Не сакам албуми, само хитови

28.09.2009 12:54
platinum.jpg

Од 2000 година продажбата на албуми паднала за речиси 400 милиони примероци. Се купуваат и незаконски се симнуваат mp3. Но не албуми, туку поединечни песни. Ни се заканува исчезнување на доминантниот формат на популарната музика од последниве 40 години.

Само во САД продажбата на албуми се стрмоглавила од 785 на 428 милиони примероци. Иако е релативно висок, порастот на продажба на музичките mp3 преку интернет не успева финансиски да го надомести падот на продажбата на ЦД-а. Притоа, купувачите на mp3 претпочитаат да купуваат песни, а не цели албуми, при што порастот на законско симнување забавува, а продажбата на рингтонови опаѓа значително.

Најмалку милијарда песни месечно се симнуваат нелегално, бесплатно, а тинејџерите претпочитаат да слушаат музика на радио интернет страниците како американската Pandorа, односно на MySpace, YouTube и Facebook. Албумите не ги интересираат. Дури и Рејдиохед најавија дека ќе престанат да снимаат албуми.

Од друга страна, падот на продажбата на ЦД-а сепак е забавен бидејќи сè уште постојат купувачи кои сакаат да купат физички опиплив производ. Во САД во 2008 г. се продадени 1.88 милиони примероци на LP албуми, најмногу за овие десетина години. Сè уште месечно низ целиот свет излегуваат илјадници нови албуми, реизданија на стари и компилациски албуми на ЦД, а сè почесто и на винил плочи. Стотиви милиони секоја година сè уште купуваат ЦД-а и албуми. Сите тие албуми можат да се купат и со законско симнување преку „интернет дуќан“ како што е iTunes кој на едно место нуди повеќе од 500 000 албуми и 10 милиони песни.

За да се зачува форматот на албумот и на интернет, кон средината на септември беше започната нова платформа на iTunes LP која на купувачите на цели албуми им нуди низа дополнителни атрактивни содржини (видео, омот како позадина на екранот од компјутерот, фотографии, текстови, биографии...). Дискографите развиваат сличен формат СМХ, а се обидуваат да влезат и во концертниот, авторскиот бизнис, како и во бизнисот со производи со ликови на ѕвездите.

Но, ако сакаат да го задржат вниманието на купувачите за носачи на звук како ЦД и LP албуми, ќе мораат значајно да ги намалат цените. Анализите покажуваат дека купувачите повеќе би купувале ЦД албуми кога тие би чинеле околу 10 долари или евра, при што, албумите постари од три или пет години би морале да чинат 30 до 50% помалку.

ЦД-то е прескапо и за американската и за европската публика. Снижувањето на цената нема да го зачува само ЦД-то како носач на звук туку и форматот албум. Слично е и на интернет. Цената за симнување на еден албум е превисока и прашање е дали iTunes LP можат „да го спасат албумот во виртуалната стварност“. Веќе се водат дебати дали цената на една песна е превисока. Некои велат дека денес е невозможно да се најде „стока за 99 центи која на сопственикот трајно ќе му пружа задоволство“. Други укажуваат на желбите на публиката, а често и на музичарите, музиката да се направи достапна преку претплата.

Дејвид Боуви смета дека музиката треба да биде „како водата“ – знаеш дека секогаш можеш да наточиш и да испиеш колку сакаш, а да ја платиш со фиксна претплата. Споредбата со кабелската телевизија е уште подобра. Одбираш систем на претплата и гледаш што, колку и кога сакаш.

Преку претплатата може да се помогне и во опстанокот на албумите. Имено, кога ќе платиш, сакаш да слушнеш што е можно повеќе музика, посебно од омилениот изведувач. Музичката индустрија ја пропушти можноста да заработи милијарди долари на почетокот на милениумов кога со тужби го изгасна Napster.

Уште тогаш постоеше идејата Napster, тогаш единствениот канал за симнување музика, да се користи за само 10 долари месечно по принципот „плати фиксна цена и симнувај колку сакаш“. Денес, кога музичките продваници масовно исчезнуваат, сите со задоволство би го вратиле временското тркало наназад, но дискографите се зезнааа и кај iTunes кој денес држи 70% од законското симнување песни и албуми.

Под овие дискографски и технолошки „дилеми“ лежи прашањето што може да значи исчезнувањето на албумот за иднината на популарната музика. Непобитно, сè до раните 60-ти поп музиката била ориентирана на песната. Пионирите на рокенролот како Елвис, Џони Кеш, Карл Перкинс, Џери Ли Луис и другите својот успех во 50-те им го должат главно на сингловите, а не на албумите. Секој месец или два ќе исфрлеле нова песна или две, надевајќи се дека ќе станат хит на радијата и на пазарот, а потоа и дека ќе ги изведуваат во живо. Дури подоцна неколку од тие синглови музичките куќи ги „пакувале“ и ги продавале како албуми.

Поп музиката не се занимавала со албуми сè до средината на 60-те, иако LP плочата, изум на техничарите на Колумбија Рекордс, се појавила веќе кон крајот на 40-те години на 20 век. Таа првобитно била наменета за албуми на џез и класичната музика. Рок изведувачите како Боб Дилан, Битлси, Ролинг Стоунси и другите кон средината на 60-те го прифатиле LP албумот како идеален формат за изразување на своите уметнички идеи. За низа изведувачи од средината на 60-те албумот до ден денес бил и останал најбитната работа. За стотици милиони слушатели исто така.

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото