од 1830, со единствена причина на снабдување на капиталот, со оружја против негодувањата на работничката класа”. Технофилските ентузијасти – Сен Симон, Ленин, Б. Ф. Скинер - исто така отсекогаш биле незасрамени авторитативци; или поинаку кажано, технократи. Би требало да бидеме повеќе од скептични во однос на ветувањата што ни ги даваат компјутерските мистици. Тие работат како кучиња, а веројатно е дека ако биде по нивно, ќе мораме и сите ние останати да го прифатиме тоа. Но, ако нудат некои посебни придонеси кои без тешкотии би се подредиле на човековите цели наместо претекнување поради висока технологија, ајде да ги слушнеме.

Она што навистина сакам да го видам е претворање на работата во игра. Првиот чекор е отфрлување на поимите: „работа” и „занимање”. Дури и активностите кои веќе имаат некаква лудистичка содржина го губат поголемиот дел од неа, бидејќи се сведуваат на службена работа која одредени луѓе и само тие луѓе се присилени да ја извршуваат исклучувајќи сè друго. Нели е чудно што земјоделските работници напорно се измачуваат во полињата додека нивните климатизирани господари одат дома секој викенд и се врткаат околу нивните градини? Во систем на постојано уживање, ќе бидеме сведоци на Златното доба на дилетанството кое ќе ја посрамоти Ренесансата. Веќе нема да има работи и занимања, туку само нешта што може да се прават и луѓе кои ќе ги прават.

Тајната за претворање на работата во игра, како што докажува Шарл Фурие, се наоѓа во организирањето на корисни активности, извлекувајќи корист од што било што различните поединци во различни времиња сакаат да направат. За да им се овозможи на поединците да прават работи што би сакале да ги прават, доволно е да се елиминираат ирационалностите и деформациите кои ги поткопуваат тие активности во моментот кога тие се сведуваат на работа. На пример, би сакал да се активирам малку (но не премногу) на полето на наставата, но не сакам да имам авторитативен однос со учениците и не сакам да му се умилкувам на некој патетичен ситничар за да добијам работа.

Потоа има активности кои луѓето сакаат да ги прават одвреме-навреме, но не предолго и сигурно не засекогаш. Може да биде забавно неколку часови да бидеш бебиситерка, што овозможува дружење со деца, но не толку долго колку родителите. Родителите пак на тој начин длабоко го ценат времето кое можат да си го посветат себеси, а го здобиле на тој начин, иако стануваат загрижени ако предолго се далеку од своите деца. Овие разлики меѓу поединците го овозможуваат животот на слободната игра. Истиот принцип може да се аплицира и на многу други полиња на активност, а пред сè на оние од примарен карактер. Така на пример, многу луѓе се забавуваат и уживаат да готват кога тоа можат да го прават од задоволство, но не и кога поради работа мораат да хранат човечки тела.

И трето - но не и помалку важно - некои активности кои се непријатни кога се извршуваат во осаменост или непријатен амбиент, или поради наредбите на господарот, стануваат угодни, барем на некое време, кога таквите услови ќе се изменат. Ова е веројатно вистинито, до некоја мера, за сите активности. Луѓето можат да ја вложат својата вештина, која инаку се расфрла, во претворање во игра на не баш примамливите физички работи. Активностите кои ги интересираат одредени луѓе не секогаш ги интересираат сите; но сите, барем потенцијално, поседуваат една разновидност на интереси и одреден интерес во разновидноста. Како што изреката вели “едно нешто еднаш“. Фуриа беше крал за шпекулирање како изопачените и настрани склоности би можеле да се искористат во пост-цивилизациското општество, она што тој го нарекуваше Хармонија. Тој мислеше дека императорот Нерон би се променил на добро, ако како дете би можел да ја задоволи својата склоност кон крвопролевање работејќи во кланица. Малите деца кои уживаат да се валкаат во прашина би можеле да се организираат во “Мали хорди” кои ќе ги чистат тоалетите и ќе го собираат ѓубрето, доделувајќи им медали на истакнатите. Јас не ги докажувам овие примери, туку го докажувам истакнатиот принцип кој мислам дека има совршена смисла како една од димензиите на целосната револуционерна трансформација. Имајте предвид дека денешната работа не мора да ја прифатиме таква каква што е и да ја споредиме со правите луѓе, од кои некои сигурно ќе бидат изопачени. Ако технологијата има улога во ова, тогаш полесно е работата автоматски да ја исфрлиме од постоење отколку да пронаоѓаме нови царства за ре/креација. До некоја мера можеби и ќе сакаме да му се вратиме на занаетчиството и на рачната работа, кои Вилијам Морис ги сметаше за можни и пожелни резултати на комунистичката револуција. Уметноста ќе биде повратена назад од снобовите и колекционерите, укината како специјализиран оддел за задоволување на елитната ауденција, а нејзините квалитети на убавина и креација реставрирани во интегралниот живот од кој и беа украдени од страна на работата. Отрезнувачка е мислата дека античките урни за кои пишуваме оди и организираме изложби во музеите, во своето време се користеле за чување маслиново масло. Се сомневам дека нашите секојдневни артефакти ќе успеат исто така добро во иднина, ако воопшто ја има. Поентата е што не постои такво нешто како прогрес во светот на работата; ако воопшто има тогаш е спротивното. Не треба да се двоумиме да крадеме од минатото што има да ни понуди; античките народи не губат ништо, а ние се богатиме.

Повторното изумување на секојдневниот живот значи одење преку рабовите на нашите мапи. А на тоа поле постои една идеолошка струја многу посугестивна отколку што тоа многумина може да си го замислат. Освен Фурие и Моприс - и понекогаш некои алузии кај Маркс - постојат делата на Кропоткин, анархосиндикалистите Пото и Пуже, старите анархокомунисти (Беркман) и новите (Букинг), потоа браќата Гудман, па ситуационистите, како Ванегем и антологијата на ситуационистичката интернационала - колку се јасни толку се и развеселувачки, иако никогаш потполно не ја надминуваат трајната контрадикција на подржување од една страна на работничките совети, а од друга укинувањето на работата. Подобро нивната нескладност отколку која било постоечка верзија на левицата, чии приврзаници очекуваат да бидат конечните шампиони на работата, бидејќи ако немаше работа немаше да има ни работници, а без работници, кого ќе организира левицата?

Значи, аболиционистите во голема мера ќе бидат оставени сами на себе. Никој не може да предвиди што ќе се случи кога ќе се ослободи креативната моќ обезвреднета и обесмислена од работата. Сè може да се случи. Досадниот проблем на дебатата за слободата наспроти нужноста, со својот теолошки призвук, самиот ќе се реши тогаш кога производството на употребните вредности ќе стане коегзистентно со потрошувачката на прекрасните игриви активности.

Животот ќе стане игра, или подобро речено многубројни игри, но не како што се случува сега - игра која дава резултат нула. Одличното меѓусебно разбирање во сексот е пример на продуктивна игра. Оние кои учествуваат во таа игра заемно придонесуваат за задоволството, нема никакво бодување, секој е победник. Повеќе даваш, повеќе добиваш. Во лудистичкиот живот најдоброто од сексот ќе биде вклопено во најдобриот дел од секојдневниот живот. Сеопштата игра доведува до еротизација на животот. Сексот пак може да стане помалку итен и очаен, а повеќе разигран. Ако добро ги одиграме нашите карти можеме од животот да земеме многу повеќе отколку што вложуваме, но само ако навистина играме.

Би требало никој никогаш да не работи. Работници од сите земји... одморете се!


Слики: Фернандо Ботеро

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото