Како известуваа медиумите за Репортери без граници (2)

23.02.2013 14:48
Како известуваа медиумите за Репортери без граници (2)

Наместо да ги повикуваат на одговорност лицата што се на власт за падот на медиумските слободи, провладините медиуми се обидоа да ја префрлат одговорноста на друго место, користејќи пропагандни техники.

Обидот на владината агенција „МИА“ да го забошоти падот на слободата на печатот во Македонија заврши неславно (види „Мама МИА: врамување без срамување“). Неетичкиот пристап предизвика огорчени реакции, кои придонесоа за актуелизирање на темата за неетичкото новинарство и владината пропаганда.

Прокрустовата постела на МРТ: Цензурирање преку селектирање и парафразирање

Рангирањето на 116-то место од страна на „Репортери без граници“ беше повод „Здружението на новинарите на Македонија“ (ЗНМ) истиот ден да испрати „Реакција за оценката на Репортери без граници за слободата на медиумите“, која беше игнорирана од повеќето провладини медиуми, а делумно беше објавена на МТВ. Иако МТВ во декември 2012 објави посебна вест „Репортери без граници“: Турција е најголемиот затвор за новинари во светот, во јануари 2013 може да се најде само реакцијата на ЗНМ (ЗНМ: Оценката на Репортери без граници е реална).

Интересно е да се види кои делови од извештајот на ЗНМ не се воопшто пренесени. Во веста на МТВ воопшто не е пренесен целиот параграф кој започнува со оценката „Загрижувачки е фактот што Македонија во индексот е најниско рангирана по слободата на медиумите од сите земји на Балканот“. Отсуствува образложението зошто е забележан пад од 22 места: „Во извештајот Македонија посебно се споменува во негативен контекст како земја која забележала пад од 22 места поради арбитрарното одземање на дозволи за работа на медиуми и поради влошување на условите за работа на новинарите“. Од „прокрустровата постела“ на МТВ отпаднало и потсетувањето дека „Само пред четири години Македонија беше на високото 34 место на ова листа на Репортери без граници“.

Не помалку интересна е искористената техника на цензурирање на критиката на ЗНМ, која не успева да се провлече низ „ситото на парафразата“. Еве како парафразира МТВ:

„Лошиот имиџ во светот за слободата на медиумите во Македонија нема да се смени, според Здружението, сè додека медиумите се третираат како средство за манипулација со јавноста и како средство за политичка пресметка со противниците.“

Но, во поентата на ЗНМ директно се адресираат „Владата и политичките партии“ како одговорни за „Лошиот имиџ во светот за слободата на медиумите во Македонија“:

„Лошиот имиџ во светот за слободата на медиумите за Македонија нема да се смени сè додека Владата и политичките партии ги третираат медиумите како средство за манипулација со јавноста и како средство за политичка пресметка со противниците.“

Со парафразирањето на „…сè додека Владата и политичките партии ги третираат медиумите…“ во „…сè додека медиумите се третираат…“ се изоставаат информации за клучните агенти на моќта и воопшто не се специфицира кој ги третира медиумите како средство за манипулација со јавноста и како средство за политичка пресметка со противниците. Станува збор за изоставање на суштински информации, кое тешко би можело да се оправда како ненамерно, кога ќе се земе предвид дека изоставањето е направено на медиум кој е под директно влијание на агентот на моќта кој е изоставен.
Намерното изоставање на критиката кон „Владата и политичките партии“ во тенденциозната парафраза на МТВ, како и „прокрустровското“ селектирање на битните информации од соопштението на ЗНМ, се недвосмислен показател за манипулативно известување од страна на јавниот ТВ сервис. Парадоксално, МРТ ја манипулира јавноста дури и во случај кога известува дека „медиумите се третираат како средство за манипулација со јавноста“.

Медиумите не пројавија посебен интерес за став на Владата

И пред, но особено по навремената твит-реакција на Филе дека „Медиумите мора да се почитуваат“, сосема логично беше новинарите да се обидат да добијат одговор каков став има Владата за оценките изнесени во извештајот. Тоа беше и нивна професионална обврска, не само затоа што Владата е засегната страна, туку и затоа што извештајот на „Репортери без граници“ од 2009 беше поздравен од Владата, која тогаш вети дека „ќе продолжи да работи на унапредување на степенот на слободата на медиумите“.

Но, наместо одговор од премиерот или од неговите министри, дел од новинарите се задоволија со известување за пратеничко прашање поставено на собраниска седница. Ни министерката за евроинтеграции не беше бомбардирана со прашања во врска со извештајот на „Репортери без граници“, иако слободата на медиумите е на врвот на нејзината агенда. Наместо за проблемите во врска со изразувањето адресирани во извештајот, дел од новинарите беа преокупирани со сензационалистички теми и меѓусебни пресметки. Како да подзаборавија дека нивна етичка должност е будно да ги следат и храбро да ги повикуваат на одговорност лицата што се на власт.

113-то место не било така лош резултат?

Наместо да ги повикуваат на одговорност лицата што се на власт за падот на медиумските слободи, дел од провладините медиуми се обидоа да ја префрлат одговорноста на друго место, користејќи пропагандни техники на жигосување, етикетирање и префрлање на вината. Класичен пример за префрлање на вината преку посочување на новинари „жртвени јарци“ е прилогот „Соросовите пари константно го контаминираат медиумскиот простор“, во кој се тврди дека „113-то место на листата на Репортери без граници и не е така лош резултат ако се има предвид што сè се случуваше во македонското новинарство“. Притоа, како главни виновници за „113-то место“ се посочуваат „соросовите пари“ и „медиумите финасирани од СОРОС“ без да се даде некакво објаснување каква била нивната улога за падот „поради арбитрарното одземање на дозволи за работа на медиуми и поради влошување на условите за работа на новинарите“ (Репортери без граници).

Меѓутоа, дури и непрофесионалниот обид да се оправда „113-то место на листата на Репортери без граници“ како „не така лош резултат“ не ја поминува елементарната проверка на фактите. Годинава, Македонија не е рангирана на „113 место на листата на Репортери без граници“ туку на 116-то место.

На манипулацијата ѝ се куси изворите

Сепак, неетичкото новинарство го достигна својот врв во написот „Репортери без граници е измама“, во кој насловот во форма на категоричен заклучок се објаснува на следниов начин: „Ова беше насловот на повеќе светски медиуми кои започнаа да пишуваат за начинот на финансирање и работа на оваа организација по обелоденувањето на повеќе финансиски афери и злоупотреби кои излегоа пред очите на светската јавност.“

Несомнено, секој читател е љубопитен да види кои се тие „повеќе светски медиуми“ кои го објавиле насловот „Репортери без граници е измама“. Меѓутоа, во написот е објавен принт-скрин од друг напис објавен на еден медиум од Венецуела, и тоа во далечната 2005 година!? Исто така, написот „Репортери без граници е измама“ се повикува и на други написи објавени во 2008 година. Несомнено, новинарите имаат легитимно право да ги доведуваат под прашање оние кои се обидуваат да известуваат за медиумските слободи и да вршат рангирање врз основа на одредени критериуми. Меѓутоа, на кој начин го направил тоа медиумот преобјавувајќи го бајатиот наслов „Репортери без граници е измама“? Дали и претходно бил оспоруван кредибилитетот во истиот медиум?

Претходно, во истиот медиум биле објавувани написи за „Репортери без граници“, но притоа воопшто не бил оспоруван неговиот кредибилитет. Во написот „На сајт ќе се објавуваат цензурирани материјали“ од ноември 2012 се известува дека „Меѓународната организација „Репортери без граници“ на 27 ноември ќе пушти во работа интернет страница на која ќе бидат објавувани материјали, подложни на цензура“, со повикување на „Дојче веле“. На сајтот кој се рекламира како „Победник во категоријата најдобар информативен сајт за 2012.“ нема никакво предупредување дека „Репортери без граници е измама“ ниту дека „Дојче веле“ биле жртви на измама. Во написот „Ховит предлага во ЕП поволна резолуција за напредокот на Македонија“ (15 јануари 2013) се известува дека Ховит „изразува загриженост дека земјата падна 26 места во индексот за слободата на „Репортери без граници“ и повикува на понатамошни напори кон зајакнувањето на професионалните стандарди во новинарството, промовирање на плурализмот на медиумите, независноста на јавниот радио и телевизиски сервис и транспарентноста во сопственоста на медиумите“. Нема никакво предупредување дека „Репортери без граници е измама“ ниту дека британскиот пратеник, известувач за Македонија, е жртва на измама.

Значи, можеме да заклучиме дека провладиниот медиум почнал да го оспорува кредибилитетот на „Репортери без граници“ дури по извештајот кога Македонија падна на 116-место. Но, да видиме накусо со какви факти, аргументи и стратегии?

Непотпишаниот новинар се повикува на некакви „светски медиуми“, тврдејќи дека „повеќето големи финансиери на Репортери без граници се всушност владини или политички организации“, без самиот да ги спореди податоците за кои пишува со јавно достапните информации на нивниот сајтот, каде се објавени годишните сметки за 2011.

Исто така, непотпишаниот новинар тврди дека „во последниот извештај на Репортери без граници за земјава не се посочени критериумите ниту деталните образложенија зошто е дојдено до таквата проценка за слободата на медиумите која е исклучително лоша за државава.“ Очигледно, или непотпишаниот новинар не го читал последниот извештај на „Репортери без граници“, каде што се посочени ем критериумите, ем образложенијата зошто Македонија е рангирана на 116-то место, или пак намерно пренесува неверодостојни информации. Впрочем, други медиуми известија и за причините и за критериумите:

„Репортери без граници“ ја прави оваа класификација врз основа на шест критериуми: плурализам, независност на медиумите, работни услови и автоцензура, законски рамки, транспарентност и информациска инфраструктура.“

И во овој непотпишан текст неколку пати се споменува финансиерот „Сорос“, како илустрација на тезата дека „организацијата ги создава извештаите врз основа и на бизнис цели“. За жал, во текстот нема никакво образложение врз основа на каква бизнис цел, Македонија во 2009 година била рангирана на 34 место, како најдобра на Балканот според слободата на медиумите. Ниту пак се поставува логичното прашање: Дали и Никола Груевски во 2009 година бил жртва на измамата на „Репортери без граници“ (врз основа на политички и бизнис цели), кога Владата им упати „искрена честитка“ на новинарите?

Година без честитки, но со формулари за извинување

Годинава, Владата не им упати честитка на новинарите за 116-то место. Синдикатот на новинарите организираше акција за извинување до Собранието и Владата. Во формуларот за извинување до Претседателот на собранието стои следново: „Затоа што не го послушавме обезбедувањето на Собранието кое убаво нè замоли да ја напуштиме ложата“. Во формуларот за извинување до Претседателот на Владата на Република Македонија и до министрите во Владата Македонија стои:

„Затоа што Македонија падна на најниско ниво според медиумските слободи и лично ќе се вложам Македонија да се повлече од какви било листи на мерење на слободата на печатот; И за сите други анкети за кои сум известувал или ненамерно би можел/а да известам, а во кои Македонија не е во позитивен контекст“.

Кон првиот дел

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).