Пастирот и фирерот

02.04.2013 11:33
Пастирот и фирерот

Необичниот начин на дејствување сигурно беше вграден во личноста на водачот. Доминантен и заповеднички, но несигурен и склон кон двоумење; неспремен да носи одлуки, но и способен да спроведува одлуки на начин кој другите не можеа ни да го претпостават; истраен во одбивањето да повлече некое свое решение: сето тоа се делчиња од сложувалката која ја сочинуваше необичната личност на водачот. Доколку потребата за доминација била последица на длабоката внатрешна несигурност и на потсвесниот комплекс на пониска вредност, тогаш прикриеното пореметување на личноста сигурно било со огромни размери.

 

Силината на неговиот егоцентризам беше неизмерна. Пропагандната слика за „татковскиот однос“ ја прикажуваше неговата внатрешна празнотија. За водачот сите луѓе беа интересни само дотогаш додека имаше корист од нив.

 

Со цврстите ставови и со доминантната личност, тој беше способен - како што истакнува еден негов близок соработник - да засени кој било друг поединец во своето опкружување, па дури и оние кои во почетокот би покажувале одредена доза сомничавост. За возврат, така се засилуваа неговата самодоверба и чувството на непогрешивост. Наспроти тоа, тој се чувствуваше непријатно во друштвото на оние кои поставуваа чудни прашања или истапуваа со спротивни аргументи. Бидејќи неговата „интуиција“ - под што, помеѓу редови, неговиот близок соработник го подразбираше неговиот идеолошки догматизам помешан со тактичка флексибилност и опортунизам - не можеше да биде надвладеана со логички аргументи, водачот одбиваше да прифати какви било забелешки за коишто тврдеше дека доаѓаат од самонаречени сезнајковци. Меѓутоа, внимателно ги помнеше оние кои таквите критики ги упатуваа. Порано или подоцна таквите беа отстранувани.

 

Водачот алчно и безобѕирно ги користеше јавните средства. Поставуваше „стари борци“ на важните места. Големи количества пари отидоа за изградба на импозантни репрезентативни градби. Архитектите и градежниците беа богато наградувани. За некоја градба или уметнички проект кој ќе му се допаднеше парите не беа никаков проблем.

Популарноста на водачот во земјата достигна големи размери. Победата на бесрамноста над претпазливоста, се покажа, го засили неговото влијание над резервираните и сомничави надворешнополитички советници. Како што забележа еден друг негов близок соработник, тие едновремено ја прифатија и неговата убеденост во сопствената непогрешивост. Најголемиот придонес на водачот кон настаните кои имаа толку значајни последици се наоѓаше во неговиот коцкарски инстинкт, во блефирањето и во способноста да ги воочи слабите точки кај својот противник. Тој ги носеше клучните одлуки; само тој го одредуваше времето за нивно спроведување. Меѓутоа, малку други работи беа последица на неговото дејствување.

 

Во една пригода, на важен партиски состанок, водачот отворено се изјасни во однос на своите непријатели: „Јас не ги исправам кривите дрини по секоја цена, барајќи противник за борба. Јас не велам ’борба’ зашто сакам да се тепам. Наместо тоа, јас велам: ’Сакам да те уништам!’ И тогаш вештината нека ми помогне во тоа да те набијам во ќошот за никако да не можеш да ми возвратиш. И тогаш ќе добиеш удар директ во срцето.“

 

***

 

Мислите, почитувани читатели, дека му правам психолошки портрет на пастирот? На добар пат сте. Иако шесте горни белешки се однесуваат на еден друг пастир и фирер, Адолф Хитлер. „Блиските соработници“ кои зборуваат за водачот се Грегор Штрасер и Ото Дитрих. Книгите од кои се земени горните белешки се на Ото Вагенер (Hitler aus nächster Nähe, 1987), Фриделинд Вагнер (The Royal Family of Bayreuth, 1948) и Јан Кершо (Hitler 1889-1936: Hubris).

За крај еве уште две неодоливи одломки за сличноста меѓу пастирот и фирерот:

Кај него отсекогаш постоела опседнатоста со монументалното, грандиозното, спектакуларното. Авангардниот југендстил во архитектурата на Ото Вагнер не го допираше, како што беше случајот и со современата уметност која ја персонификуваше Густав Климт. Тој не покажуваше никаков интерес за културната револуција која го обележа крајот на столетието во Виена. Неговиот вкус во архитектурата и уметноста беше традиционален и антимодерен, цврсто вкоренет во неокласицизмот и реализмот на 19 век. Градбите, по негово мислење, служат исклучиво за репрезентација. Скиците, кои постојано ги правеше, секогаш прикажуваа монументални зданија. Со часови знаеше да ја образлага архитектонската историја на необарокните и класични виенски градби, фасциниран - како што подоцна ќе биде и како мајстор на пропагандата - со визуелното влијание на градбите коишто зборуваат за моќта и за нивното влијание врз поединецот.

 

На еден голем политички собир во Минхен 1936 година во својот говор Хитлер страсно призна:

„Чекорам со сигурност на месечар по својот пат, воден од Провидението.“

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото