
Кога човек ќе умре и кога земното тело ќе почне да се распаѓа, се ослободува силен зрак енергија. Енергија се ослободува секогаш кога нешто се претвора во својата спротивност, на пример кога љубовта се претвора во омраза. На таквите, крајни точки, секогаш нешто заискрува. Но, кога животот се претвора во смрт, тоа се најоддалечените од сите крајни точки. Така, непосредно по смртта, тие искри се навистина величествени. Навистина чудесни, и експлозивни.
Сум видела лешови кои сјаеле како ѕвезди. Не познавам никој друг кој видел такво нешто. Сепак, речиси секој чувствува нешто, некоја животна сила. Оттаму и отпорот кон кремирање или кон пресадување телесни органи. „Сакам цел да останам”, велат луѓето. Дури и Мет, кој тврдеше дека душата и задгробниот живот не постојат, во пост-скриптумот на прошталната порака, што ја остави кога се уби, напиша дека сака да биде погребан цел, негибнат.
Како тоа воопшто да ќе влијаело на енергијата која се ослободува. Што и да направиш - да расечеш месо, сè да распарчиш, да запалиш - си застанал на патот на една сила која далеку го надминува твојот малецок отпор.
Пораснав во пристојно, нормално, среќно семејство, во близината на едно гратче во Њу Џерси. Родителите и брат ми сè уште живеат таму. Татко ми имаше цвеќарница. Таа сега му припаѓа на брат ми. Брат ми е три години постар од мене - тој е сериозен, воздржан човек. Кога се појавив на вести, ме викна да ми каже дека ќе ми даде пари, ако ми требаат за адвокат. Тоа навистина ме трогна. Особено затоа што тука беше и неговата жена, Керол. Таа го грабна другиот телефон и се развреска: „Ти си болна! Треба некој да те пикне во лудница!”
Тоа сакаше да ми го каже уште кога имав тринаесет години.
Во тоа време имав гробишта со животни. Куќата ни беше покрај шума и имавме три мачки што живееја надвор, беа одлични ловци, а пленот обично не го распарчуваа туку го оставаа цел. Кога ќе пронајдев некој леш, обично некоја птица или глушец, ќе го однесев во мојата соба и таму го криев до полноќ.
Ништо не знаев за ритуалното значење на полноќниот час. Ги погребував во тој период од ноќта зашто тогаш се будев. Тоа веќе не ми се случува, но бев толку осетливо дете што верувам дека сигурно ме поттикнувала енергијата што се ослободува кога денот преминува во мртвилото на ноќта и, исто така, кога мртвилото на ноќта преминува во следниот ден.
Во секој случај, тогаш секогаш бев сосема будна. Станував и одев во бањата за да го завиткам лешот во тоалетна хартија. Чувствував дека е нужно да постапувам внимателно, со почит. Со шепот потпевнував некој напев.
Потпевнував во текот на целиот погребен ритуал. „Го покривам ова тело, го покривам ова тело, го покривам малиот врабец со скршено крило.” Или: „Го предавам ова тело, го предавам ова тело...” И така натаму.
Додека се искрадував низ прозорецот од бањата, си потпевнував: „И’ се предавам на ноќта, стапувам во ноќта...” На своите гробишта телата ги положував на посебен, рамен камен, и ја соблекував пижамата. Постапував така без никакво предомислување. Ќе ископав четири или пет гроба и ќе го тргнев платното од животните. Мирисот на гниеж ми беше особено важен. Исто како и свежината на воздухот. Обично, во тие мигови веќе толку многу бев возбудена што почнував да танцувам.
Подоцна, на таков начин танцував и за мртвите луѓе. Пред да се качам врз нив, танцував низ целата мртовечница. Кога тоа му го раскажав на Мет, ми рече дека така ја исфрлам личноста од своето тело, за да го засилам чувството на учествување во зрачењето на енергијата од мртвото тело.
„Се обидуваш да го имитираш процесот на распаѓање”, ми рече.
Можеби - несвесно. Бев, меѓутоа, свесна за врелината, за врелината на своето разиграно тело, коешто го разладував така што ќе легнев преку лешот. Додека бев мала, нежно ја триев својата кожа од животните што ги одвиткував од платното. Кога целата ќе замирисав на нив, ќе ги тргнев настрана и ќе одвиткав нови, повторно правејќи го истото. Тоа го нарекував „миропомазание”. Не можам да опишам како се чувствував тогаш. Бев целосно восхитена. Низ мене фрчеше електрицитет.
Потоа повторно ќе ги завиткав мртвите животни во платно и ќе ги погребев, ништо особено.
Сега, кога ќе помислам колку сум била наивна, се стаписувам. Мислев дека сум открила нешто што другите, кога само би смееле да пробаат, исто така ќе го сметаат за фантастично. Тоа беше нешто мрачно и забрането - слично како и сексот. Ни на крај памет не ми беше дека на тој начин во однесувањето прерипувам преку една огромна провалија. И, сè уште не гледам што е тука грешно, вклучувајќи го и она што се случи со Мет. Керол вели дека треба да ме затворат, но јас не изгледам лошо, па би сакала да знам кој е жртвата, ако злосторство е тоа што им го нудам своето тело на мртвите.
Керол секогаш ми била љубоморна. Таа е дебела и разрока. Разрокоста и’ дава некој сонлив, замислен изглед, во кој се вљубив (како што потоа, претпоставувам, се вљуби и мојот брат) еден ден, на прославата на тринаесеттиот роденден на еден наш пријател. Летниот одмор само што беше започнал, а јас копнеев по сродна душа, по некој со кој ќе го споделев својот таен живот. Ја забележав Керол како стои сама и како гледа одеднаш на сите страни, и ја избрав токму неа.
Се разбира, знаев дека не треба да брзам, дека не треба да навалувам. Трагавме по мртви животни и птици, потпевнувавме и ги обвивавме во платна, копавме гробови и правевме крстови од стапчиња за лижавчиња. Сето тоа по ден. На полноќ излегував, ги откопував гробовите и го изведував закопот по сите прописи.
Тие години веројатно имаше некоја зараза меѓу вервериците. Керол и јас најдовме ужасно многу верверици, а на многу од нив немаше ниту крв ниту пак други знаци што би можеле да значат дека се убиени од мачка. Еден ден пронајдовме верверица од која, кога ја подигнав, излегоа неколку фетуси. Тие фетуси сè уште беа живи, но не можевме да ги спасиме, па ги однесов дома и ги фрлив во клозетската шолја.
Чувствував дека од мајката верверица доаѓа огромна сила, како од нејзината енергија да се ослободува целата енергија на нејзиниот мртов пород. Кога Керол и јас почнавме да танцуваме за неа, на двете разумот ни се помрачи. Се слековме по долна облека, врескавме, се вртевме во круг, го фрлавме сметот во воздух. Керол сега тоа не го признава, но тогаш го соблече градникот и почна да ги шиба дрвата. Убедена сум дека таа глетка ме инспирира да ги соблечам и поткошулата и гаќичките и да го изведам „миропомазанието”.
Керол престана со танцот. Ја погледнав, а од изразот на нејзиното лице престанав и јас да играм. Ја погледнав верверицата што ја држев во рака. Беше крвава. По целото тело имав крвави траги. Ме обзема ужас. Помислив дека премногу сум ја стегнала.
Всушност, бев добила менструација. Тоа го сфатив неколку минути откако Керол побегна. Ја завиткав верверицата во платно и ја закопав. Потоа се облеков и легнав на тревата. Малку подоцна, дојде мајка ми и застана над мене.
„Ми телефонираше мајка и’ на Керол”, рече. „Керол е многу вознемирена. Вели дека си ја натерала да играте некаков вештерски танц. Си ја натерала да се соблече и си ја нападнала со крвава верверица.”
„Лаже”, реков. „Добив менструација.”
Откако наместо влошка ми стави тоалетна хартија, ми рече дека не треба веќе да си играм со Керол. „Нејзе и’ фали некоја даска”, рече.
Немав намера да си играм веќе со Керол, но плачев затоа што тоа ми се чинеше како голема загуба. Мислам дека знаев оти од тогаш ќе бидам сосем осамена. Иако имав само тринаесет години, ги раскинував сите врски што водат кон нормален еротизам. Симпатии, вљубувања, интимност на пижама-журки - се одреков од сето тоа.
Некаде околу еден месец откако откако станав жена ми се јави страст за изведување аутопсии. Речиси цела година и’ се опирав. Таквото насилство над негибнатите животни ми се чинеше опасно. Исто така и незамисливо - не можев да замислам што ќе се случи.
Ништо. Ништо не се случуваше, тоа го открив. Читав дека некрофиличарите се плашат да не бидат повредени во нормалните сексуални односи, и можеби во тоа има и некаква вистина (иако лешовите многупати ми го имаат скршено срцето, а живите луѓе ниту еднаш), но мислам дека причина за привлечноста што за мене ја имаат лешовите не е стравот, туку возбудувањето, а едно од највозбудливите нешта кај лешовите е нивната посветеност на умирањето.
Нивната волја е целосно насочена во една насока, како некој голем бран кој се тркала кон брегот, па на него може да се јава, но што и да направи човекот со него, го јавне или не, тој ќе стигне до плажата.
Таа сила за првпат ја сетив кога собрав храброст да расечам еден глушец. Како што би му било и на секој друг, ми беше одвратно да го засечам месото и неколку мига чувствував мачнина кога ги видов внатрешните органи. Но, нешто ме гонеше да ги отфрлам сите скрупули. Како да работев единствено по инстинкт и од љубопитност; сè што не ми претставуваше смртна опасност беше во ред.
После првите неколку аутопсии, почнав да го буткам јазикот во внатрешноста, низ расекот. Не знам зошто. Размислував за тоа, го правев тоа, и продолжував да го правам и понатаму. Еден ден ги извадив внатрешните органи, ги измив со вода и ги вратив назад, па продолжив и тоа да го правам понатаму. Повторно, не би можела да кажам од кои причини, освен заради тоа што човека секоја провокативна мисла, ако постапи според неа, го исфрла на одреден пат.
Уште како шеснаесетгодишно девојче сакав човечки лешови. Лешови на мажи. (Значи, не сум лезбејка.) Иако веќе имав возачка дозвола, морав да го дочекам завршувањето на средното училиште, кога господин Волис ме вработи како возач на погребно возило.
Господин Волис ме познаваше, бидејќи цвеќето за погребите го купуваше кај татко ми. Тој навистина беше малку швркнат човек. Земаше трокар, тоа е онаа голема
игла со која од телото на мртвиот човек се вадат течностите, го набиваше во пенисот на мртвите мажи, така да изгледаат како да имаат полуерекција, и тогаш ги содомизираше. Еднаш го фатив додека го правеше тоа, а тој се обиде да ме убеди како сакал да мокри во садот за собирање течност. Се правев дека му верувам, а всушност се нервирав бидејќи знаев дека мртвите за него се само месо. Прво ќе се заклучаше, сам со лешот на некој млад маж, и му правеше сè што ќе му паднеше на памет, а веднаш потоа ќе го балсамираше како ништо да не се беше случило, и одвратно се шегуваше на негова сметка, преправајќи се дека наоѓа несомнени докази за неговата хомосексуалност - исушен слој на семе во дебелото црево, и така натаму.
Такви шеги пред мене не правеше. За сето тоа ми раскажуваше еден луд старец кој таму ги чистеше подовите. Речиси сум сигурна дека и тој е некрофиличар, но тогаш веќе не беше активен. Мртвите жени ги нарекуваше „мадони”. Нашироко зборуваше за преубавите мадони кои со уживање ги гледал во четириесеттите, за тоа како тогаш мадоните биле многу поженствени и попривлечни.
Јас само слушав. Никогаш не покажував што чувствувам, и не верував дека некој можеше да се посомнева во нешто. Од некрофиличарите не се очекува да бидат русокоси и убави, а згора на сè да му припаѓаат на женскиот пол. Кога веќе речиси цела година работев во погребниот завод, една комисија од градското собрание се обиде да ме убеди да учествувам во „Салонот за убавина на производителите на млеко”. Знаеја со која работа се занимавам и знаеја дека навечер го проучувам балсамирањето, но јас зборував дека на тој начин се подготвувам за студиите по медицина, па така можеби ми поверуваа и во општината.
Иако поминаа веќе петнаесет години откако умре Мет, луѓето ме прашуваат како тоа една жена може да води љубов со леш.
Мет е единствениот кој можеше тоа да го сфати. Студираше медицина, па знаеше дека со притисок врз градите на некои лешови можеше да се предизвика крвавење од устата.
Мет беше паметен. Би сакала да можев да го сакам повеќе отколку само со сестринска љубов. Беше висок и виток. Мој тип. Се сретнавме во пекарницата наспроти библиотеката на Медицинскиот факултет, почнавме разговор и веднаш си се бендисавме, што и на двајцата ни беше прво искуство од таков вид. Еден саат подоцна знаев дека ме сака и дека неговата љубов е безусловна. Кога му реков каде работам и што проучувам, ме праша зошто.
„Затоа што сум некрофиличарка”, реков.
Ја поткрена главата и се заѕвери во мене. Очите му беа како монитори со висока резолуција. Речиси премногу живи. Обично не сакам да ги гледам луѓето во очи, но тогаш му го возвратив погледот. Видов дека ми верува.
„Ова никогаш никому не сум го кажала”, му реков.
„Со мажи или со жени?”, праша.
„Со мажи. Млади.”
„Како?”
„Кунилингус.”
„Со свежи лешови?”
„Ако можам да дојдам до нив.”
„Што правиш, се качуваш врз нив?”
„Да.”
„Се палиш на крв.”
„Таа е лубрикант”, реков.
„Живописна е - ме стимулира. Тоа е основната телесна течност.”
„Да”, рече, кимнувајќи со главата. „Кога подобро ќе размислам за тоа, спермата го продолжува животот, но крвта го одржува. Крвта е главна.”
Прашуваше уште, а јас му давав што е можно попрецизни одговори. Кога веќе ја признав својата природа, посакав да ја ставам на проба неговата интелектуална цврстина и снагата на љубовта на прв поглед. Како кога би го гаѓала со камења, не очекувајќи и понатаму да стои мирно, исправено. Но, остана мирен и исправен. Сè издржа, и бараше уште. Тоа почна да ме возбудува.
Отидовме кај него. Имаше стан во сутеренот на една стара зграда. Рафтовите со портокалова боја беа преполни со книги, книги лежеа на подот во купчиња, ги имаше и на креветот. На ѕидот над неговата работна маса беше закачен постер на Дорис Деј, од филмот Чај за двајца. Мет рече дека личам на неа.
„Сакаш прво да играш?” - праша, додека му приоѓаше на грамофонот. Му бев рекла дека играм секогаш пред да се качам на лешот.
„Не.”
Ги фрли книгите од креветот. Потоа ме соблече. Имаше ерекција, сè додека не му кажав дека сум девица. „Не грижи се”, рече, додека главата му лизгаше по мојот стомак. „Лежи мирно.”
Следното утро ми телефонираше на работа. Бев мамурна и тажна од претходната ноќ. Од кај него бев отишла право во погребниот завод, и водев љубов со еден леш над кој аутопсијата беше во тек. Потоа се опијанив во една селска кафеана, размислувајќи дали да се вратам во погребниот завод, да ја пуштам крвта да ми истекува од телото сè додека не се онесвестам.
Тогаш конечно сфатив дека не сум способна да се вљубам во човек што не е мртов. „Јас не сум нормална”, повторував во себе. Порано никогаш не се бев соочила со тоа. Очигледно дека не е нормално да се води љубов со лешови, но додека бев девица мислев дека би можела да престанам со тоа кога ќе посакам. Да се омажам, да родам деца. Изгледа дека се надевав на иднина каква што, всушност, ниту посакував ниту пак ми беше достапна.
Мет ми телефонираше затоа што сакаше после работа да дојдам повторно кај него.
„Не знам”, реков.
„Ти беше убаво. Зарем не?”
„Ми беше, веројатно.”
„Ме маѓепсуваш” , рече.
Воздивнав.
„Те молам”, рече. „Те молам.”
Една вечер, неколку дена подоцна, отидов во неговиот стан. Почнавме да се гледаме секој вторник и четврток навечер, после моите часови по балсамирање, и штом ќе излезев од кај него, ако знаев дека во мртовечницата лежи некое тело - тело на каков било маж, стар или млад - одев право таму и се провлекував низ подрумскиот прозорец.
Влегувањето во собата за препарација, особено навечер, кога нема никого, беше како нурнување во некое езеро. Одненадеж е студено и тивко, и човек се чувствува како да стапува во некој нов елемент, каде што правилата од другите елементи не важат. Со Мет се чувствував као да лежам на брегот од некое езеро. Имаше топла, сува кожа. Во неговиот стан беше претопло и бучно. Лежев на неговиот кревет и го влажнев со потта, но само заради тоа што така моментот на влегување во салата за препарација можеше да ми пружи уште посилно доживување.
Ако лешот беше тукушто балсамиран, обично го намирисував уште во подрумот. Тој мирис потсетува на болница и на застоено сирење. Мене тоа ми мирисаше на опасност и на пречекорување на забрана, па бев надразнета како да сум земала амфетамини, и уште на патот до собата за препарација трпки почнуваа да ми поминуваат низ телото. Ја заклучував вратата и започнував со својот див танц, ја кинев целата облека, се вртев во круг, ја корнев косата. Не сум сигурна зошто го правев сето тоа - дали навистина сакав да станам дел од хаосот во кој лешот се претвора со своето распаѓање, како што мислеше Мет. Можеби на тој начин се истоштував, не знам.
Кога ќе завршев со танцот бев многу смирена, речиси како во транс. Го тргав чаршафот. Тоа беше посебен миг. Чувствував како одненадеж да ме облева сјајна, бела светлина. Речиси заслепена, се качував на масата и го јавнував лешот. Му ја милував кожата. Рацете и внатрешните страни на бедрата ми гореа како да допирам сув мраз. После неколку минути ќе легнев и ќе го повлечев чаршафот преку глава. Потоа почнував да го бакнувам во уста. Во тој миг од устата веќе течеше крв. Крвта на мртвиот човек е густа, ладна и слатка. Во главата ми вриеше.
Веќе не бев потиштена. Напротив, ми беше подобро, се чувствував посигурно од кога и да е во животот. Открив дека мојата ненормалност е неизлечива. Можев или да се убијам, или од сè срце да и’ се препуштам на својата опсесија. Се предадов. И тогаш почна да беснее во мене опсесијата, како да сум некој тунел низ кој молневито брзо поминува. Станав средство на нејзината објава, нејзин позитивен и негативен пол. Кога водев љубов со Мет, бев оној пол кој прима, бев леш. Кога од кај него ќе отидев во погребниот завод, бев љубовник. Низ мене љубовта на Мет се слеваше во лешовите од погребниот завод, и низ мене тие лешови го исполнуваа Мет со експлозивна енергија.
Брзо стана зависен од таа енергија. Штом ќе влезев во неговиот стан морав да му го раскажам секој детаљ за последниот леш со кој сум била. Месец и нешто мислев дека е латентен хомосексуалец, некрофиличар и воајер, но потоа сфатив дека него не го возбудуваат лешовите, туку мојата страст по нив. Го возбудуваше силата што влегуваше во таа страст и која се враќаше удвоена, заради неговото уживање. Постојано ме прашуваше: „Како се чувствуваше? Зошто мислиш дека ти било така?” Па потоа, бидејќи изворот на таа сила го вознемируваше, се обидуваше да ми докаже дека се залажувам самата себе.
„Лешовите во ист миг ги пројавуваат крајностите на човечкиот катактер”, му реков. „Мудрост и невиност, среќа и тага, и така натаму.”
Значи сите лешови се исти”, рече тој. „Кога ќе пробаш еден, знаш сите какви се.”
„Не, не. Секој е различен. Секој леш има свои сопствени крајности. Секој е само онолку мудар и невин колку што бил додека живеел.”
Рече: „Измислуваш дека лешовите се личности, за да можеш да излезеш на крај со нив.”
„Тогаш, мора да имам бујна фантазија”, реков, „бидејќи сè уште не сум сретнала два слични леша.”
„Можеби и имаш толку бујна фантазија”, продолжи тој. „Шизофреничарите се способни да изнедрат и по десетина сложени личности.”
Не ми пречеше што ме напаѓа така. Не беше тоа од злоба, а и да беше, не можеше да ми наштети. Чувствував како да му ја отворам душата на некој многу паметен, многу загрижен, многу измачен психоаналитичар. Го сожалував. Ја разбирав неговата настрана желба да ме претвори во некој друг (во некој кого би можел да го сака). Обично лудо се вљубував во лешовите, и потоа плачев, затоа што се мртви. Разликата помеѓу мене и Мет беше во тоа што станав филозоф. Ми беше добро.
Мислев дека и тој е добро. Навистина страдаше, но се чинеше дека е сигурен оти тоа што го снашло ќе му мине, и дека не е неприродно.
„Премногу сум љубопитен”, рече. „Фасциниран сум, како што секој љубопитен човек го фасцинира она што е необично.” Рече дека својата страст ќе ја задоволи така што ќе ја храни со мојата страст, сè додека не му се згрози.
Му реков слободно да го проба тоа. Така почна да ги пребарува весниците во потрага по некролози за моите лешови, да им оди на погребите и на парастосите. Правеше табели со податоци за моите склоности и за зачестеноста на моите посети на мртовечницата. Навечер ме следеше до мртовечницата и ме чекаше, така што можеше да добие реприза додека сè уште бев зашеметена од еротското возбудување. Ми ја душкаше кожата. Ме туркаше кон уличните светилки да ги испита трагите од крв на моите раце и на лицето.
Веројатно не требаше да го охрабрувам. Не знам баш зошто го правев тоа, веројатно затоа што на почетокот неговата опседнатост ја согледував како надворешна граница на мојата опседнатост, како некое место на кое не морав сама да одам сè додека е тој таму. А подоцна, и покрај тоа што тој се однесуваше сè понастрано, во мене се зачнаа сомнежите во однос на таа опсесија што настапи толку одненадеж, и тоа со мое посредство.
Една вечер рече дека дошол моментот кога треба да се соочи со фактот дека и тој сака да води љубов со лешови, машки. Таа идеја му е одвратна, рече, но потајно во некој длабок предел на битието што и нему му е непознат, очигледно постои јасна желба да води љубов со лешови на мажи. Му реков дека некрофилијата не е нешто на што човекот би требало себеси да се присилува, туку да копнее по тоа, нешто коешто би требало да му биде потребно, да биде роден за тоа.
Не ме слушаше. Се залепи за огледалото на креденецот. Последните недели од својот живот зјапаше во сопствениот одраз во огледалото без ронка самосвест. Се сосредоточуваше на своето лице, иако поинтересно беше она што се случуваше од вратот па надолу. Почна да се облекува во неверојатно чудни нешта. Сомотски наметки, панталони како од некоја италијанска комедија, црвени чизми со високи потпетици. Сето тоа не го соблекуваше додека водевме љубов. Зјапаше во моите очи, возбуден (тоа дури подоцна го сфатив) со сопствениот одраз во нив.
Мет се самоуби, а тоа беше несомнено дека ќе го направи уште од почетокот. Што се однесува до некрофилијата, тоа не е злосторство, барем не беше до пред петнаесет години. Иако ме фатија како го правам тоа, како сосема гола јавам едно докажано мртво тело, иако весниците пишуваа за тоа на насловните страници, полицијата не можеше да ме обвини за ништо.
И покрај тоа, јас сè признав. Ми беше од суштествено значење во официјалниот извештај да влезе нешто повеќе од сувите, инспекторски реченици. Сакав да бидат забележани две нешта: прво, дека Мет го сквернавел некој што многу добро знае што е почитување, и второ, дека од неговото тело изби енергија со ѕвездена јакост.
„Дали тоа ослободување на енергијата се случи пред или после неговата смрт?”, праша инспекторот.
„После”, реков, и веднаш додадов дека не можев да предвидам толкава јакост. Единствено непријатно за мене ќе беше доколку ме прашаа зошто не сум го спречила самоубиството. Зошто не сум го одвратила од тоа, или зошто не сум го пресекла јажето.
Излажав. Реков дека ги турнал скалите со нога штом сум влегла во собата. Никој не можеше да докаже дека не било баш така. Но, често размислував за тоа колку време навистина поминало од моментот кога ја отворив вратата додека не му се скрши вратот. Во кризните ситуации минутата не е минута. Се случува исто толкав хаос како и во миговите на смртта, времето и облиците ги губат границите, сè расте и се распаѓа.

Веројатно Мет беше во криза со денови, можеби и со недели пред смртта. Толку многу се ѕвереше во огледалото, размислувајќи: „Зарем ова е моето лице?”
Гледаше како лицето му се разложува на безброј парченца, кои потоа пресоздаваат некое ново, непознато лице. Ноќта пред да умре носеше маска. Се маскираше како Дракула, но не се шегуваше. Сакаше да ја носи таа маска додека водиме љубов, за да биде како леш. Не доаѓа предвид, реков. Целата работа е во тоа јас да имам улога на леш. Ме преколнуваше, а јас и’ се изнасмеав на таа маска, со олеснување. Ако сака да ја пресврти играта, тогаш меѓу нас ќе биде готово, и одненадеж сфатив колку ми се допаѓа таа идеја.
Потоа ми телефонираше кај родителите и ми рече: „Те сакам”, па ја спушти слушалката.
Не знам како го знаев тоа, но знаев. Пиштол, помислив. Мажите секогаш користат пиштоли. А потоа помислив - не, отров, цијанид. Тој е студент по медицина, и има пристап до лекови. Кога стигнав до неговиот стан, вратата беше отворена. Наспроти влезната врата, на ѕидот, беше залепена порака: „ВО СТАНОТ СЕ НАОЃА МРТОВ ЧОВЕК.”
Но, не беше мртов. Стоеше искачен на скалите. Беше гол. Околу вратот имаше вешто направена јамка, а другиот крај на јажето беше закачен горе, за цевката која врвеше преку таванот.
Нежно се насмевна. „Знаев дека ќе дојдеш”, рече.
„Што ќе ти е тогаш поракана?”, го прашав.
„Тргни ги скаливе љубена моја”, рече патетично.
„Ама, ајде. Ова е глупо. Симни се.” Му се доближив и го удрив по ногата.
„Треба само да ги тргнеш скалите”, рече.
Очите му беа уште потемни и повпечатливи од вообичаено. Црвенилото на образите му изгледаше нагласено. (Малку подоцна открив дека бил нашминкан.) Се развртев низ собата барајќи маса или стол врз кои би можела да се качам. Сакав да му ја извадам јамката.
„Ако отидеш”, рече, „ако се оддалечиш само на чекор, ако направиш што било друго освен да ги тргнеш скалите, сам ќе ги бутнам.”
„Те сакам”, реков. „Знаеш?”
„Не, не ме сакаш”, рече.
„Те сакам!” За да звучи како навистина тоа да го мислам со погледот му ги фиксирав нозете, и замислував како да се безживотни. „Те сакам!”
„Не ме сакаш”, рече нежно. „Но”, рече, „ќе ме сакаш”.
Ги фатив скалите. Се сеќавам дека помислив оти нема да може да ги сруши ако ги држам цврсто. Ги фатив, а во следниот миг се најдоа покрај самиот ѕид, превртени. Не се сеќавам што се случувало помеѓу. Се чу силен траскот, а потоа јурна вода. Мет падна грациозно, како кога ќе се онесвести девојченце. Низ него се лееше вода од пукнатата цевка. Се почувствува смрдеа на измет. Го повлеков држејќи го за јамката.
Го одвлеков во дневната соба, на скубавиот зелен тепих. Се соблеков. Клекнав покрај него. Ја бакнав крвта во аголот на неговата уста.
Вистинската опседнатост почива врз тоа што нејзиниот предмет воопшто не и’ одговара. Кога се вљубував во некој леш, се чувствував како некој шуплив инструмент, како ѕвоно, или флејта. Ќе се испразнев. Јас ќе се исчистев од внатре (неволно), додека не станам инструмент во кој лешот ќе се стече и така ќе срасне. Додека бев предмет на Метовата опседнатост, како можев да не бидам неосетлива, додека тој беше жив?
Тој си играше со оган, си играше со мене. Не само затоа што не можев да го сакам, туку затоа што бев озрачена. За сето време минато со Мет водев љубов со лешови, ја впивав нивната енергија и повторно ја исфрлував. Бидејќи енергијата потекнуваше од чин во којшто животот алхемиски се претвораше во смрт, постои можност и самата таа да била алхемија. Па и ако не е, сигурна сум дека на Мет му оставаше впечаток дека поседувам моќ со која ќе го променам на некој неизмерен и опасен начин.
Сега верувам дека неговата зависност од мојата енергија всушност била копнеж по некоја таква преобразба. Впрочем, мислам дека секоја желба - желба за преобразба, секое движење, секој процес - се случува затоа што животот се претвора во смрт.
Сè уште сум некрофиличарка, кога имам прилика, и не ми е грижа за тоа. Не сум нашла ништо што би ми ја заменило жешката смиреност на лешовите.
Превод: Искра Гешоска
Слики: Bruno di Majo