
Што се случи со женското тело? Просечната жена денес е повисока за неколку сантиметри, но и потешка за неколку килограми во споредба со 50-те и 60-те години на минатиот век. Поинаквиот начин на живот влијаеше на женското тело, но и на здравјето.
Мерилин Монро и денес за многумина претставува идеал за женската убавина. Убавата глумица ја красеа раскошни гради и тенка половина, а многу мажи и денес овие мерки ги земаат како синоним за женската убавина и привлечност.
Меѓутоа, идеалните мерки на женското тело 90-60-90 денес се вистинска реткост. Женското тело повеќе го нема обликот на песочен часовник бидејќи поради поинаквиот начин на живот жените се поправени, а им растат и градите и стапалата, покажуваат неодамнешните истражувања. Промените на женското тело влијаат и на здравјето. Значи, што се сменило во изминатите пет десетлетија?
Висина
Просечната висина на денешната жена изнесува 160 см, додека пред педесетина години била 150 см.
Причините за оваа промена се кријат во квалитетната исхрана, но и подобрените животни услови. Денес жените живеат во потопли домови, достапна им е подобра медицинска заштита, а и хигиенските услови се значајно подобрени. Наместо на некои други работи, енергијата се насочува на растот. Некогаш многу енергија се трошела на загревањето, а денес повеќе не е така бидејќи луѓето живеат во домови каде греењето добро функционира. Стручњаците велат дека повеќето сантиметри е позитивна работа бидејќи жените можат да се надеваат на подолговечен живот.
Тежина и половина
Иако жените денес внесуваат ист број калории како и пред половина век, сепак се подебели. Причината е поради тоа што се јаде поинаква храна. Жените денес користат многу помрсна, но и послатка храна. Токму и поради тоа што се подебели имаат поголеми гради, а тоа се одразува и на здравјето. Освен тоа, жените денес пијат значително поголеми количини алкохол од претходно. Забележано е и дека денешните жени помалку се движат поради достапноста на разните превозни средства, а тоа ја ослабнува кондицијата и му штети на здравјето.
Вишокот килограми кај современите жени се гледа и во зголемувањето на обемот на нивната половина, што претставува поголем ризик за заболување од срцеви болести. Треба да се напомене дека седечкиот начин на живот оставил одредени последици. Жените трошат помалку калории и се дебелеат, а им се заканува зголемен ризик од кардио-васкуларни болести.
Гради
Во однос на 50-те и 60-те години на минатиот век, жените денес имаат поголеми гради, а стручњаците сметаат дека причината за тоа е порастот на дебелината. Поголемите гради се појавуваат и како резултат на хормонските терапии кои денес ги примаат многу жени, посебно кога се во менопауза.
Својот придонес за оваа појава го дадоа и контрацепциските пилули. Поголеми гради не мора задолжително да значи и поголем ризик од рак, но се поврзани со болките во грбот и други слични тегоби.
Стапала
Пред педесетина години жените носеле чевли број 36, а денес – 39. Научниците веруваат дека женските стапала морале да се издолжат и прошират за полесно да можат да ги носат поголемата висина и тежина. Сметаат дека зголемената маснотија се таложи и на стапалата. Проблемот е во тоа што поголемите стапала можат да значат пораст на крвниот притисок бидејќи се поврзани со поголема количина на маснотии. Освен тоа, поголемите стапала денес носат и поголема тежина, што може повеќе да ги оптовари лигаментите.
Животен век
Промените кои се случија за изминатите пет, па и повеќе децении, сепак донесоа и позитивни промени, па денес жените живеат подолго. Некогаш просечниот животен век им изнесуваше 70,9 години, а денес тоа е 81,5 години. За подолговечниот живот жените можат да му се заблагодарат на поквалитетниот начин на живот, напредната медицина, подобрените хигиенски услови во домот, но и можноста за избор на поздрава исхрана.