
Вжештените расправи за правата на граѓаните на Србија за сопствената сексуална ориентација изродија многу, најблаго кажано, бесмислени изјави и коментари,
како на чуварите на христијанскиот морал така и на наводно добрите познавачи на природните наспроти неприродните облици на сексуално однесување.
Во повеќе наврати годинава, поглаварите и свештениците на признаените монотеистички цркви во Србија ни се прикажаа како „врвни“ познавачи на науката. Во својот Апел, по повод носењето на Законот за дискриминација, потписниците наведуваат: „Неопходно е да се имаат предвид и угледните научни авторитети, кои сметаат дека изразувањето на половиот идентитет низ трансексуалноста е израз на ментално заболување, како и оние кои утврдија дека не постојат научни докази дека сексуалната ориентација е вродена карактеристика“. Надбискупот Хочевар во истата прилика изјави дека сите истражувања за хомосексуалноста се побиваат едни со други. Најсвежи, секако, се изјавите на митрополитот Амфилохие според кои, кратко кажано, видовитата Црква Божја не може и не смее да ја прифати противприродноста како природна.
За значајната улога на црквите во тешкото заболување на српското општество во областа на етиката и почитувањето на човековите права кажано е многу. Прашањата за историската и социјалната прохибиција на хомосексуализмот им ги оставам на стручњаците (паметните социолози, значи, а не политичките аналитичари), а јас ќе им се посветам на биологијата и на критиката на неаргументираните тврдења за природните и неприродните сексуални склоности.
Искрено кажано, науката не е имуна во целост на преовладувачките општествени ставови за разни прашања. На пример, иако со децении во своите истражувања на различните видови забележуваа често хомосексуално однесување кај животните, научниците ретко се впуштаа во објективно објаснување на оваа појава. Метафорично кажано, тотемот олицетворен во традиционалната мачо-машка улога во човечките општества и семејства, надополнет со хомосексуалните табуа, ги одвлекуваше сите толкувања на оваа појава во животинскиот свет во областа на грешките и девијантноста. Вкоренетата претстава за човечката социјална организација силно се одрази и на научната објективност во толкувањето на податоците од светот на природата. 
Меѓутоа, кон крајот на 20 век ситуацијата значајно се промени. Во науката, хомосексуалното однесување престана да се разгледува како табу и започна засилено проучување на разновидноста на сексуалните односи кај животинските видови. Огромен број трудови во врвните научни списанија (на пример, Nature, Science, Trends in Ecology and Evolution, и многу други) наведуваат резултати според кои различните облици на контакти меѓу единките од ист пол, а кои можат да се доведат во врска со сексот, можат да се најдат речиси кај секоја група животни, вклучувајќи ги цицачите, птиците, влекачите, водоземците, рибите, инсектите, мекотелците, глистите и други. Во хомосексуалните односи се вбројуваат и истополовите додворувања и копулативни однесувања во краток временски период, како и долготрајните врски меѓу партнерите од ист пол кои можат да подразбираат разни комбинации додворување, привлекување, копулација и родителство (грижа за потомството).
Треба да се има на ум дека сфаќањето на човечката хомосексуалност, покрај психолошкиот и биолошкиот поим на сексуалната ориентација, често во општествената категорија го сместува геј и лезбејскиот социјален идентитет. Многу современи социолози наведуваат дека и самото разгледување на хомо- и хетеросексуалните категории укажува на културолошкиот и социолошкиот аспект на нашата потреба да ги дефинираме нештата во бинарни спротивности, додека целата психологија и биологија ни укажуваат дека таквата поделба на нештата тешко можеме да ја направиме поради непрекинатиот континуитет на варијабилноста на сложените особини на однесувањето вклучени во сексуалните склоности.
Дури и кога би ја употребиле вообичаената терминологија на поделбите, јасно е дека сексуалната ориентација, дефинирана како постојана внатрешна преференција кон истополовите или спротивнополовите сексуални односи кај луѓето, може да биде битно различна од надворешната идентификација или самото сексуално однесување. Хетеросексуалната личност може да има приватни хомосексуални преференции, додека геј ориентираната личност не мора никогаш да биде вклучена во каков било облик на сексуален контакт со истиот пол. Што тогаш би требало да биде критеруим за природно и неприродно – исполнување или внатрешна тенденција кон одредено сексуално однесување?
Во таа смисла животните се многу поедноставни. Кај нив не можеме да ја дефинираме сексуалната ориентација бидејќи тие не можат да ни ги кажат своите скриени желби. Можеме само да набљудуваме и истражуваме што прават, а прават многу сексуално интересни нешта. Експериментите кај поголем број видови покажаа дека кај животните може да се утврди внатре-популационата варијабилност во сексуалната определба кога на единката и’ е понуден избор на партнери од обата пола. На пример, кај еден вид вилински коњчиња е забележана поголема склоност кон мажјаците од ист пол доколку претходно живееле во истополова група. Одредени мажјаци од американскиот муфлон се парат со женки само ако овие усвојат некои елементи на однесувањето кое е карактеристично за мажјаците. Варијабилноста на сексуалното однесување во секој вид е огромна, во зависност од контекстот на средината и наследната различност, исто како кај луѓето. Тоа е природната состојба на нештата, му се допаѓало некому или не. 
Многу важен проблем кој се наметна во научното проучување на сексуалноста е еволуциската „оправданост“ на однесувањето кое наводно е во спротивност со репродукцијата. Наизглед парадоксално, ваквите облици на сексуални односи денес се објаснети во рамките на еволуциската биологија. Адаптивното значење на хомосексуалното однесување е опишано на различен начин кај различните видови, но можеме да дефинираме неколку пошироки категории на објаснувања. Прво, хомосексуалните односи претставуваат важен механизам на воспоставување, одржување и зајакнување на социјалните врски во групата (кај некои делфини и многу социјални примати). Склопување истополови долготрајни врски може да придонесе за подобро одгледување и квалитет на потомството, како што е утврдено кај некои видови птици. Потоа, истополовите сексуални односи влијаат на смалувањето или зајакнувањето на интрасексуалната агресија и конфликти, што може да води кон подобар репродуктивен успех на единката и целата популација. Конечно, хомосексуалните контакти можат да им пружат практика во додворувањето на младите единки, копулација и други активности кои се битни за размножувањето. Примери за секое од горенаведените објаснувања можеме да најдеме во многу различни групи животни.
Биологијата повеќе нема дилема во одговорот на долговечното прашање што е природно и неприродно (или вродено/стекнато, иако смислата не е иста). Едноставно, гените не постојат вон контекст, вон процесите на развој и животната средина која влијае на конечното обликување на особините на некој организам. Дали е поголемо влијанието на биолошкото наследство или факторите на средината, е прашање на степен, а не на „противприродност“, бидејќи обата елементи се природни.
Денес многу знаеме за „не-срединската“ основа за хомосексуалноста кај луѓето и другите организми. Иако, како што реков, тоа не мора да биде важно за прашањето на природноста, ќе наведам само еден податок од современата наука. Модерните геномски истражувања покажаа дека постои асоцијација на човечкото хомосексуално однесување од три региони на различните аутозоми (не-полови хромозоми), како и од одредениот регион Х полов хромозом (познатиот Xq28). Неколку теориски модели укажаа на изненадувачки широкиот спектар „генетски услови“ под кои генетските варијанти вклучени во хомосексуалната ориентација опстојуваат (наспроти нерепродуктивниот ефект) и претставуваат вообичаена генетичка разновидност во човечкото население. Битно е да се нагласи дека кога зборуваме за така комплексни особини како што се различните однесувања на животните, вклучувајќи ги и сексуалните склоности, секогаш мораме да имаме на ум дека на нив влијаат огромен број гени, како и нивните односи со другите гени во геномот и животната средина. Конкретните генетски варијанти можат да укажуваат на предиспозицијата, но не нужно и на конечната особина. Значи, важен е контекстот, а тој е природен исто така.
Ако приказнава ви се чини премногу „биологизирана“ за разбирање на човекот како возвишено суштество со духовна димензија, не ме обвинувајте мене. Оние кои упорно се повикуваат на „природното-неприродното“ се токму разните идеолози на хомофобијата, христијански апологети и повикувачи на линч на геј личностите. Интересно е дека токму тие забораваат кој е нивниот единствен критериум за осуда на разните облици на сексуалното однесување – Светото писмо и христијанските морални императиви. Дали во црковните кругови сомнежот во сопствените премиси е толку голем што е потребно дополнително научно поле за аргументации? Доколку е така, мораат да бидат значително подобро известени, бидејќи она што природата ни го вели е поразувачко за нивните цели.
Извор: Peščanik.net