
Грин не бил само одличен пејсажист и мајстор на сижето, туку и психолог со многу истенчен осет. Неговиот творечки пат е подеднакво необичен како и неговиот животен пат.
Почнал како реалист, а потоа почнал да создава своевиден реализам, за во меѓувреме да пишува и раскази со фантастична тематика. Често пати бил нарекуван и „рускиот Едгар Алан По“.
Иако бил доста ценет во татковината, неговата проза била речиси непозната надвор од неа. Последниве години неговите дела се преведуваат и на други јазици, меѓу кои и на македонски. Книгава е во издание на издавачката куќа Темплум и можете да ја купите во книжарниците низ Скопје и Македонија.
Александар Грин (Александар Степанович Гриневски, 1880-1932) е претставник на рускиот романтичарски реализам. Уште од детството ги сакал книгите за морепловство, патувања и авантури, и мечтаел да стане морнар. Во животот работел разни професии кои подоцна ќе му станат инспирација за многу од неговите авантуристички раскази. Неговата историја кај луѓето предизвикува желба за еден поинаков живот, полн со ризици, храброст и сите оние особини потребни за еден истражувач, морепловец и авантурист.
„Мене ме предизвикува земјата“, вели Грин на едно место. „Нејзините океани се огромни, нејзините острови се безбројни, и во неа се кријат еден куп таинствени, смртно љубопитни ќошиња.“