Не во наше име!

29.12.2012 12:21
Не во наше име!

Последните случувања поврзани со подмолното и скандалозното усвојување на Буџетот за 2013 година создадоа необични тензии во нашата држава, сериозно повредувајќи го интегритетот на демократските институции, слободното изразување и претставување на граѓаните. Неодговорното и арогантно однесување на владината коалиција може да создаде непоправлива штета за општественото ткиво, поттикнувајќи спирала на бес, омраза и насилство. Сведоци сме на веќе видени сценарија, што ни дава за право да се плашиме од можните исходи. Да не заборавиме – сите големи општествени прекршувања во овој регион започнаа со повреда на доброто финансиско владеење. Навлегувањето на режимот на Милошевиќ во сојузните резерви на поранешна Југославија, како и пирамидалните штедилници во Албанија и безбројните финансиски манипулации, се примери кои нè потсетуваат дека секој пат кога управата ја заменува економијата со манипулација, епилогот е неизбежен – кршење на сите општествени принципи и чекорење кон бездна!

Не постојат ветувања или фрази за европска ориентација, со кои може да се скрие денешниот пораз за демократијата. Бруталната повреда на буџетската постапка, насилното отстранување на новинарите и поттикнувањето на уличен конфликт се чекор назад во развојот на државата, притоа создавајќи состојби кои се невидени во независна Македонија. Аплаузот на присутните пратениците во Собранието по усвојувањето на Буџетот претставува оправдување на насилството врз граѓаните, колегите-пратеници и новинарите, кои за прв пат искажаа храброст за сериозно противење на владиното едноумие.

Нелегитимната и насилната постапка на контроверзниот проект „Скопје 2014“ сега е воздигната на институционално ниво. Денешните настани беа застрашувачка комбинација на инцидентите од Собранието во 2007 година и на диригираната тепачка на плоштадот Македонија во март 2009 година. Никој нема да остане безбеден по грдата повреда на демократските процедури и никој нема да остане недопрен од енормните трошоци на нетранспарентниот и лудиот проект „Скопје 2014“.

Однесувањето на владината коалиција нè обврзува нас како Албанци, граѓани – но во прв ред како даночни обврзници на оваа држава – да истакнеме дека досегашното молчење не е оправдување, како и да потсетиме дека албанското општество во оваа држава е пошироко и поразновидно од политичките партии. Со поддржувањето на буџетот што дискриминира, се чини дека претставниците на ДУИ заборавија дека оваа одлуката го повредува не само нивното малцинско гласачко тело, туку и сите Албанци-даночни обврзници во оваа држава, без разлика на партиската определеност или социјална положба. Дотолку повеќе, со своите насилни гласови и преку активното, доброволното и неделивото учество во политиката која ги понижува, дискриминира и изолира албанците во Македонија, ДУИ го легитимираше проектот „Скопје 2014“ кој е дискриминаторски и создава поделби.

Во исто време, апсурдното молчење на Демократската партија на Албанците нè мотивира да се сомневаме во согласувањето на нивните остри зборови со воздржувањето од фактичко опозициско однесување, со што би се оправдало само-фалењето на водачот на оваа партија како лидер на албанската опоцизија. Оттука, се поставува прашањето – чија опозиција се, на народот или владетелот?

Со активното поддржување на ДУИ и масовната согласност на ДПА кон нивниот сегашен и поранешен партнер, г. Никола Груевски, се поставува прашањето, дали албанците во Македонија се претставени како етничка група – воопшто, како граѓани? Да не се залажуваме, соочени со изборот меѓу интересот на албанскиот народ и тесно-партиските интереси, албанските лидери го избраа г. Груевски.

Оттука, преку ова писмо, ние долупотпишаните изјавуваме дека согледувајќи ја денешната неправда, свесни за недостигот на задоволителен албански медиумски простор во Македонија, како и за ниското ниво на легитимно политичко претставување на албанците во Македонија, се дистанцираме од:

- Албанските пратеници кои беа присутни на седницата на која беа изгласани буџетот и останатите правни акти на наведениот начин;
- Албанските претставници во Владата, кои гласаа за суспендирање на правната држава;
- Сите албански политички претставници, на власт или опозиција, кои преку пасивното однесување и молчење помогнаа во инсталирањето на насилство и ограничување на слободата на изразување и информирање.

Со оглед на истакнатото, имаме одговорност, национална и човечка обврска да истакнеме: НЕ ВО НАШЕ ИМЕ!

На крај, ја повикуваме меѓународната заедница, особено нејзиниот дел во Скопје, да ги оправдаат нивните прокламирани ставови за вредностите на парламентарна демократија, слобода на изразување, одговорно владеење и борба против корупцијата, со конкретни дела. Колку и да изгледа минорно – секое избегнување од овие принципи ја поддржува поразителната политиката за „смирување“, на грб на иднината на државата.

Декларацијата е потпишана од Арсим Зеколи, Фејзи Хајдари, Беким Имери, Едмонд Адеми, Елида Зулбеари, Ениса Мурсели – Ѓокај, Ѓакуш Кабаши, Муја Златку, Орхан Цека, Рамадан Рамадани и Семи Мехмети.

Слики: Павел Кужински

Извор: plusinfo.mk