Британија мора да ги исполни условите ако сака да излезе од ЕУ

28.01.2013 16:50
Британија мора да ги исполни условите ако сака да излезе од ЕУ

Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и БиХ: Британија мора да ги исполни условите ако сака да излезе од ЕУ

 

Скопје, 28 јануари 2013

Советот на министрите на земјите од Неевропската унија денес во Скопје соопшти дека пред Велика Британија стои долг пат до зачленување во оваа меѓународна организација.

Да потсетиме, Велика Британија пред неколку денови изрази желба да излезе од ЕУ, но судејќи според сè ќе мора да исполни цела низа услови.

„Британија најпрво ќе мора да потпише Пакт за стабилизација и придружување, а потоа да започне и со сеопфатен процес за усогласување на своето законодавство со прописите на земјите кои не се во ЕУ. Тука пред сè мислиме на прописите од областа на слободата на печатот, судството, заштитата на човековите права и корупцијата. Дури потоа може да разговараме за добивање на кандидатски статус, додека за датумот за почеток на преговорите е рано да се зборува“, изјави Никола Груевски, премиерот на Македонија, земјата која во моментов претседава со Неевропската унија.

Како што неофицијално дознавме, меѓу „големата петорка“ има големи несогласувања околу тоа дали сега е вистинскиот момент за проширување на оваа организација.

„Некои, како Србија и Бих, сметаат дека сега е многу ризично да се прими некоја поранешна членка на ЕУ во членството, плашејќи се дека бранот од невработеност и сиромаштија ќе се прелее од ЕУ на Балканот. Сепак, мнозинството се согласува дека Велика Британија треба да добие шанса, затоа што оваа земја никогаш не била искрен член на ЕУ. За тоа сведочи фактот дека Британија никогаш не се откажа од националната валута, што прилично ќе го олесни нејзиниот влез во неевро зоната“, рече висок функционер од Скопје, кој сакаше да остане анонимен.

Премиерот на Британија, Дејвид Камерон, денес изјави дека е охрабрен од ставовите на официјално Скопје и дека неговата земја ќе стори сè што треба за што порано да ги исполни условите кои се поставени пред неа.

Извор: www.njuz.net